1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Nordmazedonien Ex-Umweltminister Toni Popovski
Фотографија: privat

Добар план, и половина од работата е завршена

Тони Поповски
8 мај 2021

Со заедничко носење на Националниот развоен план би се направила суштинска позитивна разлика од минатото на делби и недоразбирања за стратешки прашања. Пишува Тони Поповски

https://p.dw.com/p/3t4d1

Започнати се подготовките за формулирање на повеќегодишен Национален развоен план. Оваа објава е кулминација на владиното темпо стакато. Му претходеше објавување на Акција 21 – Европски стандарди дома, проследено со Агенда: Европа дома и Акција 21  - План за борба против корупција, а најавен е широк консултативен процес за создавање на десетгодишна Стратегија за надворешната политика – Рефлексија 2030.  

Отсвирените тонови на владиното пијано звучат благопријатно за ушите на јавноста. Плановите се амбициозни какви што треба да бидат. Нивното ефикасно спроведување би требало да предизвика благопријатен ефект за очите, но и да бидат опипливи за другите тактилни органи на претежно критички настроената јавност. Рацете на изведувачите треба да останат чисти. 

Пијано нобиле на политичките архитекти

За јавноста, пристапот кон планирање на развојот е неатрактивна тема, особено во споредба со урбанистичкото планирање. Причина е што исходот од второто го гледаме, а од првото едвај го насетуваме и разбираме, поради комплексноста, навиката да не се чита, а притоа да се коментира, придружено со какофонија на политички фалби, резерви и критики. 

Со цел развојното планирање да изгледа сериозно, владите се обидуваат нивниот развоен концепт да наликува на ренесансна палата со темелно и атрактивно приземје, т.н пиано нобиле. Оваа концептуална палата согласно со дефиницијата на ренесансата, треба да ја симболизира транзицијата од „средниот век" на претходникот (или барокот во нашиот случај) во новото и модерно време. 

Носивост на планерската почва

Со цел да се избегне претерано солирање на јавните пијана и другите политички инструменти и да се пресретнат ризици од какофонија и фалш звуци, практиките, особено во Европската Унија, упатуваат на консолидација на планерската почва со јасни и цврсти нормативни решенија. 

Во моментов, нашата нормативната рамка наложува носење на два интегрални, повеќегодишни стратешки развојни документи во законодавниот дом. Првиот е Просторниот План на Републиката, а вториот е Стратегијата за регионален развој. Тоа се развојни политики од највисок ред. Притоа, се дозволи Просторниот План да истече без да донесеме нов, но сепак, започната е негова подготовка и планот треба да се однесува за нареден период од најмалку 15 години. Со носењето на новиот Закон за урбанистичко планирање беше раздвоена оваа проблематика од просторниот развој и во очекување сме да започне процес на подготовка на засебен Закон за просторно планирање. Поврзано со регионалниот развој, на донесувањето на новата Стратегија за периодот до 2031 година и претходеше донесување на нов Закон за рамномерен регионален развој. Покрај овие две суштински развојни политики, со валидно времетраење до 2030 година е Националната стратегија за одржлив развој. 

-претходни колумни: Два процеси и еден пркос

При постоење на нормирана нужност од трите погоре наведени повеќегодишни, интегрални  развојни стратегии, сепак најголемо реално влијание врз нашето битисување имаат други три стратешки документи, по овој приоритетен редослед: Фискалната стратегија (истата е основа за буџетирање) и претставува рефлексија на дел од Програмата на владата за период од три години за кој има „вистинска“ намера да се спроведе, Програмата на економски реформи која се усогласува со Европската Комисија и Националната програма за усвојување на правото на ЕУ (веќе подолг период не е ажурирана но во моментов  е отворен консултативен процес).  Овие три документи се „скриените“, но најмоќни звуци на стратешкото развојно планирање кај нас. 

Каков Национален развоен план ни е потребен? 

Од образложението на владата, може да заклучиме дека Националниот развоен план, првенствено ќе има економска интонација, бидејќи примарно цели кон зголемено учество на реалната економија во создавањето на БДП на државата, во моментов близу 25%, наспроти јавната потрошувачка која учествува со цели 65%. Планот треба биде подготвен низ широк партиципативен процес до крајот на годината и ќе се однесува на нареден период од две декади. 

Во продолжение, две концептуални прашања кои заслужуваат одговори. 

Дали Националниот развоен план ќе го донесе Владата или Собранието? За второто, е неопходен широк партиски и општествен консензус. Пожелно е претходно да се донесе специјален закон, бидејќи за подготовка и донесување на планот во моментов не е утврдена експлицитна законска обврска. Со специјален закон за развојно планирање  може да се уреди хиерархиската поставеност на сите развојни планови и потребата од хармонизирање на интегралните и поединечните секторски политики. Националниот развоен план може да биде замена за Националната стратегија за одржлив развој доколку покрај економскиот, доследно се адресираат предизвици поврзани со социјалниот и еколошкиот столб на развојот. 

-претходни колумни: Големиот театар и малата сцена

Постои квалитативна разлика, дали еден (извршната) или двата столба на власт (извршната и законодавната) ќе застанат зад овој план. Секако дека план донесен во Собранието со убедливо мнозинство би имал многу поголема специфична тежина, многу поширока сопственост и би бил многу поостварлив.

Дали подготовката и усвојувањето на Националниот развоен план е оправдано пред објавување на резултатите од Пописот на населението и домаќинствата? Доколку планот е примарно фокусиран на економскиот столб на развојот, обусловеноста со „свежи" податоци е помала поради постоење на поредовно ажурирана економска статистика. Доколку планот се прошири на другите два столба, социјалниот и еколошкиот, препорачливо е да се почека на податоците за населението и домаќинствата со оглед на нивната застареност.  

Од реторичка заложба до конечно утврдување на државните стратешки интереси

Во начело, Националниот развоен план треба да биде наша заедничка, општоприфатена, натпартиска и надетничка, а со тоа и клучна развојна политика. Некаква гаранција дека овој предуслов е остварлив, е обезбедената поддршка од меѓународните развојни партнери на државата за процесот на негова инклузивна подготовка. 

Обезбедувањето широк консензус за стратешкиот развоен правец на државата би бил одличен вовед во наредни редовни собраниски избори, на кои за првпат не би доминирале спротивставени стратешки развојни концепти. Второто е наша клучна и постојана слабост. Постигнат консензус би нѐ легитимирал како држава со висок степен на политичка култура, свест и посветеност на сите чинители за остварување на заеднички утврдени стратешки развојни цели. Следствено, би оствариле поубедлив имиџ на примерен, сериозен, стабилен и предвидлив партнер на регионот и на Европската унија. Со постојаните внатрешни делби и кавги, и недостаток на широк консензус за стратешки прашања, се постигнува сосема спротивен ефект. Убеден сум дека ниту една од политичките партии нема да изгуби во интегритет ако застане зад Национален развоен план, земајќи активно учество во неговата подготовка. На власта е обврската да ги создаде сите услови за непречено учество, а на опозицијата да покаже добра волја за конструктивна и продуктивна соработка. 

Квалитетно подготвен и широко поддржан Национален развоен план би бил наш соодветен и конкретен придонес кон Конференцијата за „Иднината на Европа“. 

Втор, но не помалку суштински предуслов, е да се создаде ефикасен механизам за спроведување на планот.  Спроведувањето е наша вообичаена слабост. Со добар план, само половина од работата е завршена. 

Тони Поповски е архитект и политиколог, и прв Министер за животна средина.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

загадување Скопје

Стотина граѓани сакаат да „посвојат“ мерна станица во Скопје

Прескокни го блокот Повеќе теми
Врати се на почетната страница