Десен екстремизам во Бундесверот?! | Свет | DW | 03.05.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Десен екстремизам во Бундесверот?!

Како офицерот Франко А. можел да остане во Бундесверот и покрај десноекстремистичката ориентација? Тоа се обидува да го открие министерката за одбрана и - да си ја спаси главата. Меркел застана во одбрана на министерката

Случајот со офицерот на Бундесверот, кој со месеци водел двоен живот и се претставувал и како сириски бегалец, планирајќи напад, доби неочекувани димензии и во меѓувреме прерасна во огромен скандал, кој може да ја спрепне и министерката за одбрана, Урсула фон дер Лајен. За да внесе повеќе светлина во целата работа, таа ја откажа планираната посета на САД и денеска лично отпатува во францускиот град Илкирих, каде бил стациониран осомничениот офицер Франко А. За личноста на припадникот на Бундесверот деновиве излегуваат сѐ повеќе детали во јавноста. Тој бил десноекстремистички ориентиран, што на Бундесверот му било познато уште од 2014. година, без да го суспендира од должност. Истражен тим во касарната во Илкирих пронашла исцртани кукасти крстови и симболи на Вермахтот.

Јасни укажувања за идеолошката насоченост на Франко А. се присутни и во неговата магистерска работа, со која тој во 2013. година ги завршил студиите по државни и социолошки науки на реномираната француска воена школа Сен-Сир. Директорот на Универзитетот, Антоан Виндек за неа напишал дека таа е пронижана со расизам и теории на заговор за изумирањето на европските раси и е оценета со слаба оценка. Виндек до германските колеги напишал забелешка дека, доколку станувало збор за француски студент, веднаш би го исклучиле. Франко А. во својот труд пишува за наводен „геноцид“ врз западните општества кои се на пат на залез поради масивното доселување, пренесува „Шпигел“.

Отворена е редица прашања, посебно: како можеле десноекстремистичките тенденции на Франко А. со години да останат без последици? Дали во Бундесверот постои цела мрежа од десни екстремисти и дали владее систем на прогледување низ прсти и замачкување очи меѓу германските војници?

Verteidigungsministerin Ursula von der Leyen (picture-alliance/dpa/M. Schutt)

Министерката и војската - однос оптоварен со недоверба

Токму тоа Урсула фон дер Лајен ѝ го префрли во неделата на својата војска. Таа зборуваше за „погрешно држење“ како една од причините за задоцнетото разоткривање на Франко А. Политичарката од ЦДУ ја критикуваше војската за слабости во раководењето и за незнаење кога е премината границата кон екстремизам.  

Критиката на министерката е паушална, гласи контракритиката на функционери од Бундесверот и политичари. Бројни политичари пак, и тоа без оглед на партиската припадност, бараат и разјаснување дали во Бундесверот околу Франко А. постоела десноекстремистичка мрежа. Според повеќе медиуми, во плановите за напад од Франко А. биле инволвирани до четворица други војници.

Дека во теоријата за постоење барем мала по обем мрежа, сепак може да има вистина, стравува и политичарот од ЦДУ Хенинг Оте. „Мора детално да се истражи настанувањето на тамошните десноекстремистички структури. Доказите упатуваат натаму.“ Пратеничката од Зелените Агњешка Бругер дополнува: „Разбирливо, ако во касарната егзистирала каква било мрежа, која евентуално планирала насилни напади, тоа би било апсолутно хорор-сценарио“. Политичарот од СПД Рајнер Арнолд потсетува дека зачестеното откривање на случаи на десен екстремизам во Бундесверот мора да се сфати многу сериозно, за што одговорност сноси Урсула фон дер Лајен: „Министерката мора под итно да презме нешто за средување на работите.“ 

Германската канцеларка Ангела Меркел застана во одбрана на министерката за одбрана во напорите за целосно расветлување на скандалот во Бундесверот.

 

DW.COM

Реклама