Дестилација | Северна Македонија | DW | 14.05.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Дестилација

Споделениот страв од есенските последици на пролетната пандемија го диктира и пристапот на партиите кон реториката и пропагандата за која сметаат дека е пополезна во здобивање на довербата на гласачите.

Скраја сите диаметрално спротиставени ставови, партиите од големата тројка се сепак согласни во едно: споделениот страв од есента и плодовите на гневот кои таа ги носи. Есента е нитката кој провејува низ брзањето на СДСМ за час поскори избори додека имаат барем нешто за фалење, барањето на ВМРО-ДПМНЕ за нивно одложување со цел да го јавнат бранот на незадоволство, премислувањето на ДУИ помеѓу популистичкиот триумфализам и/или политичкиот прагматизам. Глобално и локално, есента е големата непознаница за сите. И барем засега, ниедна од спротиставените страни ниту нуди, а саглам ниту има јасна идеја како да се справиме со предизвикот на последниот квартал.

Споделениот страв од есенските последици на пролетната пандемија го диктира и пристапот на партиите кон реториката и пропагандата за која сметаат дека е пополезна во здобивање на довербата на гласачите. Пристапот на СДСМ се базира врз експлоатација на наводниот успех во справување со пандемијата и посебно форсирање на економските теми и социјалните понуди. Што е сосема логично и очекувано за било која владеачка партија која мора да се грижи за економскиот опстанок и социјалната благосостојба на граѓаните. Дотолку повеќе што дури и доколку се соочиме со втор бран на пандемија, следната есен клучната тема нема да биде само-изолацијата туку егзистенцијалната криза и раслојување на средната класа. Непопуларните потези на владеачката коалиција во сферата на политиката – посебно надворешната – би биле донекаде и подносливи и премостливи, доколку граѓаните ќе увидеа конкретни економски бенефити од големите политички жртви. Што досега не е случај, а сетики нема да бидат забележливи ни во месеците пред нас.    

Проблематичноста на таквото форсирање на економијата и социјалата како носителки на пред-изборната понуда на СДСМ не е во недостатокот на интерес на јавноста, туку во недовербата во носителите на пораката. Расфрлањето со еуфорични ветувања давани во предизборието и скромните ефекти на нивното владеење сосема ја има делигитимирано и сведено на виц секое спомнување на „ќе”, употребено во која било конотација поврзана со владата или владеачката партија. Додајте ги на тоа и контрадикторните излетувања на финансиската репрезентација на Илинденска, неразбирливо арогантната демисија на Министерот за финансии и тешките бремиња на коруптивнитеафери и веќе имате токсична комбинација на гасови кои ја гушат економската понуда на СДСМ.

Други колумни од Арсим Зеколи:

-Политика експрес

-Татковците на Јосип Броз и синовите на Ла Малинче

-Пораките од Софија

Нивните опоненти од ВМРО-ДПМНЕ ја немаат обврската да се грижат за дневно економските состојби на граѓаните, па затоа сесрдно ја користат секоја можност за расветлување на катадневните скандали на владата и осиромаштувањето на граѓаните. Што впрочем е прерогатив и обврска на опозицијата која во претстојните тмурната есен бара надеж за враќање на власт. Сепак, идентификувањето на проблемот е само половина од предизвикот. Кој доколку не е пропратен со јасна понуда и решение за негово надминување, може да предизвика повеќе штета отколку корист. Во овој час барем, ВМРО-ДПМНЕ сем троа реални предупредувања и троа патетични лелекања за загрижувачките трендови на есента, не нуди никаква конкретна, одржлива, прифатлива стратегија и пристап како истите би се надминале. И тој дефиците не може да се покрие и надмине со наметнување на политиката на емоции на сметка на економијата, што е секако столбот на пристапот на ВМРО-ДПМНЕ кон следните избори.

Во тој избор и преференца „нема љутиш”, секој се бори со орудијата кои му се на располагање, поготову доколку се дар од самата власт. Наслонувањето на ВМРО-ДПМНЕ врз експлоатацијата на идентитетските прашања е неоспорно право и можност кои тие би сакале да ја искористат и капитализираат. Но во таквиот пристап сепак има голема непознаница за ефектот, базирано врз токму искуствата на ВМРО-ДПМНЕ од периодот на нивното владеење. Партијата која обемно ја искористуваше растегливоста на идентитетските прашања преку антиквизацијата, треба да има на ум дека таа растегливост е не ретко повеќе детерминирана од егзистенциалниот клиентелизам, отколку од „бетон” завети на политичари. А мотивите за клиентелистичко приоретизирање денес не се воопшто помали отколку од времето на ВМРО-ДПМНЕ под Груевски. Напротив! Притоа, слично како и „ќе” економијата на СДСМ, политичките поплаки на ВМРО-ДПМНЕ за надворешно-политичките авантури на нивните ривали би имале тежина и кредибилитет доколку се проследени со конкрети, изводливи и одржливи субститутивни решенија. На тоа поле, чинам дека ВМРО-ДПМНЕ е т'нка и неубедлива, контрадикторно расчеречена помеѓу дипломатиските балансирања на раководството и тврдата политичка порака на членството.

Повеќе на темата:

-Правен галиматијас пред истекот на вонредната состојба

-Со вонредна состојба до вонредни денови за вонредните избори?

-Лидерската не донесе изборен датум

Откога успешно ги надмина обидите на СДСМ за роварање во нивни редови и откога албанската „опозиција” стана детачиран огранок на Бихаќка, командантот Али Ахмети повторно се соочува со неговиот најголем и неразрешлив проблем – ДУИ и нејзините бизнис-клановски преференци кон двете македонски партии. За разлика од врежаното мислење дека тематската прагма на ДУИ се базира врз експлоататорско балансирање помеѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, поблиску до реалноста е дека таа тематска прагма извира од центристичката поставеност на самиот Али Ахмети помеѓу двете струења во Мала Речица. Која потоа посредно партиски се прелева и на општата политичка сцена. Определбата на неговите опоненти Зијадин Села, Мендух Тачи, Билал Касами, Африм Гаши да јавно и јасно се определат за СДСМ не го прави Ахмети да биде per se поблизок до ВМРО-ДПМНЕ, туку му овозможува да пред албанските гласачи биде неприкосновен експонент на нивната дестилирана воља и следствено на тоа авторизиран да носи одлуки во нивно име. Нешто што наведените опозиционери кусогледо и наивно му го имаат овозможено – повторно, по кој знае кој пат и на сопствена штета. 

Кога и да се одржат, овие избори ќе бидат интересени по тоа што ќе ја изразат новата реалност на гласачкото мнение за целосно демистифицираните политички актери на сцената. Рестартирањето на „бомбите” уште еднаш ја потврди претходно изнесената констатација за целосната демистификација на политиката, соголување на провидните пропаганди, лажните идеологии, фарисејските патриотизми и дволичните карактери на политичарите. Последиците на таа демистификација се веќе видливи, како силуети на потресите кои ќе уследат. Една од тие последици е вткаена во засилената предиспозиција на граѓаните да прават дистинкција помеѓу Зоран Заев како ислужен, презрен политичар за еднократна употреба и СДСМ како пелин-сладок, најнизок заеднички именител на нивните очекувања; помеѓу Христијан Мицкоски како надежен технократ кој ветува (но не гарантира) и ВМРО-ДПМНЕ како непоправлива збирштина на вревливи, неинтелигентни силовики чија љубена мачо визура еректира додека се на власт и венее снуждено кога се во опозиција; помеѓу Али Ахмети како политички smooth operator, слаткоречив мудрец ем визионер и ДУИ како негово банално, арогантно, корумпирано алтер-его чедо. Во тој судир помеѓу култот на вождовства и зачмаеноста на партократиите се одвива вистинскиот процес на избор помеѓу новото и старото, произволното и одржливото. Лошата вест е што нашето гласање нема да смени премногу. Добрата вест е што процесот на дестилација ќе продолжи. Независно од изборите и избраните.

 

Реклама