Дијаспората забрзано се попишува, нема опција пописот да се одложи | Северна Македонија | DW | 22.03.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Дијаспората забрзано се попишува, нема опција пописот да се одложи

Само за едно деноноќие се попишале над 23 илјади македонски државјани кои живеат или престојуваат во странство, со што вкупната бројка достигна 121.580 лица  

Расте интересот на иселениците за самопопишување преку електронска апликација. По стагнацијата изминатите денови, само за едно деноноќие се попишале над 23 илјади македонски државјани кои живеат или престојуваат во странство, со што вкупната бројка достигна 121.580 лица. Од Владата денеска повторно порачаа дека пописот е од витално значење за државата за понатаму да може да се прават стратегии за развој. 
Јасмина Ѓоргиева од Државниот завод за статистика вели дека зголемениот интерес на дијаспората за самопопишување се должи на нивна подобра информираност за важноста на статистичката операција. Најголем интерес за попишување има и понатаму во Швајцарија, Германија и Италија.

Пописот ќе биде безбеден

И во случај да продолжи да расте бројот на заболени од Ковид-19, пописот нема да се одложи, но ќе бидат преземени сите потребни протоколи од здравствен аспект, уверуваат надлежните. „Правиме се што е потребно за заштита на населението. Имаме прецизни протоколи, скроени за безбедно спроведување. Подготвени сме за секој детал, за секоја ситуација и сите постапки течат непречено. Протоколот го изработи Комисијата за заразни болести. Стандардите за заштита се највисоки и во целост ги штитат граѓаните и попишувачите. Пописот се спроведува и ќе се спроведе целосно безбедно, по сите стандарди без застој. Овие протоколи и досега давале целосна заштита во други процеси", вели портпаролот на Владата, Душко Арсовски. 

-повеќе на темата: Симовски за пописот во НЦЦ: Одамна сме под два милиони

Во тек е првата фаза од пописот, со која беа опфатени притворениците и затворениците, бездомните лица, како и учесниците во странските мисии, вработени во амбасади и конзулати. Попишувањето на дијаспората е во тек, а пописот на резидентното население во С. Македонија ќе се спроведе од 1 до 21 април. Викендов заврши последниот дополнителен конкурс за попишувачи, на кој се пријавиле над 2.600 лица или околу 800 повеќе од она што е потребно. 

-повеќе на темата: Попис 2021: Дијаспората се „буди“, се попишале над 82 илјади лица

Учеството во пописот е задолжително, кривично се одговара само за поттикнување на бојкот на статистичката операција, а против тие што ќе одбијат да се попишат ќе биде почната прекршочна постапка, за што казните се до 300 евра. Доколку попишувачот на точната адреса не најде никој од семејството дома, тој има обврска да остави белешка, кога повторно ќе дојде на таа адреса, а тоа може да се случи и три или четири пати. 
Во однос на партиските повици за одложување на пописот или за негов бојкот, Ѓоргиева изрази уверување дека граѓаните ја разбираат важностса на статистичката операција за државата, како и за нив самите и дека бојкот нема да има.

Групи и Османи ја мобилизираат дијаспората

Вицепремиер Артан Груби на Фејсбук објави дека благодарејќи на мобилизацијата бил прифатен апелот на влијателните Албанци и само во изминатиот ден биле регистрирани 23 илјади државјани на Северна Македонија што живеат во странство. Со тоа, бројката на лица од дијаспората што се попишале надмина 100 илјади. Ваквата порака тој ја испрати пред посетата на Тирана, каде оствари средба со претседателот на Албанија, Илир Мета. Со него разговарале и за пописот како витален проект, по што упатија повик кон дијаспората да се вклучи во давањето поддршка за пописот на населението „како витален проект за Албанците во земјата и во дијаспората“ и заедно заклучиле дека е важно да се знае точниот број на Албанци.

-повеќе на темата: Попис или збир на провокации против пописот

Груби на истата тема разговарал и со градоначалникот на Тирана, како и со лидери на партии и исто така побарал од нив да се вклучат во повиците дијаспората во што поголем број да се самопопише преку елетронската апликација на Државниот завод за статистика.