ДИК прави „пиши - бриши“ за неважечките ливчиња неколку дена пред избори | Северна Македонија | DW | 27.10.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

ДИК прави „пиши - бриши“ за неважечките ливчиња неколку дена пред избори

ДИК се пишмани и само по еден ден ја укина одлуката за важечки да се сметаат и ливчињата на кои нема печат од Избирачкиот одбор.

Државната изборна комисија по само еден ден се предмисли и ја поништи предложената измена на Упатството за важечки и неважечки гласачки ливчиња пред вториот круг од локалните избори. Комисијата вчера го смени Упатството, со што се отвори можност во вториот круг за важечки да се сметаат и ливчињата на кои нема да има печат од Избирачкиот одбор. Ова е спротивно на одредбите на Изборниот законик и предизвика низа реакции во јавноста. 

Претседателот на ДИК, Александар Даштевски, вели дека измената на Упатството произлегла од пресудата на Управниот суд за избирачкото место во Шуто Оризари, каде судот констатирал дека е недозволиво гласачките ливчиња да се прогласуваат за неважечки поради пропусти на избирачкиот одбор, односно поради неставање на печат.

Ставањето на печат на гласачкото ливче е задолжително според Членот 109 Став 2 од Изборниот законик и предвидува  и секој член на Избирачкиот одбор задолжително треба да стави печат на гласачкото ливче. Измената на Упатството за примена на Члан 110 од Изборниот законик, според Даштевски, произлегла од пресудата на Управниот суд во која се вели дека е недозволиво поради пропусти направени од членови во Избирачкиот одбор, да се сметаат за неважечки ливчињата на гласачите кои немале печат.

„Управниот суд е тој кој прогласи гласачки ливчиња без печат за важечки, а не Државната изборна комисија, напротив Комисијата укажа и побара од членовите на избирачките одбори задолжително да ставаат печат на гласачките ливчиња. Поради ова, ДИК го измени Упатството за важечко и неважечко ливче само во делот каде што се вели дека гласачкото ливче е неважечко ако на него нема ставено печат, со интенција да се почитува волјата на гласачот доколку е направен намерен или ненамерен пропуст од страна на Избирачкиот одбор“, објаснуваат од ДИК.  

Поранешниот претседател на Врховниот суд и некогашен член на ДИК, Дане Илиев одлуката на Управниот суд да бидат прогласени за важечки и гласачките ливичиња без печат ја коментира како преседан досега и во неа гледа недоволно познавање на материјата за избирачкиот процес кај судиите. „Ова ниту било досега ниту е законски издржано. Во мојата досегашна пракса не сум се сретнал со ваква одлука со која им се дава легитимитет на гласачките ливчиња без печат кога во Изборниот законик во член 109 став 2 е конкретно пропишана постапката за гласање“, вели Илиев за „Слободен печат“.

Втор круг од локалните избори в недела ќе има во 44 општина, а освен во Шуто Оризари, прегласување ќе има и на едно избрачко место во Дебар.