Добро утро г-не Груевски, на масата е Вашиот дневен хороскоп! | Северна Македонија | DW | 03.06.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Добро утро г-не Груевски, на масата е Вашиот дневен хороскоп!

Јавноста е шокирана од аудио-индициите, според кои бившиот премиер, освен приватните, можеби и политичките одлуки ги носел во согласност со астролошки прогнози. Аналитичарите не се изненадени.

„Се обидувате да се заштитите од некаков личен проблем или барем да го оставите во заден план. Денот е исклучително напрегнат за Девиците, но ќе се трудите да ги совладате нештата и да не дозволите да излезат од контрола. Во моментов ситуацијата е многу сложена. Од една страна се обидувате да внесете поредок во личниот живот, кој за жал, во моментов е доста збркан, а од друга страна, ситуацијата ве притиска за активна работа. Ќе се зголеми сомнежот во искреноста на соработниците околу вас. Ако не расчистите со тоа чувство, тешко ќе се справувате со работните обврски. Внимавајте на здравјето. Денеска се можни главоболки и отсуство на самодоверба. На интимен план - без поголеми промени“.

Ова е денешниот план што го скроиле ѕвездите за хороскопскиот знак Девица, под чиј астролошки закони потпаѓа поранешниот премиер и актуелен лидер на ВМРО-ДПМНЕ. Преземен е во целост од странски медиум и не е сигурно дали оваа прогноза се совпаѓа со она што би го претскажала извесна вработена со Царинската Управа на Македонија, која во четири очи реализирала долги и комбинирани астролошко-политички сеанси со Груевски. За оваа досега непозната и окултна страна во животот на бившиот премиер, јавноста дозна преку аудио-снимка објавена на каналот Јутјуб. Притоа, не станува збор за „бомба“ од големата ризница на незаконско следење на комуникациите, туку за разговор најверојатно снимен во кабинетот на Груевски. На тоа укажува фактот дека сеансата е прекинувана од телефонски повик (веројатно од секретарката), на што тогашниот премиер одговара: „Нека почека!“ (пристигнатиот соговорник).

Кој снимал?

Како започнувал работниот ден на поранешниот македонски премиер: со дневен распоред за работа или со сигналите што ги зрачел дневниот распоред на ѕвездите? Јавноста, која до вчера немаше никакви информации за окултниот интерес на Груевски, сега е шокирана од аудио-индициите што укажуваат дека тој освен приватните, можеби и политичките одлуки ги носел во согласност со астролошки прогнози.

Засега нема одговор и на прашањето кој го снимал овој разговор - премиерот или некој кој имал пристап во неговиот кабинет?

Директорот на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ вчера цел ден беше недостапен за разговор, а партиски функционери со кои контактираше ДВ даваа речиси идентични одговори: „Не сум слушнал таква снимка, не можам да коментирам“ или „Гледам коментираат нешто на Фејсбук за некаква гатачка, ама не знам за што се работи, на состанок сум“.

Mazedonien Anti-Regierungsproteste Nikola Gruevski Ex-Regierungschef

Засега нема одговор и на прашањето кој го снимал овој разговор - Груевски или некој кој имал пристап во неговиот кабинет?

Од разговорот се открива дека тој е снимен пролетта 2012 година и дека тоа не била единствена тет-а-тет сеанса. Таа се покажала како подобра варијанта од телефонските сеанси, кои биле многу пократки, поради што астролошката советничка заборавала или не стигнувала да му соопшти на Груевски многу важни детали.

По прикажниот нарцизам, презентиран преку нарачки за сликарско овековечување на важни мотиви од партиската историја на ВМРО-ДПМНЕ, аналитичарите не се изненадени ни од новоткриената окултна серија во премиерскиот живот.

„Егото, како мајка на месијанскиот синдром, е добар мотиватор и може да биде двигател за политичарите“, вели комуникологот Петар Арсовски.

„Но, ако не научиш да го контролираш, тогаш може да се претвори во комплекс, во несвесен дел кој полека метастазира до точка кога имагинарниот свет станува посилен од реалноста. Потоа, нарачуваш портрети, имаш секташки фантазми за опозицијата и бараш окултни гуруа. Тоа е синдромот на месијанизам заедно со манија на гонење. Во оваа фаза тој синдром брзо ќе стане поочигледен и ќе почнат да му бегаат најблиските“, вели Арсовски.

Mazedonien Skopje Führung der Regierungspartei

Проектирањето на самите себеси во т.н. уметнички слики делува депримирачки за демократијата, оценува Тахири

Реликти на комунизмот

За волја на вистината, Груевски не е единствениот политичар кој барал услуги од гатачки или астролози... Разликата е во тоа што оваа негова опсесија досега не беше позната за јавноста, особено не „политичката доза“ на советите. Многу регионални и светски политичари имале свои „државни“ астролози и претскажувачи, со тоа што нивните услуги ѝ биле познати на јавноста. И во мандатот на премиерот Љубчо Георгиевски, тоа не беше тајна. Такви совети даваше јасновитка која беше сопруга на еден тогашен министер за здравство. Политичкото потпирање на гатачки претскажувања, во современите демократии се третира како израз на лична слабост, несигурност, неодлучност, несериозност... Како „несериозност присутна во политиката на оваа власт“ ја оценува и аналитичарот Сефер Тахири, со став дека тоа дури и не заслужува неков коментар. Според него, нарачката на партиските слики, многу повеќе ја открива „природата“ на актуелната власт.

„Веќе не е никакво изненадување која било информација или постапка од страна на власта, којашто полека но сигурно се делегитимира, пред сѐ, од страна на граѓаните. Во оваа насока сметам дека и партиските слики за кои пишуваа медиумите, зборуваат дека нашето општество страда од реликтите на комунистичкиот режим. Глорифицирањето на водачот, односно идеологизацијата на партиските водачи е одлика на минатиот систем. Затоа, малку ме чуди од каде ваква жед кај политичарите во 2016 година да се однесуваат како комунистичките водачи од Источниот блок, притоа знаејќи дека ВМРО-ДПМНЕ е десна партија. Проектирањето на самите себеси во т.н. уметнички слики делува депримирачки за демократијата и за вредностите на едно либерално општество, кон која се стремиме. Но по сѐ изгледа етнонационализмот комбиниран со гол популизам и манифестиран преку квази-уметност, на некој начин ги изнесе на површина желбите на водачот или на водачите кои никако не можат да победат врз самите себе. Токму затоа ние денес имаме султан-партии, немаме внатрепартиска демократија и имаме водач кој решава за сѐ“, оценува Тахири.

Според социолози, она што партиските слики и гатачките го откриваат денес во битието на една, наводно модерна партија, е еден од препознатливите атрибути на 19. век, кога доминирала склоноста кон таинственост, мистификации, окултизам и верување во натприродни сили, кои на еден или на друг начин го управуваат нивниот живот и ја предодредуваат нивната судбина. Според нив, два века подоцна, тоа не е смешна, туку загрижувачка појава.

DW.COM

Реклама