Дизајнерските дроги земаат сѐ повеќе жртви | Панорама | DW | 06.06.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Дизајнерските дроги земаат сѐ повеќе жртви

Европската унија е голем пазар и за илегалните наркотици. Европскиот извештај за злоупотребата на дрогите ги истражува најновите трендови.

93 милиони Европејци барем еднаш во животот пробале некоја забранета дрога - што е повеќе од една четвртина од граѓаните на ЕУ на возраст од 15 до 64 години. Тоа е објавено во новиот извештај за состојбата со конзумирањето дроги во Европа (European Drug Report). Во 2015 година се регистрирани 1,5 милиони нарко-деликти, од кои 1 милион поради поседување и уживање на илегани дроги, од нив половината за поседување канабис. Канабисот - како што покажува извештајот од стотина страници -  во Европа останува најраспространета дрога. 24 милиони Европејци минатата година посегнале по канабис во „џоинт“ и во „бонг“. Односот кон дрогата е различен од држава до држава. Во Холандија, Шпанија, Португалија или во Чешка конзументите можат без поголеми проблеми да употребуваат канабис. Во Литванија, Словачка или во Грција за уживање во поголеми количества марихуана им се закануваат затворски казни до 10 години, што е случај ако се фатени со еден килограм канабис.

620 нови психоактивни супстанции

Годишниот извештај на Европскиот мониторен-центар за дроги и зависности од дроги ЕМЦДДА (European Monitoring Center for Drugs and Drug Addiction), кој е со седиште во Лисабон, е составен од податоци од сите земји членки на ЕУ и е илустриран со низа прегледни графици. Она што особено ги загрижува експертите од ЕМЦДДА е високата застапеност на т. н. нови психоактивни супстанци за кои се користи кратенката НПС.

Овие дизајнирани, синтетички дроги се мешавина, односно хемиски варијации на веќе познатите дроги. На овој начин производителите и трговците на дроги долго време ја заобиколуваа забраната за производство, продажба и конзумирање дроги. Овие легални супстанци, односно наркотици, познати како „Legal Highs", се продаваат во специјализирани интернет продавници. Во ЕУ се познати 620 такви супстанци. Една од добрите вести во извештајот е дека бројот на новите синтетички дроги - НПС не расте како во минатото. И додека експертите од Европскиот систем за рано предупредување во 2015 година регистрирале 98 нови супстанци, во 2016 година се регистрирани „само“ 66.

Ендрју Канингам, соработник на ЕМЦДДА тоа го објаснува со заострувањето на законските одредби. „Во некои земји, како на пример во Полска, Ирска или во Велика Британија, овие нови супстанци се целосно забранети и не можат да се набават по легален пат, туку само на црниот пазар“, вели Канингам. Другите земји, како Германија, продолжува Канингам, забранија само одредени видови хемиски супстанции, како што се синтетичкиот канабиноид, чие дејство е слично како канабисот или забранија катинони, кои делуваат стимулативно како кокаинот или амфетамините. Рамките на делување се намалуваат не само за трговците со дрога, туку и за производителите, особено во Кина: во тамошните хемиски фабрики многу од тие дроги се изработени индустриски. Меѓутоа, во октомври 2015 година во Кина се забранети над 100 т. н. нови психоактивни супстанции. Па сепак, со оглед на фактот дека за 4 пати е зголемен бројот на запленета дрога, заклучокот на извештајот не е воопшто оптимистичен. „Расположливоста на нови психоактивни супстанци е и натаму голема, иако е намален бројот на нови синтетички дроги.

Канабисот- помалку опасен

Притоа синтетичките канабиноиди се многу поопасни од природните супстанци. Канингам во врска со тоа упатува дека од таквите синтетички дроги се забележени 30 смртни случаи во 2016 година, што не е случај со канабисот односно конзумирањето на марихуана. Канингам потврди оти во Холандија, која води либерална политика и во која легално може да се купи канабис односно марихуана, едвај и да постои пазар за опасни синтетички варијанти на оваа дрога.

Тој додава дека и синтетичките опијати се многу опасни. Овие супстанци потсетуваат на хероин, но се многу посилни. Медицински се користат за ублажување на болки, но во многу мали дози во вид на фластери. Канингам упатува на низа смртни случаи од предозирање со овој вид синтетички дроги.

Растечки број на смртни случаи

Од извештајот за состојбата со дрогите во Европа произлегува дека во 2015 година 8.400 луѓе умреле од предозирање со хероин или од некои други синтетички или природни опијати. Тоа е 6 насто повеќе од претходната година. За Џулијан Винсент од ЕМЦДДА, одговорен за здравство, тоа е загрижувачки развој на ситуацијата, затоа што бројот на починати од рекордот достигнат во 2008 година, во наредните години беше намален. И во Германија бројот на починати од дрога од 2015 година е зголемен. ЕМЦДДА во тој контекст се залага на наркоманите и на нивните семејства да им го стави на располагање противотровот налоксон, со кој - во случај на предозирање - може да се спаси човечки живот.

Експертите од Лисабон, исто така, забележаа дека во последните 6 години продажбата на дрога се префрла на интернет и на „Darknet“, кој има пристап со специјални пребарувачи. Сѐ уште, според мислењето на соработничката на ЕМЦДДА Теодора Грошкова, трговијата преку „Darknet“ е ограничена на релативно мала група луѓе. Но, таа очекува дека таа бројка многу брзо ќе се зголеми. Бидејќи, „Darknet“ е во состојба на поголемите групи корисници да им даде пристап до дроги. На крајот на октомври ЕМЦДДА, заедно со Европол, ќе објави сеопфатна студија за трговијата со дрога на „Darknet“.

 

Реклама