Дијалог власт-опозиција: Кој прв ќе попушти? | Македонија | DW | 24.07.2014
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Дијалог власт-опозиција: Кој прв ќе попушти?

Власта очекува потег од Заев, а опозицијата од Груевски: обновувањето на дијалогот станува заложник на фактот дека ниедна партија не сака да остави впечаток дека „прва попуштила“

Веќе еден месец нема никакви разговори ни на високо, ни на пониско ниво за продолжување на разговорите меѓу власта и опозицијата, кои треба да придонесат за прекин на опозицискиот бојкот на Собранието. Првата лидерска средба меѓу Никола Груевски и Зоран Заев доживеа фијаско на 24 јуни и разговорите беа прекинати, откако премиерот и лидер на владејачката ВМРО-ДПМНЕ се изјасни дека за него е неприфатливо едно од барањата на СДСМ - формирање техничка влада, која по исполнување на другите услови ќе организира фер и демократски избори. Од тогаш до денес нема никаква средба меѓу двајцата лидери, а недостигот од тет-а-тет комуникација се компензира со „пробни балони“ кои ја тестираат подготвеноста на партиите за продолжување на разговорите.

Како што објавија медиумите, повикувајќи се на висок функционер на ВМРО ДПМНЕ, власта би предложила опозицијата да раководи со Државниот Завод за ревизија, Државната комисија за спречување на корупција и со Агенција за медиуми. Партијата на Груевски била подготвена да разговара со социјалдемократите за овој пакет, но истиот извор вели дека во него не влегува барањето за формирање техничка влада. Ваквите информации во СДСМ ги протолкуваа како „обид на Груевски да глуми конструктивност“, и повторија дека преговорите може да почнат само под услов да се стават на маса сите барања на опозицијата.

Нема разговори

И додека во јавноста завладеа впечатокот дека сепак нешто се случува на темата „дијалог“, од штабовите на двете партии признаваат дека во моментов разговорите не се помрднати од мртва точка. Нема никакви разговори, вели заменик-претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска и нагласува дека позицијата на социјалдемократите е кристално јасна.

Mazedonien - Parteichef Zoran Zaev

Зоран Заев и Радмила Шекеринска

„На Македонија и се потребни преговори помеѓу власта и опозицијата, но само доколку тие значат договор околу суштински, а не козметички прашања. Токму поради тоа, СДСМ излезе со конкретни теми за кои сметаме дека мора да се дискутира: медиуми, изборни правила и избирачки список, попис, одвојување на државата од партијата и техничка влада која би ги организирала следните избори. Сѐ додека преговорите не започнат, брифинзите од ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат само купување време и производство на политичка магла“, децидна е Шекеринска.

Индикативен е фактот дека неделава во Македонија престојува Петер Ванхоут, белгискиот експерт за независност и јакнење на парламентот како институција, кој од делегацијата на ЕУ во Скопје беше назначен да посредува во разговорите меѓу власта и опозицијата. Но, иако присутен, тој досега не побарал ниту одвоени, ниту заедничка средба со лидерите на двете партии. Дипломатски извори упатени во мисијата на Ванхоут, велат дека во овој момент тој и не мора да се сретне со партиските лидери, за да може да извлече консеквентни заклучоци дали има и какви се во моментов условите за продолжување на разговорите. Според нив, „на пример, фактот дека во отсуство на опозицијата е дадено зелено светло за важни прашања, како што се измените на Уставот, е еден од индикаторите кој ја портретира атмосферата, зрелоста, искреноста и подготвеноста за разговори“.

Заев е на потег

Во владејачката ВМРО-ДПМНЕ не губат надеж дека разговорите ќе продолжат. Политичкиот дијалог меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, порано или подоцна, сигурно ќе продложи, вели потпретседателот на Собранието, Антонио Милошоски.

Wahlen in Mazedonien Antoni Milososki

Антонио Милошоски

„Но, за тоа се потребни разумни барања и ставање на државните пред партиските интереси. Сметам дека Заев е на потег. Како прв човек на опозицијата треба да размисли што значи бојкотот на Собранието и непризнавањето на резултатите од изборниот натпревар во кој и самиот тој, до последниот момент, активно учествуваше. Од денешна гледна точка, барањето за техничка влада е сосема нелогично да го поставува градоначалник на една голема општина, кој во изминативе осум години не ни помислил да постави технички градоначалник пред изборите на кои победувал. Затоа сметам дека сите други теми, како што се медиумите, судството и изборното законодавство, се легитимни за политичкиот дијалог и не би требало да бидат заложници на едно неиздржано барање за техничка влада. Во моментот кога раководството на СДСМ ќе го апсолвира ова прашање, во истиот момент ќе продолжи и политичкиот дијалог за кој ВМРО-ДПМНЕ е целосно подготвена, пред сѐ, заради угледот на Македонија. Втората компонента без која политичкиот дијалог би бил нецелосен, е учеството на опозицијата во работата на Собранието. Тоа е чекор кој ја покаже политичката зрелост на државата, без за тоа да ни бидат потребни посредници, ментори и олеснувачи со меѓународни дневници. Поминаа 23 години од нашата независност и како држава време е да пораснеме, без разлика дали припаѓаме на власта или на опозицијата“, порачува Милошоски.

Додека ВМРО-ДПМНЕ следниот потег го очекува лично од Заев, опозицијата истото го очекува лично од Груевски. „Ние ги соопштивме нашите барања. Сега Груевски е на потег“, велат од СДСМ.

И по цена на препораката

Од ваквата пинг-понг партија, може да се заклучи дека во моментов ниту една партија не сака да остави впечаток пред гласачите дека „прва попуштила“. Кон што води непопустливоста и до кога може да трае? Според дипломатски извори, посредникот во дијалогот им остава време на двете партии самите да ја почувствуваат потребата од обвновување на разговорите. Тој би се вклучил, откако би почнале преговори за конкретни прашања од корпусот на предложените теми.

Opposition Mazedonien Rücktritt

Опозицијата го бојкотира парламентот

Според партиски извори, пак, ако не се обноват разговорите, постојат две варијанти. Според првата, пооптимистичка, се очекува разговорите сепак да продолжат во втората половина на август, но исклучиво по барање и со посреднишво на меѓународниот експерт, бидејќи ќе стане јасно дека дотогаш ниту една партија нема прва да повлече потег во таа насока. Според втората, помалку оптимистичка, нова средба помеѓу Груевски и Зоран Заев ќе има дури наесен, откако Европската Комисија ќе го објави извештајот за напредокот на Македонија. Но, се поставува прашањето каква и колкава ќе биде цената на отсуството на дијалогот и може ли Македонија заради тоа да ја изгуби препораката за преговори со ЕУ?

„Преговори за техничка влада со опозицијата нема да има и доколку цената за тоа биде губење на препораката за почеток на преговорите со ЕУ во есенскиот извештај“, изјави премирот Груевски пред десетина дена, одговарајќи на новинарско прашање.

„Барањата на СДСМ се исклучиво во интерес на Република Македонија. ВМРО-ДПМНЕ е осма година на власт и одговорноста за евентуално дополнително комплицирање на евроинтеграцискиот процес на државата е исклучиво кај Груевски и неговата власт“, реплицираат од СДСМ.

Според ваквите најави, кои дополнително ја мобилизираат непопустливоста, станува извесно дека прв ќе „попушти“ европскиот посредник. Колективната одговорност за деблокирање на дијалогот ќе биде супституирана со индивидуалната инцијатива на Ванхоут.

Реклама