Дизајнирање и брендирање како формула за успех | Економија | DW | 31.12.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Дизајнирање и брендирање како формула за успех

Советот за дизајнирање повеќе од 60 години е посветен на германскиот дизајн. Покрај годишната награда за дизајн, сега е воведена и награда за водење на брендови.

default

Возење со радост во 21 век? БМВ Хобрид i8

По Втората светска војна германското стопанство требаше повторно да застане на нозе и да се надоврзе на успесите од претходните децении со стратегија за производство на конкурентни продукти со добар дизајн, што ќе бидат извезувани во цел свет. Тоа го имаа на ум пратениците во првиот Бундестаг во 1951. година, кога иницираа основање на една соодветна фондација. Две години подоцна беше востановен Советот за дизајн со седиште во Франкфурт, кој денес опфаќа повеќе од 230 дизајнерски ориентирани претпријатија од најразлични бранши.

Главна цел на Советот, првенствено во почетокот, беше да ги оспособи германските претпријатија да опстојат на светскиот пазар, „да го промовира и унапреди германскиот дизајн”, како што формулира Андреј Купец, главен раководител на Советот. Меѓународното претставување на германскиот дизајн на светските изложби и натаму останува задача на Советот, кој доделува и годишни награди за дизајн – а од годинава за првпат и награда за водење на брендови.

Дизајнот на брендот е се‘ поважен

„Веќе со години забележуваме дека темата дизајн не може да се набљудува одвоено од стратегијата на брендот во претпријатието. Со глобализацијата и интернационализацијата на претпријатијата – првенствено кај средните – станува јасно: марката, брендот мора сеопфатно да се набљудува, дизајнот е само еден негов дел”. Според Купец, значи, марка третирана како севкупно уметничко дело – затоа и се доделува Џерман бренд аворд (германска награда за бренд – н.з.).

Купец нагласува дека темата е посеопфатна од прашањето за дизајнот на продуктот: „Тука станува збор за прашањето каде се позиционирам како претпријатие, која е идејата што стои зад моите производи?”

Како пример тој го наведува Епл, кој како марка има за потрошувачите препознатливи чудесни производи – ајфон или ајпед. Но, решавачко е дека Епл има добра сторија, која пред повеќе децении Стив Џобс (еден од основачите на фирмата – н.з.) ја поентира со девизата „Мисли различно“. Џобс проповедаше дека за да се има успех треба да се продаваат сништа, а не напросто само производи. Џобс дојде на идеја да користи германски дизајн и во 1984. година инсистираше германскиот дизајнер Хартмут Еслингер да го дизајнира Мекинтош десктоп компјутерот на Епл. Еслингер, кој првобитно се афирмира како телевизиски продукт-дизајнер, подоцна со својата фирма Фрог-дизајн ја креираше за Мајкрософт и насловната страница на Виндоус ХР.

Steve Jobs mit Apple iPhone

Џобс проповедаше дека за да се има успех треба да се продаваат сништа

Јадро на брендот Епл до денес остана – размислувај поинаку, прави поинаку од другите, вели Купец: „Сѐ што правиш во некое претпријатие, треба да следи една стратегија, едно јадро – во твоите понуди, со твоите производи, со твоите пораки, спрема муштериите – сето мора да биде консеквентно заокружено. Дизајнот на продуктот на крајот е само еден аспект во тоа“.

Два века германски индустриски дизајн

Михаел Тонет од Бопард на Рајна се смета за основач на германскиот индустриски дизајн.

Stuhl Thonet Nr. 14

Стол Тонет бр. 14

Тој во 30-те години на 19. век креира столови кои се состојат од само шест поединечни делови поврзани со осум шрафови, произведени во 50 милиони примероци и со брод извезувани во цел свет. „Идејата за едноставност, симплицитет, е еден од основните белези на германскиот дизајн, чиј проблем е што не може вистински да се препознае, како италијанскиот дизајн на пример“, вели Купец.

Германски брендови со престижни продукти ширум светот се првенствено производителите на авотомобили, како Мерцедес, БМВ или Порше. БМВ со мотото „Возење со радост”, а Мерцедес со „Најдоброто или ништо“ се обидуват во главите на купувачите да втиснат слика за својата стратегија, своето јадро.

Vorwerk

Форверк плива на бранот на успехот.

И со различни производи до светски успех

Но, и други фирми се извонредно успешни кога е во прашање пазарната стратегија. Купец како посебно занимлив пример го издвојува Форверк, познат како производител на правосмукалки, но неговиот фактички спореден производ - прибор за готвење - стана култен, го користат од врвни светски готвачи до обични домаќинки и во меѓувреме го надмина основниот производ на фирмата. Купец истакнува дека во Форверк сега интензивно се занимааат со вкупен дизајн на марката, што ќе ги опфаќа обата бренда, „за на купувачите да им го овозможат ‘Форверк‘ како севкупно доживување”.

Семејното претпријатие од Вупертал, старо 130 години, плива на бранот на успехот. Со луксузни кујнски машини, правосмукалки и со козметика минатата година оствари 3,5 милијарди евра приход или пораст од 23,9 проценти. Кујнските машини Термомикс, со цена и од преку илјада евра, станаа најважно поле на дејност и се извезуваат во 13 земји. Сега започнува продажбата и во САД.

Реклама