Дијалог Белград - Приштина - „иднина“ од бриселските ходници | Свет | DW | 26.02.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Дијалог Белград - Приштина - „иднина“ од бриселските ходници

Во Брисел продолжуваат техничките преговори меѓу Белград и Приштина, еден месец по убиството на Оливер Ивановиќ, една година по последниот состанок, пет години по Бриселскиот договор и седум по почетокот на дијалогот

10 Jahre Kosovo Unabhängigkeit (DW/DW/Marjan Ognenovski)

Поглед од мостот во Митровица

Кога на 8. март 2011. година почнаа разговорите меѓу Белград и Приштина,  предводени од Едита Тахири, Борко Стефановиќ и Роберт Купер, бројни европски медиуми беа собрани во зградата на Европскиот совет за да известуваат за настанот кој доби епитет „историски“. По години тензии, злосторства, воени разорувања и молк, се тргна во изградба на нови односи меѓу Србите и Албанците со посредство на ЕУ.

Како одминуваше времето, а маратонските состаноци стануваа сѐ подолги и воглавно без јасен исход, медиумската придружба на дијалогот се сведе на неколкумина српски и албански новинари, кои малку од шега, а малку поради веќе виденото, бриселските разговори ги нарекоа „дијалог без иднина“ - пародија на името на панк-групата „Генерација без иднина“ во која некогаш настапуваше тогашниот главен српски преговарач.  

На сите им беше јасно дека за сериозни конфликти се потребни сериозни напори, храброст и лидерство заради доаѓање до компромиси. Седум години подоцна, по безборј часови разговори, состаноци и уште побројни различни интерпретации, промени на учесниците, владите и посредниците и натаму се зборува за неопходност од „нормализација“ на односите и примена на договореното.

Повеќе на темата: 

На Косово нема многу причини за славје

Западен Балкан: Еден по еден или заедно во ЕУ?

Могерини оптимистична

На агендата на дводневниот состанок на експертските делегации на Белград и на Приштина денеска и утре (26. и 27. 02) се наоѓа примената на договорите за кои се разговараше на самиот почеток на дијалогот, како слободата на движење, регистерски таблички, административни граници, односно премини. Ќе се зборува за уште неприменетите договори кои го прават ‘рбетот на Бриселскиот договор од 2013. година, а тоа се формирањето на Заедница на српските општини и енергетиката.

И покрај отворените прашања, на кои одговорот уште не се наѕира, шефицата на дипломатијата на ЕУ Федерика Могерини, посредничка во дијалогот, е оптимистична, најавува „нова фаза во дијалогот“ која би водела кон сѐопфатно и одржливо решение.

„Очекувам новата фаза да влезе во својата полна брзина до крајот на годината. Активно работиме на содржината, не само на рамките, гледам можност за квалитативен исчекор до крајот на 2018. година, можеби и порано. Двете страни се одлучни и имаат внатрешни политички услови за постигнување резулатат“, вели Могерини.

Robert Cooper (Council of the European Union/Mario Salerno)

Роберт Купер, Едита Тахири и Борко Стефановиќ - преговори во почетната фаза

„Прифаќање“ или „признавање“ на Косово

Иако Могерини не прецизира што подразбира конкрето под „квалитативен исчекор“, новата Стратегија за проширување на ЕУ на Западен Балкан  јасно вели дека е „итно потребно завршување на сѐопфатен, правно обврзувачки договор за нормализација“, а дека неговата полна примена и функционалната нормализација на односите ќе бидат неопходни за затворање на пристапните преговори со Србија. 

Косово исто така ќе профитира значајно од спогодбата за дефинитивна нормализација со Србија, стои во документот.  Оваа формулација за „перспективата на напредок“ на Косово многумина ја оценуваат како недоволно јасна. Оттаму се јавуваат и шпекулации. За косовската страна тоа значи воглавно само едно - признавање на независноста, додека за српската страна тоа не подразбира само едно, а тоа е признавање на независноста на Косово.

Место за компромис сепак има, како опција се споменува влез на Косово во ОН, извршна автономија на Србите на Косово, како и посебен статус на Српската православна црква. Претседателот на Косово Хашим Тачи вели дека очекува „историски договор со Србија веќе оваа година“, кој според неговите зборови, не би значел моментално признавање на независноста од страна на Белград, но на Приштина би ѝ овозможил место во ОН.

За компликуваната ситуација да биде уште покомликувана, придонесоа и САД и Русија кои велат дека се спремни, ако затреба, „да се вклучат во дијалогот“.

ЕУ би сакала да види спогодба која ќе значи не само крај на судирот и стабилност на регионот, туку и успешност на политиката на ЕУ во своето „претсобје“. Федерика Могерини очекува до договорот да дојде пред крајот на нејзиниот мандат кој истекува во 2019. година.

Читајте нѐ и преку апликацијата на ДВ за андроид

DW.COM

Реклама