Димитров: Имаме историска одговорност да ја зацврстиме Македонија | Македонија | DW | 08.09.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Димитров: Имаме историска одговорност да ја зацврстиме Македонија

Будењето можеби боли, но секое оздравување почнува со точна дијагноза, со соочувањето со реалноста, оценува за ДВ Никола Димитров. Тој порачува дека мора да се запре ерозијата на институциите.

ДВ: Господине Димитров, македонскиот пат кон ЕУ и НАТО, и по 25 години независност, сѐ уште не е завршен. Евроатлантските интеграции се блокирани поради спорот за името, тврди власта. Како Вие, како поранешен преговарач за името, гледате на тоа?

Никола Димитров: Факт е дека во градењето на Република Македонија, уште од независноста, имаме пречки што не би требало да ги имаме. Факт е дека изгубивме години во напорите за меѓународно признавање, но и на интегрирањето на земјата во меѓународните организации. Факт е дека да влезевме во НАТО во 2008-та година и да почневме преговори за членство во ЕУ во 2009-та, веројатно немаше да бидеме на ова жално дереџе. Но, проблемот е во нашиот одговор кон блокадата. Во ситуација кога Грција не губи многу со нерешавањето, ние требаше да ѝ го отежниме блокирањето, со внимателна и мудра политика со која ќе ги придобиевме сите други држави, пред сѐ земјите членки на овие организации. Требаше да бидеме први во реформите и да не им даваме аргументи на порадикалните политичари во Грција. Да работиме блокадата да стане неодржлива, за да ја отстраниме предноста што Грција ја добива како членка во клубот кон кој се стремиме. Наместо тоа, ние што направивме? Немате аргументи, еве ви сабја. Антиквизацијата нѐ прави еднакво неразумни во очите на третите држави. Истовремено, неисполнувањето на политичките критериуми нѐ обезвреднува. Зошто воопшто да притискаат врз Грција за земја кандидат што очигледно паѓа надолу? Чиста илустрација за ова е декември 2012 година, кога самите - со црниот понеделник во Собранието - го девалвиравме обидот на група земји членки кои притискаа за почеток на пристапните преговори, паралелно со разговорите со Грција околу името.

Сметате ли дека претстојните избори во декември ќе придонесат за излегување од проблемите?

Имаме огромна шанса да излеземе од лошиот круг на вечната транзиција, каде грешките на едните ги усовршија другите. Велам огромна шанса, бидејќи нема простор за морална релативизација. Обелоденувањето на снимените разговори беше еден вид добивање јасна крвна слика за организмот на нацијата. Се чувствуваше дека сме замаени, дека одиме во лош правец и претходно, но низ кризата на одговорност стана кристално јасно дека имаме партиски вирус што се раширил и ги неутрализирал антителата - институциите. Со помош на пропагандата, живеевме во реално шоу, дневно бомбардирани со приказните за предавници и странски агенти, за посветената власт што гради и создава дела. Тој филм заврши. Разбудените граѓани гледаат дека од делата ќе остане дупката од шест милијарди евра долг и картоните и фасадите од Потемкиновите села кои се уриваат на појак ветер или дожд. Будењето можеби боли, но секое оздравување почнува со точна дијагноза, со соочувањето со реалноста. За жал, ние по 25 години, допрва ќе мора да изградиме независни институции. Ќе мора да ја вратиме перспективата дека во Македонија има место за способност, наспроти партиска послушност. Ќе мора да обезбедиме законот да важи еднакво за сите и да расчистиме со селективната правда и недопирливоста.

Да се биде против власта денес не е политичка одлука, туку морална обврска, стои меѓу другото на вашиот Твитер-профил. Зошто и дали македонското општество има здраво ткиво и сила за промени?

Изборите се историска шанса да се казни лошото владеење. Да се каже „не“ на старата изветвена политика. Да се тргне срамот и да се врати надежта. Ако не го казниме и поразиме лошото, како ќе очекуваме подобро? Нивниот пораз е само шанса за нов почеток. Големата цел потоа, ќе биде градењето на вистински систем, за да има држава на граѓаните и институциите, а не држава на партиите. За да има ред, закон и еднакви шанси за сите. Но без пораз на лошата политика, нема никакви шанси. Кога Македонија лелека, време е да се мобилизира силата на нацијата, без разлика на партиски, етнички и било какви други предзнаци. Нема место за лојалност кон буквите и кон партиските знамиња. Ниту пак смее да има реваншизам на партиски основи. Што, а не кој и од каде! Каков капацитет има, а не од која партија доаѓа. Ако сите граѓани кои го чувствуваат историското значење на моментот, кренат глас и се исправат на нозе, нема сила која ќе ги запре промените. Нашата генерација има историска одговорност да ја зацврсти Македонија и да ја однесе преку линијата на сигурност, каде веќе нема место за прашањето дали ќе нѐ биде. Најмалку што мораме да направиме е да ја запреме ерозијата на институциите, да ја вратиме надежта и да им оставиме пристоен старт на нашите деца.

Никола Димитров е поранешен македонски амбасадор во САД и Холандија и преговарач за името, а во моментов е член на Хашкиот институт за глобална правда

DW.COM

Реклама