Дизелот е бесконечен германски проблем | Економија | DW | 02.08.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Економија

Дизелот е бесконечен германски проблем

Пред една година, во зенитот на кризата околу дизел-возилата во Берлин беше одржан политички самит. Но, главниот проблем до денес не е решен. Ова е класичен пример на потфрлање на државата, смета Јенс Турау.

Пораките на судовите се јасни и мора да се биде глув за да се игнорираат. Ако политиката, сојузната држава, покраините и општините навистина не сторат ништо за да го спречат загадувањето на воздухот со азотен оксид, тогаш ќе дојде до забрани за возење на автомобили со дизел мотори. Во еден дел на Хамбург такво нешто е веќе во сила, а наскоро тоа ќе биде случај и во цел Штутгарт. Експертите се единствени во ставот дека проблемот ќе се реши само ако се извршат поправки на старите модели. Тоа, технички погледнато е комплицирано и скапо, а трошоците би требало да ги сносат производителите на автомобили. И токму тоа е пораката, која политиката по секоја цена би сакала да ја избегне. Но некогаш ќе мора да направи избор. 

Многу мерки, но без дејство

Долга е листата мерки, кои политиката пред една година ги усвои на таканаречениот дизел-самит во Берлин во зенитот на кризата и среде предизборната кампања. На него се собраа политичари, економски босови, експерти. Забраните за возење дизел-возила сакаме да ги спречиме по секоја цена, гласеше пораката на самитот. Оттогаш, 3 до 5,3 милиони автомобили со дизел мотори беа модернизирани со нови софтвери за издувни гасови, политиката пак издвои една милијарда евра за на поединечни градови да им обезбеди автобуси на електричен погон. 200 илјади луѓе, кои имаа дизел-автомобили, преминаа на нови модели, во што им помогна и премијата од државата при купувањето на новото возило. Она што останува е модернизацијата на постоечките возила, бидејќи само така проблемот може целосно да се реши.

Thurau Jens Kommentarbild App

Јенс Турау, автор на коментарот

А тука, кај оваа важна тема, се покажува вообичаениот став на владата, всушност на секоја германска влада во последно време кога станува збор за заштитата на животната средина. Министерството за заштита на животната средина, со кое раководи кадар на Социјалдемократската партија, врши притисок да се спроведе техничка модернизација, а министерството за сообраќај, кое е предводено од Христијанско-демократската унија не сака тоа да го побара од автомобилските концерни. Од оние исти концерни, кои немаа никаков проблем да ги измамат своите муштерии со софтверски трикови. И, како и безброј пати досега, канцеларката стои на ничија земја и чека. Како и да е, сега Ангела Меркел конечно предупреди дека сака работите да бидат разјаснети до крајот на септември. Но, малку е веројатно дека таа за неомилената губитничка тема - издувните гасови - ќе влезе во кавга со сестринската Христијанско-социјална унија, како што беше случај со политиката за азил.

Жално политиканство

Вакво нешто се нарекува потфрлање на државата. А се знае што треба да се стори. Експертите го знаат тоа, а судовите донесоа одлуки. Но без оглед на сѐ, профилирањето на сопствената трупа, без оглед што под тоа подразбираат политичарите, е далеку поважно. На крајот тоа речиси и нема да им се исплати ниту на самите партии. Зашто, кога возачите на автомобили со дизел мотори во иднина ќе мора да го паркираат своето возило на влезот во градовите, нема да ги засега која партија им го „овозможила“ тоа.  Но незадоволството од политиката и демократијата уште малку ќе порасне. Тоа е жално.

DW.COM

Поврзана содржина

Реклама