Димовски и Николовски - млади правници во битка за „тројката“ | Македонија | DW | 06.12.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Димовски и Николовски - млади правници во битка за „тројката“

Имаат дијаметрално спротивни ставови за квалитетот на политичката практика досега, и за плановите за иднината. Она што им е заедничко, е дека ѝ припаѓаат на помладата генерација политичари и дека двајцата се правници.

Во Изборната единица 3 тие се фронтмените на двете најголеми коалиции во македонскиот блок, предводени од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ. „Тројката“ е нивен и добро познат терен. Велешанецот Илија Димовски и кривопаланчанецот Љупчо Николовски ги знаат адутите и проблемите на општините од кои доаѓаат, а во изминативе денови прекрстарија над 20 други општини со изборните ветувања од програмите „Реално“ и „План за живот во Македонија“. Граѓаните ќе оценат колку се тие реални и дали се совпаѓаат со нивните ставови за животот. Двајцата имаат дијаметрално спротивставени ставови за квалитетот на политичката практика досега, и за плановите за иднината. Единственото нешто што им е заедничко, е фактот дека ѝ припаѓаат на помладата генерација политичари и дека двајцата се дипломирани правници. Но, во политичкиот настап се сосема различни.

Димовски: Ова е патриотскиот дел на Македонија!

За Илија Димовски (1980) доминантна е перцепцијата дека - каде е говорницата, таму е и тој. Овој истакнат член на ВМРО-ДПМНЕ со богат партиски и пратенички стаж, важи за политичар кој сака да зборува пред партиското членство, да полемизира и реплицира од собраниската говорница, и тоа вешто го прави. Но таа желба за говорништво изостанува кога се во прашање изборните тв -дуели. Од почетокот на изборната кампања, столчињата разервирани за него во тв-студијата останаа празни. Зафатен е со средби со граѓаните, а тие не се малку ако се има предвид дека Изборната единица 3 опфаќа општини од североисточна, источна и дел од централна Македонија. Во неговите политички говори често се присутни споредбите со револуционерното минато на земјата, споменот на „гемиџиите“ - историски симбол на неговиот роден град, но и петната на транзицискиот период - затворањето голем број фабрики, за што обвинувањата ги упатува на адреса на СДСМ.  

Mazedonien Pro-Regierungsdemonstration in Skopje (Reuters/O. Teofilovski)

На гласачите Димовски им порачува дека изборот во суштина е едноставен

„Сакам да потсетам на една политичка партија која уште во 1994 година ветуваше нови патишта и железничка пруга. Сакам да ве потсетам на една партија која во 2002 година ветуваше по еден вработен од секое семејство. До денес СДСМ нема исполнето ниту едно ветување. Сега ветуваат просечна плата од 30.000 денари, минимална плата од 16.000 денари и враќање и на ДДВ. Со тоа само го лажат народот“, критикува Димовски на митинзите.

Ветува 70.000 нови вработувања, и потсетува дека неговата партија за првпат по дваесетина години создала 160.000 нови работни места.

„Ќе треба да изберете помеѓу економијата, повисокиот животен стандард и најниската стапка на невработеност, нешта кои ВМРО ДПМНЕ досега покажа дека може да ги оствари. Или, за  враќање назад, во времето кога СДСМ беше на власт, време кога се затвораа фабриките, а работниците остануваа на улица. Во суштина ова е едноставен избор“, вели Димовски пред гласачите.

Mazedonien Ilija Dimovski, Kandidat der regierenden VMRO-DPMNE (DW/P. Stojanovski)

Илија Димовски

Црешата на шлагот повторно е ставена на „спасувањето на Македонија од федерализација“.

„Овој 11-ти декември е и референдум за унитарна и единствена Македонија. Нема да ги предадеме нашите дедовци и прадедовци, но нема да ги предадеме ни нашите следни поколенија. Овој дел е патриотскиот дел на Македонија којшто секогаш досега докажувал и ќе докаже дека ќе стои цврсто на браникот на Македонија. А Крива Паланка секогаш е на победничката страна“, порача Димовски во родниот град на опонентот Николовски.

Николовски: Буџетот испразнет од „патриоти“

Кандидатот на СДСМ, Љупчо Николовски (1983), не прифаќа „празни приказни“ за патриотизам кон татковината. Помалку троши време на говори, повеќе во демаскирање на криминални на власта. Правникот и магистрант на Административно право и право на интелектуална сопственост, во СДСМ е од 2000-тата година и ги поминал сите скалила од локални до централни партиски функции. Во 2013 година станува член на Извршниот одбор на СДСМ, а една година подоцна и шеф на кабинет на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, што го презентира како личност од голема доверба на партискиот шеф. Зад себе има и советничка функција во Советот на општина Крива Паланка, но и теренски резултати. Според извори во партијата, тој за неверојатни 300 отсто го зголемил гласачкото салдо на СДСМ во Крива Паланка во 2011 година, во споредба со претходните парламентарни избори.

Mazedonien | Kundgebung der Oppositionspartei SDSM in Skopje (Getty Images/AFP/R. Atanasovski)

Николовски е добар „теренец“: според извори во СДСМ тој неверојатно го зголемил гласачкото салдо во Крива Паланка во 2011 година

Денес најмногу е фокусиран на салдото на буџетот, особено на начинот на кој од него се одлева исплатата на субвенициите. Од позиција на дополнителен заменик-министер за земјоделство, утврди неправилности и достави пријави до ОЈО за незаконско делење субвенции, за судир на интереси и за злоупотреба на службената положба во ресорот. Ја демаскира практиката на власта да ги користи земјоделците како гласачка машинерија. Тутунари од велешките села Бузалково и Иванковци деновиве му се пожалија на закани - дека ако не гласаат за ВМРО-ДПМНЕ ќе ги изгубат субвенциите или закупот на земјиште.

Mazedonien Ljupco Nikolovski Kandidat der oppositionellen SDSM für die Wahlen (DW/P. Stojanovski)

Љупчо Николовски

„Оваа година не сте сами, ќе ги бранам интересите на тутунопроизводителите и на сите земјоделци. Ќе направам сѐ за да ве заштитам“, им порача Николовски, најавувајќи дека ваквите закани ќе бидат пријавени во МВР.

Ветува повисоки плати, поддршка на домашните претпријатија, враќање на парите на граѓаните, како и поефикасна администрација.

„Гласот на граѓаните за 'План за живот во Македонија', ќе донесе стабилност на работните места. Вработените во администрацијата треба да знаат дека нема да има отпуштања од работа! Завршува времето кога администрацијата беше ставена во служба на партијата на власт. Доаѓа времето кога институциите ќе бидат во служба на граѓаните. За да можат граѓаните ефикасно да ги завршуваат своите обврски, клучните институции ќе работат во две смени во период од 8 до 20 часот“, вели Николовски.

Ги споделува импресиите дека во секое населено место што го посетил во изминатиот период, граѓаните одлучно бараат шанса за нормален живот.

„Поддршката стигнува од сите страни во ИЕ 3, бидејќи граѓаните се поодлучни од кога било, дека промени мора да има - и ќе има! Тие не сакаат веќе да слушат празни ветувања, да бидат манипулирани и со празни џебови. Тие си го сакаат животот назад!“, порачува Николовски.

DW.COM

Реклама