Десет години по економската криза: Дали навистина нешто научивме? | Економија | DW | 15.09.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Десет години по економската криза: Дали навистина нешто научивме?

Кризата започната со банкрот на банката Лиман во САД, трае до денес. Ниту стопанството, ниту економската политика не изведоа консеквенции од финансиската криза пред десет години, смета економистот Томас Штраубхар.

Како да беше вчера, добро се сеќавам на 15. септември 2008. година. Беше понеделник. За време на викендот претходно, тогашниот американски министер за финансии Хенри Паулсон, шефот на ФЕД - Бен Бернанке и водечките раководители на Вол Стрит очајно и крајно безуспешно бараа купувач за банката Лиман, која беше пред банкрот. Банката мораше да прогласи банкрот, зад неа остана планина долгови од 600 милијарди американски долари. 25.000 вработени во Лиман ја загубија работата, а милиони луѓе голем дел од својот имот во падот на берзанските курсеви во цел свет.

Како некој краток спој да предизвика тотален испад на системот за снабдување со електрична енергија, светската економија го загуби моторот. Следеше најтешката рецесија во повоениот период. Производството во светски рамки се намали за преку два процента, светската трговија забележа пад од дури десет проценти. Само благадарение на подржавувањето на банки, социјализација на приватните загуби и активирањето на печатниците за пари на сите централни банки, можеше да се спречи нешто уште полошо.

Buchmesse Leipzig - Thomas Straubhaar (picture-alliance /dpa/J. Kalaene)

Томас Штраубхар: ситуацијата ни денес не е постабилна

Брутално уништување на една економска теорија

Тој 15. септември 2008. година ми остана во неизбришливо сеќавање поради тоа што брутално уништи една економска теорија во која претходно немав ни грам сомнеж. За време на моето студирање на Универзитетот во Берн имав привилегија за свои професори да имам тројца од најпаметните и најдобри монетарни теоретичари во тоа време: Јирг Ниханс, Карл Брунер и Ернст Балтенпрегер. Тие ме убедија во темелите на монетаризмот, кои тврдеа дека побрзиот раст на количеството пари во оптек во однос на побарувачката на стоки и услуги (при константен оптек на пари) мора да води кон раст на цените, зашто стоките ќе мора да бидат поскапи.

Меѓутоа, без оглед што централните банки во цел свет ги преплавија финансиските пазари со пари, а последователните шоковни бранови се чувствуваат до денес, немаше и нема инфлација, и покрај зголемениот раст на пари во оптек. Очигледно, по финансиската криза веќе не важи едно од основните правила на макроекономијата. Поголем пораст на парите во оптек во однос на порастот на побарувачката на стоки е во најдобар случај нужна, но не и доволна претпоставка за инфлација.

Од друга страна, растат цените на акциите и недвижностите, а со тоа и станарините, што супстанцијално го поскапува секојдневието на посиромашните делови од населението. Тоа пак води кон жестоки дискусии за поточно мерење на инфлацијата: дали треба да се земат предвид осцилациите во цените на сезонските производи и да се исклучат суровините, дали се во прашање и цените на капиталот, кои се одраз на растечките берзански курсеви и цените на недвижностите? И овде финансиската криза отвори бројни прашања, кои уште чекаат на одговор.

И финансиските пазари не се семоќни

Како крајот на монетаризмот да не беше доволен, по 15. септември 2008. година морав да се збогувам и од второто економско-научно правило. Зашто, во годините пред кризата бев убеден во сознанијата на американските економски носители на Нобеловата награда - ефикасноста на финансиските пазари е правило, а потфрлувањето е само исклучок. Токму на оваа хипотеза за пазарната ефикасност се темелеше дерегулацијата на финансиските пазари на преминот меѓу вековите. Берзанските курсеви постојано рационално и правилно ќе ги отсликуваат достапните информации, новите информации водат кон моментно прилагодување.

Повеќе: 

Десет години финансиска криза- се научи ли нешто?

Пет години по пропаста на Лиман Брадрс - финансиските пазари остануваат „градилишта“

Финансиската криза ја разоткри теоријата за ефикасноста на пазарите како теоретска играрија без емпириска содржина. Очекувањата за очекувањата на сите други актери беа двигател на однесувањето на финансиските пазари. Последица беа иманентен стремеж кон чопоративно однесување и самоисполнителни пророштва: очекуваните растечки цени од страна на пазарните актери ги навлекуваа шпекулантите на шпекулирање раст на цени, со што цените вистински растеа. Почетните очекувања навидум се остваруваа. Тоа пак провоцираше вклучување во игра на нови шпекуланти. Кога сите актери веруваат во погрешен модел, тој во еден момент се чини дури „вистински“. Во реалноста, тоа е фактички патување кон Ерусалим, кое потоа неочекувано се стопира, кога одделни инвеститори прават пресметка, други ја губат вербата во натамошен пораст на цените и паничното продавање предизвикува пукање на меурот од сапуница.

Денешната ситуација не е постабилна

Финансиската криза ги разоткри размерите на влијанието на поединечните интереси и егозимот на банкарските менаџери, берзанските трговци, рејтинг-агенциите и финансиските институти врз вкупните економски потфрлувања. Алгоритмите на високофреквентната трговија не се грижат воопшто за реалноста. Сѐ што ги интересира се курсевите на берзата, кои една нано-секунда претходно самите ги пресметале. На таков начин, шпекулантите си играат како со топка со пазарите на стоки, труд и капитал, одврзани од сите макроекономски основни податоци. Наместо да бидат масло за подмачкување на моторот на реалната економија и да се грижат за непречено одвивање на пазарните трансакции, финансиските пазари ги забрзуваат пожарите и ги распалуваат жариштата во светски пожари.

Вилијам Вајт, поранешниот водечки економист во Банката за меѓународно платежно порамнување, не е единствен во мислењето дека економската политика и наука во изминатите десет години малку или воопшто ништо не научиле од банкротот на Лиман. Затоа, се заканува уште поголем крах отколку оној во септември 2008. година. Во прилог на тоа зборува можеби фактот што ситуацијата денес не е вистински постабилна или поотпорна на кризи отколку пред десет години. Непроменето постојат огромни дефицити во теоријата и праксата кога станува збор да се вреднуваат размерите на економската криза. Економистите уште пречесто користат застарени идеологии за толкување на новата реалност. Одделните интереси, поединечните динамики и погрешните убедувања сѐ уште ја загрозуваат и отежнуваат вистинската двострана интеракција на финансиките пазари и реалната економија.

Томас Штраубхар е швајцарски економист и истражувач на миграциите. Тој е професор за меѓународни економски односи на Универзитетот во Хамбург.

DW.COM