Договорот за името носи надеж за Балканот | Северна Македонија | DW | 23.06.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Договорот за името носи надеж за Балканот

Постигнувањето согласност меѓу Атина и Скопје во деценискиот спор за името, може да има низа позитивни последици за регионот, но и за цела Европа, коментира весникот „Ди пресе“.

Доколку согласноста за името Република Северна Македонија што ја постигнаа премиерите на Грција и на Македонија, Алексис Ципрас и Зоран Заев, навистина биде спроведена, тоа ќе стави не само крај на деценискиот конфликт меѓу двете земји, туку ќе има и низа позитивни последици за овој дел од континентот и за цела Европа, оценува Франц Шаузбергер во гостинскиот коментар со наслов „Надеж за полет на Западниот Балкан“ во австрискиот весник „Ди пресе“.

Според Франц Шаузбергер, универзитетски професор од Салцбург и специјален советник на Европската комисија за Западен Балкан и Украина, тоа би било и „сигнал дека ЕУ - меѓу другото и благодарение на напорите на австрискиот еврокомесар Јоханес Хан - може успешно да ја игра својата улога на мировен посредник и тоа и покрај огромните тешкотии во сопствените редови“.

Весникот дава историски преглед на настаните околу Македонија и македонското прашање на крајот на 19. и во 20. век, и оценува:

„Доколку постигнатиот договор биде ратификуван, тоа може да има низа последици. За Македонија со тоа е отстранета значајна пречка за почеток на преговори со ЕУ за приклучување. Тоа значи дека веројатно ќе бидат почнати и преговори со Албанија. Двете земји се спомнуваат во пакет во стратегијата на ЕУ. Меѓутоа, Албанија мора прво да докаже дека е сериозна со правосудната реформа и дека се постапува остро не само против корумпираните правосудни службеници од пониските нивоа, туку и против највисоките судии.

Завршувањето на конфликтот меѓу Македонија и Грција може повторно да им даде полет и на преговорите помеѓу Србија и Косово. Косовскиот парламент неодамна сепак успеа да го ратификува спорниот договор со Црна Гора за границата... Дали македонско-грчкото решение ќе има позитивен ефект и врз решавањето на многу нерешени прашања меѓу националностите во Босна и Херцеговина, останува да се види. Доколку тоа не се случи, оваа земја ќе падне многу на листата на европска интеграција.

Griechenland - Alexis Tsipras und Zozan Zaev (Reuters/A. Konstantinidis)

Спроведувањео на договорот што го постигнаа Заев и Ципрас може да има позитивни последици не само за регионот, туку и за цел Европа, оценува „Ди пресе“

Останува надежта дека членките на ЕУ, пред сѐ скептиците и кочничарите од Франција, Холандија и делумно и Германија, на самитот на 28 јуни ќе го признаат напредокот на Западниот Балкан и ќе дадат зелено светло за почеток на преговори со Македонија и Албанија. Во секој случај, овој развој во македонското прашање, кој радува, придонесува за зајакнување на мирните перспективи на овој компликуван и нестабилен дел на нашиот континент и со тоа генерално придонесува за мирот во Европа“, оценува Шаузбергер во весникот „Ди пресе“.

 

DW.COM

Реклама