1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дискусија за студениот однос на Малта кон бегалците

Кристоф Хазелбах / Марта Таневска28 јули 2013

Медитеранскиот остров Малта е првата дестинација за многу бегалци. Малта е критикувана од ЕУ за нејзините обиди да ги задржи бегалците надвор од земјата. Но, и остатокот од ЕУ би можел биде дел од овој проблем.

https://p.dw.com/p/197sy
Фотографија: Reuters

Неодамна властите во Малта планираа да испратат група бегалци од Африка назад во нивната земја - Либија, веднаш штом пристигнаа во Малта, без проверка на можни барања за азил. Одлуката од Европскиот суд за човекови права во последен миг ги спречи да го направат тоа.

Владата во Малта беше предупредена од судот дека го прекршува правото на ЕУ и меѓународното право, ако им ја одбие на бегалците во Малта можноста за барање на азил. Судот исто така беше јасен дека спречувањето бегалците веднаш да бидат вратени назад не значи и дека тие имаат право да останат.

„Азилот е право, не привилегија“

Во меѓувреме, единаесет хуманитарни организации заземаа став против депортацијата во заедничка изјава, во која велат дека „закана за измачување и нехуман третман ги очекува миграните кои се вратени назад. Исто така тоа би било бесрамно прекршување на нашите меѓународни правни обврски“.

Организациите додаваат дека супсахарските африкански бегалци би се соочиле со тежок живот ако останат во Либија. Но, тие кои се обидуваат да дојдат во Европа и се вратени назад се соочуваат со уште посурова реалност.

Malta Flüchtlinge Protest
Хуманитарните организации велат дека супсахарските африкански бегалци би се соочиле со тежок живот ако останат во ЛибијаФотографија: Reuters

Надја Хирш, член на Европскиот парламент од Слободната демократска партија, се согласува дека е неприфатливо да им се скрати правото на барање азил на бегалците, со тоа што брзо ќе бидат депортирани.

„Не разбирам зошто во нашето општество на вредности е потребна интервенција од Судот за човекови права за да им се укаже на земјите членки дека азилот е потреба, а не привилегија“, вели Хирш.

Ефектите на Даблин 2

И покрај аргумените на луѓето на Хирш ситуацијата во Малта останува тешка. Премиерот на Малта Џозеф Мускат ја почитува одлуката на судот, но исто така зборуваше и за „национален интерес“ за да се стави крај на напливот од бегалци. Мускат исто така го наоѓа проблемот и во малата поддршка од останатите земји на ЕУ. Тој преговара со претседателот на Европскиот совет Херман ван Ромпој и Либиската влада за да ги решат следните чекори.

Но, тие нема да го решат главниот проблем, што потекнува од одлука наречена Даблин 2. Оваа резолуција, договорена од Европските министри за внатрешни работи во 2003 година, наведува дека бегалците мора да поднесат барање за азил во земјата во која влегле во ЕУ. Тоа значи дека не им е дозволено да патуваат во други земји на ЕУ. Од ова се засегнати повеќе земји поради нивната географска позиција. Таков пример се Италија и Грција, но исто така е и малата островска нација Малта, која не е далеку од африканскиот брег.

Широко распространување на бегалците низ ЕУ?

Високата концентрација на бегалци во некои земји е главната тема на дебатата. Хирш од ФДП вели дека е потребна „фундаметална промена“ за да се развие „формула за распределба“.

„Во тој случај Малта нема да има потреба да се потрпре сама на себе, бидејќи барателите на азил ќе бидат распределени во сите земји членки врз основа на нивното население и економската моќ“, вели Хирш.

Papst Franziskus Lampedusa Flüchtlinge Italien
Папата Франциско, во посета на италијанскиот остров Лампедуза, повика на солидарност кон бегалцитеФотографија: AFP/Getty Images

Ребека Хармс, политичар од редовите на Зелените во Европскиот парламент, оди чекор понапред до „фер распределбата“ на азилантите меѓу земјите членки. Во интервју за германскиот јавен радиодифузер СВР, во петокот Хармс повика луѓето кои имаат потреба да имаат и можноста едноставно да дојдат во Европа.

„Многу луѓе кои имаат право на азил не ни успеваат да дојдат во Европа“, вели Хармс, додавајќи дека европските земји имплементираат „политики на ладно срце“.

Северот ужива во статусот кво

Хуманитарните организации во Малта наведуваат на „лакмусов тест“ за земјата.

„Мораме да се спротивставиме на обидот да се фокусираме само на нашиот ’национален интерес’“, велат групите, потсетувајќи на неодамнешната посета на папата Франциско на блискиот италијански остров Лампедуза, каде повика на солидарност кон бегалците.

Сите обиди да се смени одлуката Даблин 2 досега беа неуспешни. Земјите кои не се засегнати, како Германија, немаат интерес да ја менуваат нормата, бидејќи тоа би значело прилив на бегалци и товар за обработка на барањата за азил.

Дури и соработката на темата, помеѓу ЕУ и државите како Либија, примарно се фокусира на спречување на луѓето да доаѓаат во Европа.