Десните популисти во Европа го сечат стеблото на кое седиме сите | Свет | DW | 30.06.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Десните популисти во Европа го сечат стеблото на кое седиме сите

ЕУ донесе одлука да ги затвори своите граници за бегалците. Со тоа им дозволува на десните популисти да диктираат свои цели во Европа. Сега е потребен отпор на демократите, оценува Барбара Везел.

Дали резултатот од ЕУ-самитот ќе ја спаси германската канцеларка или не, не е одлука што се носи во Брисел. За тоа сега главите мора да си ги чукаат неопопулистите во Минхен. Вештачки инсценираниот судир за моќ во Берлин, како што е познато, нема врска со фактите за актуелната миграција во ЕУ. Дрзок е обидот на шака мегаломани од Баварија да ја стават целата ЕУ во положба на заложник и да ги инструментализираат германските конзервативци за да ја преземат власта од полибералното крило на Меркел.

Повеќе: Кризна средба во германската влада

Конјунктурноста на популистите

За несреќа, токму Австрија го презема претседавањето со ЕУ во наредните шест месеци. Канцеларот Курц воодушевено посега по можноста да ја сврти Европа в десно, како што неговите конзервативци во Виена веќе направија преку коалицијата со десноекстремната ФПО. Таа е во интимна прегратка со Лега во Италија, каде Матео Салвини себеси се гледа како нов „Дуче“ во наследството на Мусолини и го издига непочитувањето на човечкото достоинство на ниво на нова уметничка форма.

Оваа нова оска на десничари е во пријателски однос и со Унгарецот Виктор Орбан, таткото на кампањите на лаги, хушкачки говори и незауздан популизам во Европа. Неговиот рецепт гласи: на луѓето само мора доволно долго да им се вели дека странците и мигрантите се нивни непријатели и тие ќе почнат да веруваат во тоа. Во Унгарија тоа извонредно функционира.

Дали ЦСУ во Баварија некогаш размислувала каков вид на проповедници на омраза и продавачи на магла следи во случајов? Дали овие баварци бегале од часовите по историја и не ги разбираат механизмите на настанување на авторитарното владеење и на уништување на демократските структури? Тоа, токму за Германци е свидетелство за политичка мизерија!

Barbara Wesel Kommentarbild App *PROVISORISCH*

Бараба Везел

Слободарска демократија или нов национализам?

Компликуваниот систем со име Европска Унија е производ на слободарските демократии во Европа. Тој се заснова на избалансирани права и обврски на членките, врз духот на соработка и солидарност, збор кој во меѓувреме речиси се претвори во навреда. Паролата „Италија на прво место“ која се следи од страна на новата влада во Рим и повторниот подем на егоистичниот национализам се смртен отров за Европа. Или важи системот на компромиси, порамнување и заеднички интерес, или системот на национална полза. Двата заедно не одат.

Во моментов се чини дека новиот национализам има добра конјунктура. Но вџашувачката кусогледост на неговите застапници значи дека тие го сечат стеблото на кое седиме сите. Кога Виктор Орбан создава своја приватна автократија, тоа може да го прави само затоа што добива милијарди од Брисел. Доколку помогне за уништување на ЕУ, тогаш и тој ќе падне како кегла.

Повеќе: Меркел: Миграцијата може да стане судбинско прашање за ЕУ

Европа со децении ни дава слобода, благосостојба и мир. Колку слепи мора да се конзервативците во Баварија за да го игнорираат фактот дека - заедно со северот на Италија - станаа еден од најбогатите региони во светот во прва линија благодарение на ЕУ? Само затворањето на отворените граници во Шенгенскиот простор за најкратко можно време ќе чини милијарди. И сето тоа поради една идеолошка хистерија која ги прогласува мигрантите за најголемо политичко зло.

А, каде е хуманизмот? И каде се т.н. христијански вредности? Баварците, наместо да бесат крстови во институциите, би требало подобро да ги негуваат доблестите на човечноста. Но единствената која сѐ уште се осмелува претпазливо да укаже на човековите права е Ангела Меркел. За жал, со тоа веќе не стигнува далеку.

Европа ги пропушта своите вистински теми

ЕУ во моментов потклекнува под притисокот на популистите без да пружи голем отпор. И, поради тоа, си ги пропушта своите вистински теми: заканувачката демонтажа на НАТО, трговската војна со Доналд Трамп, запоставените региони и слоеви од населението, дигиталнтаа економија. Има доволно работа! Но, се чини дека демократите во Европа го пропуштаат моментот за пружање неопходен отпор. Ангела Меркел е заслабната, Емануел Макрон калкулира чисто со тактитки за опстојување на власт, а и воопшто - нема контраветер за одбрана на јадрото на Европа.

Повеќе: ЕУ-самит: долг пат до (некаква) согласност

За ваквата мизерна состојба свој добар придонес даваат токму конзервативците од Баварија. Меѓутоа, ако се анализира стремежот на ЦСУ да се профилира како германска „Лега Зуд“, тогаш најновите истражувања мора да предизвикуваат немир во партијата. Рејтингот на нејзините ударни тупаници Зедер и Зехофер е во слободен пад. Убедените Европејци можат само да им посакаат продолжување на стрмоглавиот пад.

DW.COM

Реклама