Димитров: доколку некој има алтернатива, нека ја каже | Македонија | DW | 14.06.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Димитров: доколку некој има алтернатива, нека ја каже

Шефот на македонската дипломатија Никола Димитров вели дека „многу охрабрен“ си заминува од Берлин по средбата со неговиот ресорен колега Хајко Мас. Порачува дека во Македонија е време да се покаже лидерство.

Димитров во интервју за ДВ вели дека добил многу охрабрувачки пораки од неговиот германски колега во Берлин.

„Се изрази исклучително позитивно за историскиот момент, за историската шанса за реформите. Кажа дека ова е важно не само за Македонија, Грција и за Балканот, туку и за самата Германија и ЕУ. Ќе си одам одовде многу охрабрен".

Додека во Македонија и Грција се прават подготовки за потпишување на договорот за решавање на деценискиот спор, Димитров во Берлин лобираше за германска поддршка во обезбедувањето датум за почеток на преговори. Пречката не е Германија, туку Франција и Холандија, кои од внатрешно-политички причини бараат одлагање на доделувањето на датум за почеток на преговори за Македонија и Албанија.

Повеќе:

-Мас-Димитров: Германија „апсолутно подготвена да помогне“

-Берлин лобира за датум за почеток на ЕУ преговори за Македонија

„Се разбира дека треба и ние сѐ што можеме да направиме да ги убедиме, не до крај убедените. Мислам дека и Европа и светот денес немаат многу шанси за успех, мислам дека немаме луксуз да пропуштаме историски прилики за напредок. Направивме една голема работа, создадовме шанса граѓаните да одлучат каква иднина сакаат да имаат. Шансата е многу потешка од порано, веројатно порано ќе беше многу полесно. Проширувањето не беше така тешка тема меѓу старите членки, нивните гласачи и јавни мислења и тоа не прави уште порешителни оваа шанса да ја искористиме".

Министерот Мас ја потврди неговата и поддршката од германската влада. Добивте ли некакво ветување, гаранции дека ќе станат реалност заложбите за добивање датум за почеток на преговори со ЕУ и покана за членство во НАТО?

Добив многу конкретни заложби што тој лично ќе прави. Има многу важна меѓувладина седница на Германија со Франција идниот вторник, ќе стане збор и за Македонија и за нашите европски перспективи. Уште неколку други конкретни работи договоривме, што ние можеме да направиме, што тие можат да направат, но клучно: и Германија и Франција се основните столбови на ЕУ, но тоа создава на некој начин дополнителна одговорност- одговорност кога има шанса за напредок таа да се зграпчи и да се искористи. И во тој контекст мислам дека ќе се најде разбирање меѓу овие две држави, а и сите други, да се искористи шансата што сами си ја создадовме.

Гледај видео 08:48
Now live
08:48 минути

Димитров: „Немаме луксуз да пропуштаме историски можности за напредок“

Министерот Мас јасно укажа дека не е неопходно Македонија и Албанија да одат во пакет кога се работи за датумот за почеток на преговори. Верувам дека е тоа охрабрувачка порака и за Вас, но дали тоа ќе биде прифатено и од останатите земји и од Европската комисија?

Ние имаме интерес сите наши соседи да одат напред. Тоа е дел од нашата призма- како гледаме на нашиот регион. Колку попрогресивна Албанија или Србија имаме, или другите држави, толку полесно и нам ќе ни биде да одиме напред. Истовремено факт е дека Македонија беше премногу долго заклучена во чекалната. Го најдовме клучот. Граѓаните ќе изберат дали тој клуч ќе се употреби за да се отвори вратата. Би било стратешки погрешно, па дури и трагично после таа врата да има уште некоја врата која нема врска со нас. Процесот на пристапување функционира само тогаш кога е базиран на перформанси. Ако ние успеваме и одиме напред, мора да не пресретнат со позитивни одлуки за да имаме мотив.

Вчера имавте една непријатна средба со претседателот Иванов. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ веќе се изјасни дека нема да го прифати договорот, а вчера во Скопје и други градови имаше и протести. Како ќе го туркате договорот во една таква зовриена атмосфера?

Прво мислам дека сите ние во Македонија треба да се најдеме заедно на еден основен постулат. Без разлика какви ставови имаме во однос на нацрт договорот со Грција. Сите сакаме Македонија да оди напред. Сите сакаме нашиот идентитет да биде заштитен, афирмиран и промовиран. И мислам дека полесно ќе разговараме за разликите доколку се најдеме на овој постулат. Македонија можеби имаше шанса да извлече и подобро во изминативе години. Мислам дека не најдовме храброст да се ослободиме од оваа котва што не влече надолу. И сега кога има влада што се реши сериозно да влезе во решавање. Влада што мисли каде Македонија ќе биде за 10 години, за 20 години, без притоа да го наметнува решението... Политиката е уметност на можното, да гледаме реално на ситуацијата, да се соочиме со проблемот, да најдеме решение, и тоа решение да им го понудиме на граѓаните. Ниту јас, ниту друг министер, ниту премиерот, ниту претседателот, па дури ни Собранието не може да го замени референдумското изјаснување на граѓаните, бидејќи за нивната иднина се работи.

Мислам дека мора да се однесуваме со една државничка дистанца. Мислам дека не ни помагаат караниците и расправиите. Во историско време мора да се однесуваме историски одговорно. Не може да мислиме на себе, на својата политичка иднина... преголемо е ова прашање.

Јас секој ден ќе ја испраќам оваа порака. Мислам дека и владата секој ден ќе ја испраќа оваа порака: време е за лидерство! Со тоа што мора за шансата што ја создадовме, да им овозможиме на граѓаните да се изјаснат. Никому ова не е лесно и мислам дека храброста е токму во соочувањето со проблемите. Доколку има алтернативни опции, други патишта кон иднината, убаво би било и тие да ги слушнеме.

ДВ: Колку е извесно дека викендов ќе се случи најавеното потпишување на договорот меѓу Македонија и Грција?

Треба да се случи овие денови. Текстот најпрво треба да помине на влада. Ќе видиме што се случува и во Атина. Таму има политички турбуленции. Може да се случи за време на викендот, а можно е и веднаш по викендот.

ДВ: Точно ли е дека на церемонијата се повикани и високи гости? Се споменуваат имињата на генералниот секретар на ОН, Гутереш, високата претставничка на ЕУ Могерини итн.

Ќе има високи гости, бидејќи како што спомнав нема во светов во моментов можности за други големи успеси и убаво е на една ваква работа да и се даде тежина. Наша задача како дипломати е да нудиме решенија и за најтешките прашања и во таа смисла, тоа го кажа и Могерини во нејзината изјава, го спомена ова прашање како пример дека дипломатијата сепак може да функционира.

 

DW.COM

Аудио и видео прилози на оваа тема