Добредојде на првиот училишен час | Северна Македонија | DW | 01.09.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Добредојде на првиот училишен час

Училишното ѕвонче по една година повторно заѕвони за сите ученици во Северна Македонија. Школската година започнува со многу предизвици и грч поради пандемијата. 

По една година пауза поради пандемијата, основните и средните училишта во Северна Македонија денеска ги отвораат вратите. Со задолжителни маски, мерење температура при влезот во училиштата и со дезинфекција на рацете, во услови на ковид-пандемија стартува учебната година во која децата повторно се вратија на настава во училишните клупи. Вчера ледот го скршија првачињата, кои присуствуваа на првиот училиштен час, а пред училишните врати, според сите протоколи и почитување на мерките против Ковид-19, беа пречекани од нивните наставници. 

Учебната година со физичко присуство не започнува само за учениците од Тетово и Гостивар, кои првите две недели наставата ќе ја следат онлајн. Владата синоќа го прифати барањето и на кризните штабови во Струга и Кичево и одлучи и таму наставата да започне онлајн во првите 7 дена.  

Неизвесност

По вчерашната „генерална проба“, родителите, професорите и учениците со неизвесност очекуваат како ќе тече претстојната школска година. 
„Сите сме во грч, напнати, во исчекување како ќе се одвива школската година, но враќање во нормала полека мора да има“, вели директорот на скопската гимназија „Корчагин“, Драган Арсовски за ДВ. Неговите стравувања не се дека децата ќе се заразат во училиште, бидејќи ќе се преземат сите мерки за да се спречи ширењето на Ковид-19 меѓу училишните клупи. 

-повеќе на темата: Учениците се враќаат во клупите со маски и строги протоколи

Проблемот, според него, е што ќе се случува кога децата ќе заминат од училиште и ќе ги продолжат дружбите надвор, потоа групирањето во автобускиот превоз, но и во кафулињата, каде што го поминуваат слободното време. „Училиштето е најмал проблем, бидејќи тука ќе бидат ангажирани сите професори и кадар за да се одржува и редот и дистанцата меѓу децата за да не дојде до заразување“, вели тој. 
Голем проблем е и тоа што малкумина од децата се вакцинирани и постои слаб интерес за тоа. За разлика од нив, кај професорите е поинаква ситуацијата. Арсовски вели дека од над 70 професори во училиштето, само четворица не прележале и не се вакцинирале против Ковид-19. 

Nord-Mazedonien I Coronavirus I Bildung

Родителите, професорите и учениците со неизвесност очекуваат како ќе тече претстојната школска година.

„Се што можевме направивме изминатиов период, обезбедивме резервни маски, средства за дезинфекција, бесконтактни топломери за мерење температура при влезот во училиштето. Но, најголем проблем ќе ни биде што ќе се случува откако децата ќе ги напуштат училниците“, дециден е тој. 

Протоколи и правила

Годинава во училиштата ќе мора да се применуваат поинакви правила на игра. Станува збор за долга листа на протоколи која што ја објави Министерството за образование и наука со која се забранува каков било физички контакт и поздравување помеѓу учениците и вработените во училиштето. На секој ученик ќе му биде измерена температура пред да влезе во училиштето. Ако таа е повисока од 37, 4 степени тогаш нема да му биде дозволен влез во училиштето. Истите правила важат и за вработените во училиштето. Во протоколот кој има 38 точки, се наведува дека секоја училница и инвентарот треба да се дезинфицира по завршувањето на секоја смена. 

-повеќе на темата: Филипче: Опаѓа бројот на новозаразени, нема пречка да почне школската година

Вентилирањето на самите училници е забрането да се случува со уреди, туку треба да има отворени прозори, отворени врати. Учениците во текот на одморот може да излезат надвор за да може да ги извадат маските, но со престојот во училница треба да има постојана дезинфекција на површините. 

Различни сценарија

Во меѓувреме училиштата се подготвуваат за сите сценарија за учење кои треба да се спроведат во учебната 2021/2022 година. Доколку се влоши состојбата или вирусот почне да се шири во училиштата, подготвени се алтернативни решенија. 
„Во тој случај, здравјето на децата нема да биде доведено во прашање. Со оглед на тоа што искуството од минатата година покажа дека трансмисијата на вирусот во училиштата беше прилично ниска, нема такви очекувања“, порача министерот за здравство, Венко Филипче. 

Nord-Mazedonien | Coronavirus | Schultstart

Учениците во текот на одморот може да излезат надвор за да може да ги извадат маските, но со престојот во училница треба да има постојана дезинфекција на површините.

Ако ученик развие симптоми на Ковид-19 додека е во училиште, наставникот го изолира ученикот во посебна просторија со задолжително носење на заштитна маска и веднаш ги известува родителите, кои во најкраток временски период треба да го земат детето со цел консултација и натамошни активности со матичниот лекар на ученикот. Доколку се потврди дека ученик е заболен од Ковид-19, се известува епидемиолошката служба во Центарот за јавно здравје кој итно треба да направи анкета со наставниците и учениците за проценка на степенот на ризик врз основа на контактите кои ги имале. За учениците кои се позитивни на Ковид-19 или се во самоизoлација, наставата може да се реализира преку учење од далечина. Доколку епидемиолошката ситуација се промени и се забележува повторно ширење на вирусот, може да се донесе одлука да се одвива со учење од далечина. 

-повеќе на темата: Учебна година: Имате 36.9? Среќен почеток!

Ослободени од физичка настава може да бидат ученици со ретки болести или попречености, деца од семејства со хронични болести, по барање од родителите, како и од други немедицински причини, а дозвола ќе даде училиштето. 

На светско ниво, според УНИЦЕФ, од почетокот на пандемијата 900 милиони деца не одеа на училиште. Северна Македонија лани имала недостиг од 52 недели на учење со физичко присуство, а во Европа таа бројка била 24 недели. Враќањето во училишните клупи го поздрави Патриција ди Џовани, претставничка на УНИЦЕФ во земјата. „Онлајн учењето се покажа како добра алатка за наставниците, но никогаш не беше предвидено да стане единствената методологија за настава“, порача таа.