Десницата и одмаздата на „петкашите” | Свет | DW | 14.01.2021

Посети ја новата страница на DW

Погледнете ја бета-верзијата на dw.com. Сѐ уште не сме готови! Вашето мислење може да ни помогне да ја направиме подобра!

  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Десницата и одмаздата на „петкашите”

Следниот четврток, Трамп претседателот веќе ќе биде минато. За разлика од трампизмот, кој ќе продолжи да ја бранува јавноста во Америка. Пишува Арсим Зеколи

Куса ретроспектива за подемот на десницата во времето на Трамп. Да се потсетиме, неговиот подем пред четири години беше одбележан со тирадите против „наркоманите и силувачите од Мексико”, повиците за целосна забрана за влез на муслиманите во САД, скршениот систем и „лажните вести” од мејнстрим медиумите. Во последната година на неговото владеење, старите теми отстапија за да дадат простор за „вирусот од Кина”, опасноста од социјализмот и влијанието на BigTech врз политиката. Следниот четврток, Трамп претседателот веќе ќе биде минато. За разлика од трампизмот, кој ќе продолжи да ја бранува јавноста во Америка. Следејќи ја графата на тематски фокуси на трампизмот во овие четири години, како и предизвиците со кои ќе се соочува Трамп во пост-претседателскиот период, може да се претпостави и кој ќе биде новиот бајрак на десничарските повици за обединување. Мојот облог е дека тоа ќе биде судството, судскиот систем и федералните институции на истрага кои ќе имаат полни раце работа во расчистување на маглите од претходните потстанари на авенијата Пенсилванија 1600.

Републиканската партија пред избор

Она што е повеќе неизвесно е дилемата дали Републиканската партија ќе се определи да продолжи да јава врз бранот на популистичкиот трампизам или пак се определи за дистанца и нов правец на делување. Прифаќањето на првата опција е дневно-политички логична, со оглед на немалата популарност на Трамп и желбата да се искористи дел од тој веќе спремен за сервирање колач на гласачи. Определувањето за втората опције е политички мудра во смисла на адаптирање кон современите реалности и избегнување на опасноста од вовлекување на Републиканската партија во состојба на целосна анархија и перпетуален судир помеѓу различни фракции. Исходот е секако прерогатив на американските граѓани, посебно оние од конзервативна провиниенција. Но реперкусиите на тој финален резултат секако ќе влијаат и на правецот во кој ќе се развива смислата и идејата на десницата и конзервативизмот воопшто.

Други колумни од авторот:

Трамп, последниот губитник на Апоматокс

Година на биволот

Како Албанците ја открија реал-политиката и го ослободија Али

Пукнавме од мака

Потребата за промислување на имиџот и идејата на десницата во конзервативизмот еволуираше во неизбежна нужност по бруталните сцени од Конгресот. Колку за историска референца, сцените на вулгарност од 6 јануари се десничарски еквивалент на снимките од левичарските фешти на конгресите на Лабуристичката партија во Велика Британија од раните осумдесети години на минатиот век. Додека во Конгресот на САД следевме мачна анархија на насилнички типови и неизживеани ликови, сцените од Лабуристичкиот камп беа завиени во облаци на марихуана, свенати долгокоси хипи-квартети со песни на Џоан Баез, комунистички вокабулар, синдикални „батки” и срамежливо збунети предвесници на ЛГБТ заедницата. На Лабуристите им требаше цела деценија за да се растеретат од старото, ислуженото, компромитирачко сценарио и ја откријат примамливата, современа понуда на новиот лабуризам во ликот на Тони Блер.

Мечкина услуга

Десницата денес полесно ќе се справи со законските санкции и политичките пресуди поврзани со ерупцијата од 6 јануари, отколку што ќе може да ја коригира неславната слика за себе и сопствените следбеници. На тој ден, низ светските екрани продефилираа со лик, со име, со биографии и карикатурални фаци сите анонимни ликови на десничарското тролство кое под закрила на анонимноста ја градеа наративата на десничарскиот „морал и етика”. Гледачите можеа од прва рака да се соочат со беспризорноста на ликовите кои алармираа за опасностите од вакцинирањето, за интернет детективите кои истражуваа за „длабоките држави”, за чесните верници кои предупредуваа на „сатанизмот на левицата”, за скромните и чесни „родители” згрозени од „педофилските синџири низ њујоршки пицериски подруми”. Во неколку часа, благодарение на директниот пренос ширум светот, светлата на рефлекторите се свртеа од нарацијата на десницата кон самите, не баш пофални и уште помалку симпатични  ликови на „современата десница” и „моралното мнозинство” на конзервативизмот.

На денешната десница, сеуште во состојба на шок од мечкината услуга на сопствените сполудени следбеници, ќе и треба многу време и напор да се соочи со последиците на еуфоричниот, некритичен популизам. Имиџот на конзервативизмот изграден врз сликите од рекламите од шеесетите за американскиот сон, со сцени на стројни мажи во твид-костуми, тесноструки слатки женички-домаќинки, опкружени со две русокоси дечиња и „чекерс” кокер-шпаниел крај божиќна елка се занавек прегазени. И заменети со сцени на распашани, здивеани, збеснати, неизбањати, полу-образовани шарлатани напумпани со интернет-науки и во крвнички судир со реалноста од која имаат дигнато раце уште од времето кога бегаа од часови и им се потсмеваа на „петкашите”.

Промената на митологијата на политичката Американа не може да биде потемелна. Потсетете се на некогашната поделба на улогите во кои републиканизмот-конзервативизмот беше редовно доделуван на русокоси, стројни, пендантни, високи и надмени деца од богати семејства. Во непрекинат судир со демократскиот-либерализам отсликан низ „nerd” мангупчиња со дебели наочари, ситни телца, бубулки, сексуални фантазии и секогаш вклучен Комодор компјутер. Настаните од 6 јануари, затоа, наликуваат како на реал-шоу продолжение на популарниот „Revenge of the nerds” Б-продукциски филм од осумдесеттите, во кој арогантните синови на аристократската привилегија ја изгубија битката со децата на технолошката револуција во Силиконската долина. Обидите за префрлање на вината за поразите врз влијанието на технолошките магнати е само потврда за предоцното, гневно, панично соочување со губењето на традиционалните форми на влијание и зависноста од современите методи на комуникација.

Америка, за разлика од Европа, се определи за директно, бескомпромисно соочување со архаичната циничност на квази-десничарскиот популизам на експлоатација на гневот, расизмот и пандемијата на секакви фобии. Европа, од друга страна, заљубена во митот на сопствената „борба низ дијалог” опстојува врз тактиката на кастрација на десничарскиот популизам преку инкорпорирање на  нејзините забеганости во мејнстрим понудите. Новата десница на Емануел Макрон и Марк Руте ја има усовршено наративата на глумење вербална храброст и современост, но ниту едниот од нив ја нема ниту визијата на Тони Блер за „нов лабуризам”, ниту храброста на Ангела Меркел за еволуција на погледите и превземање чекори спротивно на популарноста на јавноста и калкулираниот „протест” на екстремната десница. Макрон, Руте, комплетната постава на Европските народни партии се денес носители на маската на европејство, зад која се крие сопствената статичност, атавистичност и страв од новото. Со одбивањето на директно соочување против архаизмите на екстремната десница, тие самите ја имаат делегитимирано сопствената битност и капацитет во промовирање на современата десница. И се имаат ограничено на улогата на помало зло за спас од неминовното.

Make Macedonia Gruevski аgain”

Балканот и Македонија се докажано секогаш спремни да за еднократна употреба дрпнат дел од звездената прашина на тековната глобална политичка звезда. Така беше со Барак и нашите комични имитации на Обама, со Реџеп Таип и локалните баба-Ердогани, со Владимир и мачо-Путин имитатори без кошули и јавнати на магарињај. Џо Бајден не е новост и материјал за копирање за нашата јавност, додека пак Камала Харис е сепак сеуште недоволно артикулирана за да биде сметана како модел. За очекување е дека популарноста на Берни Сандерс кај домашната миленијална генерација ќе продолжи да ја храни левичарската еволуција.

Домашната десница, лишена од нови модели за угледување и искомплексираноста од болните паралели со методите на Доналд Трамп, е принудена да се самооткрива. Со надеж дека во тој процес ќе смогне сили да намерно ја увиди погубноста од мрзеливото наслонување врз ботовски конзервативизам и алармџиско десничарство. Растргната помеѓу популистичката носталгија за „Make Macedonia Gruevski аgain” и клановски здружена против новите младо-Македонци на промената, најдобрата понуда на десницата се сведува на спречување на заевизмот.

Засега барем, десницата со ништо не покажува дека има способност, храброст и капацитет да ја надмине комотната и погубна логика и константа на парадно термопилско спартанство пред јавноста и византиско интригашење по системски подруми. Зависна од копирање на туѓи наративи и патетично зависна од дневно-политички етно-партиски хистерии, десницата пропушта да ја увиди парадоксалната дихотомија на општеството. Во кое духот на социјалната десница и традиционалниот конзервативизам е во виден подем. Но не како рефлекс на понудата на инстутиционалната десница, туку напротив, како ограда од експлоатацијата на нивните побуди од двете идеолошки имитации на десницата и левицата. Оваа десничарска постава нема капацитет да ја увиди промената и капитализира од нејзината енергија. Заглавена во сопствениот златен замок и зависна од навиката на играње на картата на комотност преку компромис, десницата ќе продолжи да чмае во исчекување на етничкиот топтан од стриповската фантазија. По цена на губење на индивидуалното мнозинство од учебникот на реалноста.