Добри економски резултати- лоша иднина? | Економија | DW | 04.03.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Економија

Добри економски резултати- лоша иднина?

Солидниот економски раст во Германија резултираше со рекордни приходи во јавната каса. Тоа сигурно нема да ја поттикне сојузната влада на спроведување неопходни структурни реформи, стравува Ролф Венкел.

Во многу шефовски канцеларии во Германија би требало да владее славеничко расположение: и покрај кревкиот светски конјунктурен развој, покрај санкциите на ЕУ против Русија, покрај рецесијата и со неа поврзаниот пад на побарувачка во многу земји во стопански подем, на германската економија ѝ појде од рака да го зголеми (ионака огромната) економска добивка во мината година за 1,7 насто. Од тоа многу профитираа сојузните власти, покраините, општините и буџетите во социјалните установи. Тие во 201. година имаа приходи кои беа 20 милијарди евра поголеми од расходите.

За успехот се заслужни многу фактори. Тоа е за почеток позитивната состојба на пазарот на труд. Од месец во месец се објавуваат вести за рекорден број вработени, што доведе и до значителен раст на приходите на даночните власти и социјалните каси. Процуте и потрошувачката на граѓаните: оној кој не мора да стравува од губење на работното место, оној кој за гориво и масло за греење денес плаќа половина помалку отколку пред една година, тој секако е похрабар во донесувањето одлуки за купување- а тоа повторно ги радува и даночниците и трговците.

Wenkel Rolf Kommentarbild App

Ролф Венкел

Погубна политика

Да не ја заборавиме погубната фискална политика на нулта каматна стапка која ја спроведува шефот на Европската Централна Банка, Марио Драги. Со парите со кои го преплави пазарот од еднастрана се „преваросани“ буџетските проблеми на јужните членки на еврозоната, со тоа вештачки се одржуваат во живот „болежливите“ банки, односно, поедноставно кажано, со тоа на југот му се купува време, а од другатастрана му се помага и на германскиот министер за финансии да се спаси од сите буџетски грижи. Волфганг Шојбле воопшто не мора да плаќа камати за позајмените пари. И не е само тоа! Пензиските фондови, кои според своите статути или законски се обврзани да купуваат само првокласни обврзници, дури плаќаат камати за привилегијата да смеат да инвестираат во германските државни обврзници.

Како што реков: за успехот се заслужни многу фактори, но не и германската влада, а особено не нејзиниот министер за финансии Шојбле. Освен тоа што тој воопшто „не е виновен“ за тој паричен благослов, неговата политика на „позитивна нула“ во буџетот ( политика на врамнотежени приходи и расходи во буџетот) денес ја поддржуваат само симпатизерите на строгата политика на штедење. Сѐ повеќе ги има оние на кои им станува јасно дека строгата политика на штедење не смее да биде цел сама за себе. Оној кој денес не инвестира доволно во патишта, мостови, училишта, универзитети и наставници, тој лесно ја доведува сопствената иднина под знак прашање.

Случајност?

Можеби е само (среќна) случајност што истиот ден кога јавнитекаси ги објавија податоците за рекордните приходи, минхенскиот Ифо-институт јави дека третпат по ред се влошило расположението меѓу германските претприемачи. Својата моментална состојба тие ја оценуваат како позитивна, но она што им задава грижи е- иднината. И тоа не само поради кревката светска конјунктура и слабостите кои ги мачат земјите во транзиција, туку и поради тоа што и во Германија полека почнува да опаѓа конкурентноста. А нарачки нема затоа што Кинезите или Корејците испорачуваат најефтина стока.

Рекордните приходи во јавните каси само го поттикнуваат продолжувањето на досегашната политика, но не прават притисок да се спроведат структурни реформи. Во тој контекст споменатите 20 милијарди евра долгорочно би можеле да се покажат како „Тројански коњ“- доколку не се инвестираат на паметен начин.

Реклама