Димитров: Нема ризик Северна Македонија да го напушти „Отворен Балкан“ | Северна Македонија | DW | 04.11.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Димитров: Нема ризик Северна Македонија да го напушти „Отворен Балкан“

Тој смета дека волјата на граѓаните, без оглед на тоа кој ќе дојде на власт, е земјата да оди напред, кон европеизација и блиска економска соработка со соседите.

Вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров, денеска од Белград порача дека нема ризик Северна Македонија да ја напушти иницијативата „Отворен Балкан“, ако дојде до промена на власта.

„Ако ги погледнеме резултатите од локалните избори во Северна Македонија, партиите од владејачката коалиција освоија повеќе гласови од опозицијата. Хипотетички тоа говори дека повеќето македонски граѓани сакаат да одат напред - а тоа подразбира градење на добри меѓусоседски односи и регионална соработка“, вели Димитров. Тој смета дека волјата на граѓаните, без оглед на тоа кој ќе дојде на власт, е земјата да оди напред, кон европеизација, блиска економска соработка со соседите. „Така што не гледам никаков ризик дека Северна Македонија може да излезе од иницијативата, важно е за развојот на нашата земја да остане дел од оваа иницијатива“, дециден е Димитров. 

Тој денеска учествуваше на средбата во Белград, откако премиерот Зоран Заев поднесе оставка на премиерската позиција. Вели дека регионалната соработка е мудар, прав и европски избор. „Во сложена ситуација сме, но оваа иницијатива е многу важна и не можеме да си дозволиме да бидеме отсутни од оваа средба“, потенцираше Димитров на најновата средба на иницијативата „Отворен Балкан“, во која учествуваат и Србија и Албанија. 

Nord-Mazedonien: Nikola Dimitrov, Außenminister

Регионалната соработка е мудар, прав и европски избор, вели Никола Димитров.

На иста линија е и размислувањето на српскиот претседател Александар Вучиќ. Тој на заедничката прес-конференција рече дека граѓаните во Северна Македонија како најблиска држава ја сметаат Србија, а потоа и Албанија.

„Не е реално Северна Македонија да ги наруши односите со Србија или Албанија“, вели Вучиќ. Тој испрати порака до граѓаните на трите земји, коишто се дел од иницијативата, дека се што се прави е во интерес на граѓаните. 

„Работиме она што е најдобро за нашите граѓани и за нашето опкружување и за европскиот пат. Тоа е суштината на овој проект. Зошто да се правдаме за нешто добро што правиме, за да им помагаме на нашите граѓани, да си помагаме меѓусебно во случај на пожари или поплави, или за полесно преминување на границата“, вели Вучиќ. 

Неисполнетите ветувања на ЕУ

И на оваа средба е потврден заедничкиот став на трите земји, коишто претендираат да бидат дел од ЕУ - а тоа е дека нема да се откажат од исполнувањето на критериумите, но и дека Унијата која што се соочува со внатрешни проблеми, треба да направи чекор за да се приближи до регионот. 

Според Димитров, поради неисполнетите ветувања од страна на Унијата, граѓаните се повеќе ја губат довербата дека имаат европска иднина. „Доцнењето на процесот на евроинтеграција го поткопува кредибилитетот на ЕУ во цел регион. Но, ова не е вето само на нашата европска иднина, туку на европската политика на Балканот и вето за македонско-бугарското пријателство“, рече Димитров.

Економско зајакнување на регионот

Албанскиот претседател Еди Рама оцени дека „Отворен Балкан“ е комплементарен со Европската Унија и очекува иницијативата да ја прифатат и кон неа да се приклучат и другите земји од регионот. „На средбата се фокусиравме на суштината на оваа иницијатива - како нашите економии да растат, да се развиваат, како да растат нашите пазари, кои се мали, но ако се интегрираат меѓусебно, стануваат важен пазар и влијаат на странските вложувања во регионот“, вели Рама.

Една од најавите, коишто произлегоа од средбата е дека Северна Македонија, Србија и Албанија можат да сметаат на една работна дозвола и единствен информативен систем од следната година. 

Nord-Mazedonien Skopje | Wirtschaftsforum | Aleksandar Vucic, Zoran Zaev und Edi Rama

Вучиќ вели дека трите земји имаат големи надежи во иницијативата, но дека изминатиов период биле утврдени одредени слабости.

Вучиќ вели дека трите земји имаат големи надежи во иницијативата, но дека изминатиов период биле утврдени одредени слабости, на чие надминување интензивно ќе се работи во нареднот период. Тој упати критики дека некои делови од договорот не функционираат како што било планирано. Поради тоа ќе се формира совет за имплементација, којшто во наредните седум до 10 дена ќе има средби, за да се види како оди слободниот проток на стока и услуги. 

„Добивме жалби од стопанственици кои велат дека кога треба да извезат сирово млеко, ако дојдат во петок навечер на граница во Северна Македонија, треба да чекаат до понеделеник сабајле, повеќе од 23 - до 30 часа за да влезат. Иако детално уредивме се во договорите со Северна Македонија, сега ќе направиме контрола. Сите има да работат и во сабота и во недела за да функционира договорот“, реагираше Вучиќ. 

Следната средба ќе се одржи во Тирана.