Добар сигнал за климата | Свет | DW | 05.09.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Добар сигнал за климата

САД и Кина сакаат да го ратификуваат Договорот за заштита на климата. Тоа е многу добар сигнал, но е само еден чекор во процесот кој ќе трае долго, оценува Соња Ангелика Дин.

Историски и со голем дострел - ратификацијата на парискиот Договор за заштита на климата од страна на САД и Кина сигурно може така да се оцени. Чекорот е историски затоа што САД, како што е познато, се спротивставуваа на ратификација на претходниот протокол за климата - Протоколот од Кјото. Со голем дострел затоа што промената на климата е веројатно најголемиот предизвик за човештвото.

Климата се промени значително во изминатите 25 години, и тоа не само сликовито, туку и буквално. Изминатата 2015 година беше најтоплата година откако се мери температурата, а оваа 2016 година секој месец се урива рекордот на топлина. Тоа укажува на нови нормални вредности на климата, кои се повисоки од предвидените растечки просечни температури на глобално ниво. Сѐ почестите невремиња и со тоа поврзаните феномени - бури, поплави, суши, пожари, се исто така предвесници на една иднина, во која климата излегува од рамнотежа. Колку повеќе почнуваат директно да се чувствуваат промените на климата, толку повеќе светските државници почнуваат да ја сфаќаат сериозноста на проблемот.

Клучен сигнал

Оваа промена на свеста, комбинирана со добра дипломатија и неуморен ангажман во тешките преговори, го подготвија патот за нов Договор за климата, кој ветува успех, а за кој минатата година согласност во Париз постигнаа околу 200 земји. И покрај сите слабости, овој Париски договор има потенцијал да го запре бесмисленото согорување фосилни енергенси, кои се одговорни за испуштањето јаглерод диоксид од што се загрева нашата планета.

Само, без ратификација Парискиот договор нема вредност. За да стапи во сила, неопходно е да биде ратификуван од најмалку 55 земји кои се одговорни за 55 проценти од глобалната емисија на издувни гасови. Досега договорот е ратификуван од 23 држави, кои се одговорни за нешто повеќе од еден процент од емисијата на издувни гасови во светот.

Sonya Angelica Diehn Environment Team Leader Teamchefin Umwelt

Соња Ангелика Дин

По најавите мора да следуваат дела

Кина и САД заедно продуцираат околу 40 проценти од издувните гасови. Оттука, најавата на овие две земји дека ќе го ратификуваат договорот, не е само голем чекор, туку е и сигнал за остатокот од светот: видете, најголемите економски нации се одлучија да ја намалата емицијат на ЦО2.

Европската унија, Индија, Русија и други големи продуценти на ЦО2 исто така најавија дека сакаат да го ратификуваат договорот. Може да се смета со тоа дека овие земји, по чекорот на САД и Кина, се охрабрени и дека по зборовите ќе следат дела.

Па сепак, ратификацијата на Парискиот договор е само еден голем чекор на патот кој е долг. Пат кој е полн со пречки.

Уште многу отворени прашања

Кога договорот ќе стапи во сила, ќе треба да се спроведат најавите. Државите потписнички ќе мора да ја насочат својата национална политика кон редукција на издувните гасови. Според договорот, проверка на она што е направено ќе се спроведува секои пет години.

Но, дали САД навистина ќе го одобрат и спроведат договорот? Тоа е и натаму под знак прашалник, со оглед на сите скептици, кои седат не само во Сенатот во Вашингтон. И републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп го става под знак прашалник пресвртот во климатската политика. Планот на Барак Обама за чисти енергии, со кој треба да се намали емисијата на издувни гасови во САД, и натаму е неизвесен. А Кина, која според сопствени наводи треба да ја намали емисијата на издувни гасови до 2030 година, сѐ уште нема конкретен план како тоа ќе се постигне.

Друга проблем: од каде ќе дојдат парите за Зелениот фонд за климата, со кој би требало да се ублажат промените на климата и да им се пружи поддршка на земјите при намалувањето на ЦО2? И, не како последно, се поставува многу конкретното прашање - дали светот ќе дејствува доволно брзо и ефективно, пред да стане предоцна?

Брзи и ефективни мерки

Експертите за климата предупредуваат дека постои определен момент од кој климата станува нестабилна. Последиците веќе се чувствуваат и може да доведат до целосно топење на арктичкиот леден масив или топење на пермафростот во Сибир. Освен тоа, емисиите на ЦО2 остануваат во атмосферата со децении. Има експерти кои сметаат дека веќе сега е предоцна, дека ограничувањето на глобалниот пораст на температурата на 1,5 степен, како што предвидува Парискиот договор, требало да се направи порано.

Оттука, политичката волја за запирање на промената на климата, мора значително да се зајакне. Емисијата на издувни гасови мора значително да се намали и тоа треба да се стори амбициозно и многу бргу за количеството на јаглерод диоксид во атмосферата да се намали најдоцна до средината на овој век.

Доколку таа цел не биде постигната, стравувам за нашата иднина.

DW.COM

Реклама