1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дивоградбите се поопасни од земјотресите!

Костадин Делимитов
30 ноември 2019

Државата „на ангро“ легализира непроверени објекти, што е скандалозно и премногу ризично. Експертите алармираат дека е потребна засилена превенција, зголемување на свеста, но и поголема грижа на државата!

https://p.dw.com/p/3U0C3
Skopje, Hauptstadt von Nord-Mazedonien Nordmazedonien
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Во случај да удри силен земјотрес македонските граѓани можат генерално да бидат мирни. Но дали сите, е дилема на која никој со сигурност нема одговор. Не заради небезбедниот начин на градба, туку поради несериозниот пристап на државата во одредени сегменти кои можат да бидат многу опасни во случај на катастрофа од типот на онаа во соседна Албанија. Експертите и професионалците од оваа област немаат дилеми дека она што се гради според пропис, закон и согласно процедурите, е безбедно. Но предупредуваат на т.н. црна зона со дивоградбите, кои апсурдно, но се впишуваат без каква било контрола:

„Ова што се случува со легализацијата на дивоградбите е скандал. Тоа се прави без каков било проект, само со обичен елаборат кој чини 100 евра. И во Србија има закон за легализација на дивоградби, кој во суштина е лош. Но таму, за разлика од кај нас, пред да се легализира на терен излегуваат сите служби и прават контроли, проекти и дури откако статички ќе се утврди дека тој е во ред, тогаш тој се легализира. Кај нас само геодет и тој мери локација, објект, површина и толку. Тоа е многу опасно“, предупредува архитектот Сања Раѓеновиќ.

Опасен популизам

За каков процес станува збор и со колкави димензии, доволно зборува фактот што во земјата има пријавено за легализација околу 420.000 објекти. Толку куќи, згради и друг вид приватни и деловни објекти се легализирани за по едно евро за квадрат, или се во процедура за легализација.

„Процесот на легализација е еден вид амнестија на криминал кој го започна претходната Влада со носење на овој закон. Проблемот е што секој од власта мисли плитко, се простуваат пари за комуналии, проекти, приходи за државата и други лица. А за што? За проект со кој сакате да добиете на избори. Колку е тоа лошо и ризично, еве ви пример - прашајте лекар дали се добри тие операции што се направени на клиника, или на пример во некоја куќа на диво. Е, тие, не знам дали се добри. Оваа Влада малку ги стегна работите, од аспект да нема она што се правеше со претходните, ти чуваме бројче, направи ја дивоградбата, па ќе ти ја легализираме. Да не бркаш процедури, полесно е така. И во ова самата држава беше вмешана, на локално ниво, но јас не правам разлика локално или централно, се’ е држава“, реагира Мартин Пановски, претседател на Асоцијација на архитекти.

Nordmazedonien | Luftverschmutzung in Skopje
Oна што се гради според пропис, закон и согласно процедурите, е безбедноФотографија: DW/P. Stojanovski

Магливи податоци

Проблемот, според упатените, е што никој не може да гарантира колку од дивоградбите се изведени според прописите и стандардите. Односно, колку од нив имаат проект или не:

„Дивоградбите, ако се градени со минимални средства, се исклучително ризични објекти, но навистина јас немам увид колку имаме такви дивоградби. Многу се ризични оние кои се без проект, не дека нема и убави скапи објекти, за кои сигурно дека се правени со проект. Но, дополнително се проблем надградбите за што јас постојано апелирам, но сите се оглушуваат. Особено на оние објекти кои се пред земјотресот, кои се со несеизмички системи. Факт е дека се прават докази дека со зајакнување се докажува оти тие се добри, но сепак се ризични. Но и законот тоа го дозволува. Многупати апелирав дека е многу лесно да се вметне одредба во законот, но тоа еве не се прави. Тоа ретко каде во светот се дозволува, а проблематично е од урбанистички и сеизмички аспект“, предупредува Михаил Гаревски, експерт за сеизмологија и поранешен прв човек на европската асоцијација на сеизмолози.

Дека станува збор за многу сериозен проблем, предупредуваат и од ИЗИИС, Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија:

„Не постои никаков податок за тоа како е проектиран, а уште помалку како е изведен самиот објект. На ваков начин никој не може да потврди дали таквите објекти се сигурни и безбедни за живеење. Ова е повеќе од загрижувачки. Искуствата од случените земјотреси покажуваат дека токму ваквите објекти се најповредливи т.е. имаат најголеми оштетувања. Најдобро е да нема нелегални објекти, а за овие кои се веќе изградени, потребно е да се стават во системот и да се достави проектна документација која барем ќе биде некаков прв чекор за оцена на тоа дали овие објекти ја обезбедуваат бараната сигурност и стабилност согласно техничките прописи и норми. Сигурно дека ќе треба да се достават и податоци како и со кои материјали е изграден таквиот објект, за да може да се заокружи целата слика. Многу, многу сериозен проблем“, алармира Влатко Шешов, директор на ИЗИИС.

Повеќе: Црниот сеизмички појас- голема опасност за Скопје

Ако е за утеха, од пред неколку години, без согласност на ИЗИИС не може да се добие градежна дозвола, што треба да гарантира дека објектите коишто се градат по пропис се безбедни:

„Согласно чл.4а од Законот за градење ИЗИИС врши ’контрола’ на сите градежни проекти за кои се издава градежна дозвола. Поточно се издава Позитивно мислење за проектиран степен на механичка отпорност, стабилност и сеизмичка заштита на градбата. Ова е во фазата на проектирање, но исто така ИЗИИС за поголеми објекти врши теренска контрола на изведбата на градежните објекти. Овие активности ИЗИИС ги реализира со максимална ангажираност на својот кадровски потенцијал и со софистицирано ’web based’ решение кое ни овозможува целиот процес да биде дигитализиран, а со самото тоа и поефикасен“, објаснува Шешов.

Mazedonien Skopje Baugerüst
Законите се во ред, но прашање е колку доследно тие се спроведуваатФотографија: DW/Petr Stojanovski

Нема вработување за младиот кадар

Институтот располага со човечки, просторни и технички ресурси, но проблем е младиот и едуциран кадар за кој државата не води сметка:

„Во ИЗИИС моментално имаме ангажирано дваесетина магистранти и докторанти , најдобри студенти во своите генерации, кои со години наназад не може да ги вработиме. Се плашам дека ако не се најде брзо и трајно решение, овие млади луѓе ќе ги изгубиме и тие ќе ја побараат својата среќа во странство. Класичен пример на ’brain drain’. Недозволиво е нашите влади постојано да зборуваат дека работат на проблемот на иселување на млади луѓе, само на хартија и само ветувања, а во пракса тоа не се применува“, предупредува првиот човек на Институтот.

Повеќе:

Битката против урбанистичкиот хаос е сепак (не)возможна

Расчистувањето со урбанистичкиот хаос, произведува нов хаос!

Легалните згради се безбедни

Настрана дивоградбите, сите останати нови и постари објекти кои во изминатите две до три децении се градени според сите процедури, според експертите важат за високо безбедни:

„Слободно можам да кажам дека објектите кои се градени особено по 1985 наваму  се исклучително квалитетни. Ако не и најдобри во регионот, особено по 1995 година кога се создаде конкуренција кај инвеститорите. Граѓаните си бараат сеизмика и од една страна знаат каде живеат и не сакаат да одат во несеизмички објекти и тоа го знаат инвеститорите. Кај нас има и традиција за квалитетно проектирање, но не може да се отфрли тоа што постои и придонесот на ИЗИИС за обука на кадри во земјата, но и пошироко во регионот“, укажува Гаревски.

Сепак, дел од упатените имаат дилеми колку правилата и прописите се почитуваат доследно на терен:

55 години од катастрофалниот земјотрес во Скопје

„Законите се во ред, но дилемата е колку доследно тие се спроведуваат. Откако се појави ова со ИЗИИС, почнаа да се прават многу подобри проекти, а има и контрола на лице место, на бетонот, и арматурата. Факт е дека и инвеститорите сега се малку уплашени, а и генерално сите во оваа област на некој начин се истрауматизирани од она што му се случувало на Скопје на овој план и се тренирани да работат сеизмички. Но, од друга страна, може се’ да биде чисто, а на градилиште да се штеди. Затоа има надзор кој контролира се` и става потпис на објектот. Ако не е по пропис, тој одговара кривично и оди во затвор. Но досега не сум слушнала некој да оди во затвор“, коментира Раѓеновиќ.

Зошто нема обуки?

Дополнителен предизвик е и отсуството или недоволната едукација на граѓаните, но и кај институциите. Не само за земјотреси, туку генерално за природни катастрофи:

„Од аспект на превенцијата можеби треба помасовна обука на граѓаните како што е во пракса во Јапонија во САД, не само за земјотреси, туку и за други видови катастрофи. Свесност, во однос на кризи, не само за земјотреси, за кои можам да кажам дека сме релативно спремни иако требаат тренинзи за деца по училишта, за вработените во институциите на државата, приватниот сектор. Тоа не е скапо, а може масовно да се прави. За поплавите, за жал, со катастрофата кај Стајковци се покажа дека не сме подготвени. Затоа превенцијата е многу важна за свесноста“, укажува Гаревски.

Во институтот за сеизмологија имаат активности на овој план, но тие генерално се недоволни:

„Добро информиран и едуциран граѓанин ќе знае дека во Македонија имало, има и ќе има земјотреси. Ќе знае какви земјотреси треба да се очекуваат, како да  се однесува за време на земјотрес, кои мерки може лично да ги преземе во својот дом за да ги намали евнтуалните несакани последици од дејството на земјотресот и многу други корисни работи. Мое лично мислење е дека во тој правец во нашата држава има голем простор за подобрување. ИЗИИС работи континуирано на едукција и информирање, меѓутоа ваквите наши заложби треба да се имплементираат и вградат во системот од образование“, смета Шашев.

Реагираат и градежниците

За проблемот со дивоградбите постојано алармираат и градежниците кои предупредуваат дека со легзлизацијата државата создава нелојална конкуренција, но и дозволува непроверени објекти да станат домови на илјадници граѓани. Од градежната комора апелираат до сите оние кои што планираат градежна инвестиција тоа да го прават преку соработка со стручни лица и лиценцирани компании. 

За стабилноста на објектите во државата, последен тест беа двата земјотреса во Скопје и Охрид, едниот во 2016, а вториот една година подоцна. Потресите беа силни, посебно оној во Скопје со над 5 степени според Рихтер, но освен мали оштетувања на главно постари објекти, немаше други позначителни последици.