Дипломи на продажба: Сива трговија цвета во Македонија и во Босна | Северна Македонија | DW | 30.04.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Дипломи на продажба: Сива трговија цвета во Македонија и во Босна

Вистински бум доживува полулегалната индустрија. Може да купите докторат за 2.000 евра или магистерски труд по цена колку еден плазма-телевизор, покажува прекугранично истражување на новинари од Македонија и од БиХ.

Со Игор не беше тешко да стапиме во контакт. Неговите услуги, како еден од најплодните автори на академски трудови во Македонија, се објавени на многу огласи на интернет и во весниците.

Вие плаќате. Тој ја врши работата. Вие ја добивате дипломата.

„Тоа е легитимен бизнис“, ни рече тој преку телефон додека се натегавме околу цената на магистерската теза по предметот Интензивна медицинска нега - околу четири евра по страница, во зависност од сложеноста на тезата. Тој смета дека може да го напише трудот од околу 100 страници во период од околу еден месец.

„Ако ова е криминал, јас не би се осмелил да го работам истото веќе 10 години“, ни рече тој. „Јас сум семеен човек.“

Игор, кој тврди дека им помогнал на десетици луѓе, кои сега работат во големи компании, па дури и во државната администрација, да добијат титула магистер по науки или доктор, е само еден од стотиците луѓе што во туѓо име изработуваат вакви трудови на маргините на академските институции во Република Македонија и Босна и Херцеговина, две од најсиромашните и најкорумпирани земји од поранешните југословенски републики.

Додека нелегалната трговија со академски трудови е голем бизнис на Балканот, експертите велат дека Македонија и Босна ги надминале другите земји замижувајќи пред нелегално стекнатите академски звања.

Прекуграничната соработка на новинари во Македонија и во Босна откри дека постои високо организиран и ефикасен систем за подземна трговија со магистерски и докторати, а луѓето вмешани во бизнисот ги искористуваат дупките во законите, игнорантскиот однос на државните институции, соучествотото од некои академски граѓани како и с` поголемата побарувачка од студентите што не сакаат или не можат сами да си ја завршат работата.

Скриени во законски дупки

Лесно е да се види зошто побарувачката е голема, кога магистерска теза изработена од друго лице чини помалку од една дизајнерска чанта или може да купите докторат по цена за еден половен автомобил.

„Не грижете се“, не уверува Игор запрашан околу можноста да имаме проблеми при презентирање на трудот што тој ќе го напише. „Никој нема да ви забележи, бидејќи ќе го научите трудот, а вашето име ќе биде напишано на него. Затоа без грижа, ова не е кривично дело.“

„Значи, колку побрзо ќе ги прифатите условите, толку побрзо ќе завршам“, рече тој, додавајќи дека ги бара сите пари однапред, пред да напише дури и еден збор.

Ние не се согласивме за зделката, но разговорите со продавачите како Игор ни дадоа увид околу целиот систем на трговија со академски трудови.

Со Ива, која го работи истиот бизнис како Игор, контактиравме преку нејзината онлајн-реклама. Се понуди да ни напише магистерска теза по маркетинг за само 150 евра.

„Ќе ја имате тезата за само две, а можеби најдоцна до три недели“, ни рече таа на телефон. „Многу често изработуваме трудови од економските науки така што си ја знаеме работата. Тезата ќе пројде и нема да биде плагијат, ќе ја има својата основа. Истражувањето ќе биде оригинално, бидејќи во подготовката на трудовите работат и професионалци од областа која се истражува.“

Професионалци?

„Зборувам за професори“, рече таа, одбивајќи да ни открие какви било имиња.

Илија Ацески, професор на Филозофскиот факултет во Скопје, изјави дека е целосно свесен оти постои организиран систем за продажба на магистерски и докторски тези. Не беше воопшто изненаден што никој не се обидува да го спречи тоа.

Mazedonien lija Aceski Soziologe

Професор Илија Ацески: Институциите за високо образование се претворија во бизниси што работат врз основа на профит.

„Факултетите во Македонија, едноставно, не се заинтересирани за овој проблем“, ни рече тој. „Она што е важно за нив се парите од апликантите. Институциите за високо образование се претворија во бизниси што работат врз основа на профит.“

Како што универзитетите се фокусираат сѐ помалку на академските стандарди така на бескрупулозните студентите ќе им биде полесно да се протнат, смета тој.

„Системот е корумпиран. Така е направен за да можат поединци да заработат добри пари. Дури и некои од професорите постојано се во комисиите каде што ги оценуваат кандидатите за магистерски или докторски студии. Надоместоците се добри и тие добиваат пари без напор... Секој споделува парче од колачот.“

Со оглед дека постои огромен број огласи преку кои се нуди продажба на академски трудови, лесно е да се заклучи дека и побарувачката е во пораст. Статистиката, се чини, го поддржува ова тврдење.

Според податоците од Државниот завод за статистика на Република Македонија, 2.440 лица добиле титула магистер на науки и специјалист во 2015 година, што е за 11,2% повеќе отколку во претходната година. Околу 70% од магистерските трудови биле во општествените науки. Минатата година, 246 лица добиле звање доктор на науки, што е за 19,4% повеќе во споредба со 2014 година.

Истражувањето и пишувањето само на една магистерска теза трае околу шест месеци или повеќе, ни откриваат професорите - но некои од огласувачите ветуваат дека ќе ви ја достават пишаната теза за околу две недели до еден месец.

Адвокати и извори во Министерството за образование потврдуваат дека продажбата или купувањето академски трудови напишани од трети лица технички не е кривично дело, што им олеснува на студентите да научат доволно од содржината на трудот за да го положат и да го протнат пред професорите како сопствено истражување.

Anwalt Ognen Jovanovski

Адвокатот Огнен Јовановски: универзитетите може да ги санкционираат само студентите чиј труд е плагијат

Огнен Јовановски, адвокат од Скопје, ни вели дека законската дупка е, всушност, тоа што универзитетите може да ги санкционираат само студентите чиј труд е плагијат, што обично не е случај со ваквите трудови напишани од трети лица.

Додава дека властите не можат да ги гонат продавачите ниту за нерегистриран бизнис.

„Овој вид активност не може да се регистрира во соодветниот Централниот регистар на стопански комори, од едноставна причина што пишувањето научни трудови треба да го вршат самите студенти, а не трето лице“, вели тој.

Дампинг-цени во Босна и Херцеговина

Многу од интернет-реклами во Босна и Херцеговина што нудат тези по минимална цени доаѓаат со гаранција: текстот е оригинален и трудот ќе го помине секој тест за плагијат.

Регулативата за плагијат на сите нивоа на власт во БиХ беше, поради недостаток на закони за ова прашање, им е оставена на образовните институции, секоја од нив да се справи со проблемот поединечно. Во пракса, кај повеќето од универзитетите постојат строги правила за плагијат.

Најреномираниот универзитет во земјата, тој во Сараево, нема строги правила за проверка дали некој труд е оригинален и кои се санкциите за плагијаторите.

Professor Mario Hibert Uni Sarajevo

Професор Марио Хиберт: Сѐ денес е на продажба, па јас не сум изненаден од тоа ни малку

За универзитетскиот професор Марио Хиберт, ова не е изненадување.

„Сѐ денес е на продажба, па јас не сум изненаден од тоа ни малку“, ни вели Хиберт, автор на водичот за откривање плагијати што се користи на Универзитетот во Сараево.

За држава со 3,6 милиони жители, оваа балканска земја има голем број на високообразовните институции - десет во државна сопственост и 37 приватни.

Пропорционално има голем број интернет-реклами што нудат секаков вид тези за пари. На една од рекламите може да се прочита дека има „богато и долгогодишно искуство во пишување на академски трудови за пари“.

Постои дури и ценовник: есеи за по осум евра, презентации за пет евра, а магистерски и докторски тези од 25 до 75 евра па натаму.

Повеќето од огласувачите инсистираат на комуникација преку мејл и гарантираат приватност, но не е ретко да се најде телефонски контакт. Оние што ги контактиравме не сакаа да разговараат,.

Некои од овие огласувачи, кои се чинат пософистицирани од другите, се подготвени да понудат гаранција за оригиналност на трудот. Сепак, се уште нема одговор кој всушност треба да провери дали документот е плагијат или не.

Босна и Херцеговина има државен закон за високо образование, но во него не се спомнува зборот плагијат ниту еднаш. Поголемиот дел од надлежностите во образованието се на пониските нивоа на власт, ентитетите или кантоните.

Овој бизнис е безбеден!

Од Универзитетот во Сараево не беа подготвени да зборуваат на темата плагијати и начинот на кој тие се борат против оваа појава. Ни ветија интервју, но никогаш не го добивме.

Uni Sarajevo

На Универзитетот во Сараево не сакаа да коментираат.

Во меѓувреме нудењето услуги како магистерски или какви било академски трудови, главно, се одвива на интернет. Провајдерите на тие услуги одговараат на вашите прашања најчесто за само неколку минути. Разговорот прво почнува со едноставни и општи прашања како за кој факултет е потребен трудот, цената, рокот, па сѐ до темата и другите специфики.

Претставувајќи се дека сме студенти заинтересирани за купување на готов магистерски труд воспоставивме контакт со лицата кои стојат зад рекламите во БиХ, кои резултираа со разговори за спецификите на измислената тема за магистерска диплома по градежништво.

Еден од нив дури ни изјави дека имал степен доктор на науки и оти работел како предавач и дека имал неколку соработници, кои ќе помогнат во изработка на тезата.

„Што се однесува до работата, морам да ви кажам дека се користи сета достапна литература и се користат и цитирани извори ... Постојат софтверски системи на кои се проверува дали е плагијат или не“, ни напиша еден од огласувачите. „Што се однесува до моето искуство, сум работел за сериозни факултети и универзитети и зад мене има само позитивно долгогодишно искуство.“

Претставувајќи се како студенти, се распрашувавме дали треба да бидеме загрижени за проверка на плагијати или нешто друго, но одговорите беа речиси исти дека „овој бизнис е безбеден“.

„Единственото нешто за што треба да бидете загрижени е за учењето и претставувањето како и за одбраната на тезата, која откако ќе ја платите ќе ви биде предадена“, напиша еден оние што стојат зад рекламите.

Ако едно од лицата што тврдеше дека е доктор на науки ни објасни оти трудот ќе биде потполно оригинален, друг ни рече дека тие ги користат постојните мастер есеи и само го менуваат редоследот на зборовите, така што нема да може да се открие преку класичните системи за откривање на плагијати.

„Искрено мислам дека многу не се проверува дали е плагијат или не, финтата е во тоа да не се копира целиот текст од некој извор туку само мал дел“, ни пишува лицето: „Кога јас користам нечие туѓо истражување го менувам редоследот на зборовите во реченицата, или го парафразирам делот што сум го употребил. Така јас не го цитирам нивниот труд како референца“.

(Истражувањето го поддржаа Thomson Reuters Foundation и Robert Bosch Stiftung)