Директни разговори на Северна и Јужна Кореја | Свет | DW | 05.01.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Директни разговори на Северна и Јужна Кореја

Северна Кореја ја прифатила понудата од Сеул за средба на претставниците на двете земји. Централна тема ќе биде учеството на Северна Кореја на Зимските олимписки игри во Пјонгчанг.

Јужнокорејското Министерство за повторно обединување соопшти дека средбата ќе биде одржана на 9. јануари во пограничното место Панмунџом, во демилитаризирана зона. На разговорите меѓу другото ќе стане збор и за испраќање севернокорејска спортска делегација на Зимските олимписки игри во јужнокорејскиот град Пјонгчанг, но и за други теми поврзани со  подобрувањето на билатералните односи меѓу со децении закараните соседи.  Зимската олимпијада ќе се одржи од 9. до 25. февруари.

До повторното воспоставување дијалог доаѓа по неочекуваната понуда во таа насока од севернокорејскиот властродржец Ким Јонг Ун, изречена во неговиот новогодишен говор, во кој навести и намера за учество на неговата земја на Зимските олимписки игри. Во Сеул подадената рака беше веднаш прифатена и предложен и конкретен датум за разговорите. Во средата Северна и Јужна Кореја повторно ја воспоставија и пред две години прекината директна „жешка“ телефонска линија. Американскиот претседател Доналд Трамп ја поздрави подготвеноста за разговори, на тој начин испраќајќи сигнали за олабавување на тензиите од минатите месеци во конфликтот околу севернокорејската програма за атомско оружје. 

Повеќе на темата: 

Трамп: „Моето нуклеарно копче е поголемо“

Ким Јонг Ун: Нуклеарното копче ми е на дофат на раката

Во изминатиот период Пјонгјанг во повеќе наврати ја провоцираше меѓународната заедница со ракетни тестови и со шестиот, досега најголем тест на атомско оружје. Севернокорејското раководство се закани дека нуклеарното оружје има дострел до секоја точка од американската копнена територија. Советот за безбедност на ОН изврши некулкукратно заострување на санкциите против меѓународно изолираната земја.

Вчера САД и Јужна Кореја соопштија дека ќе се воздржат од одржување заеднички воени маневри за време на Зимските олимписки игри, со што исто така сакаат да придонесат за деескалацијата на конфликтот со Пјонгјанг.   

 

DW.COM

Поврзана содржина

Реклама