Денови на хаос во еврозоната | Економија | DW | 21.03.2013
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Денови на хаос во еврозоната

Девет месеци се преговараше за спас на Кипар. И само што е пронајдено решение, кипарскиот парламент олучи да го одбие. Економистите сметаат оти политиката на земјите во еврозоната делумно е виновна за настанатиот хаос.

default

Zypern Euro Münze

Кога Клеменс Фуест, претседателот на Центарот за европско економско истражување, на крајот на минатата недела ја прочитал веста за договорот меѓу Кипар и меѓународните кредитори, најпрво помислил дека се работи за погрешна информација: „Во Европа постојат јасни правила за уредување на банки“, кажува Фуест.

„Апсолутно самоволие“

Тоа правило предвидува гаранција, која прво ја даваат самите банкари, а кога е потрошен сопствениот капитал тогаш тоа го прават доверителите. Во нив спаѓаат сопствениците на акции и банковни сметки.

По правило гаранцијата ја даваат акционерите кои во добри времиња добиваат високи дивиденди, а штедачите со вложувањата со 100.000 евра се заштитени со посебни фондови. Така тоа го вети Европската унија. Меѓутоа, може да се случи исто така кипарските гарантни фондови да банкротираат и на крајот и малите штедачи да имаат големи загуби.
„Законите всушност бараат да се оди по тој пат, прво да мора да платат сопствените приватни акционери, а потоа надворешните вложувачи“, кажува Фуест.

Министрите за финансии на земјите-членки на еврозоната меѓутоа скршнаа од тој пат, па најнапред сакаа штедачите, кои имаат влог до 100.000 евра, да бидат оданочени со околу 7 проценти. Тоа е всушност делумно одземање на приватна сопственост кое политичарите разубавено го викаат данок. Во некои други области тоа би завршило пред суд, кажува Фуест и додава: „За мене тоа е скандал, тука да се дозволува апсолутно самоволие.“

Стравот од финансиски пожар е голем

Навистина, исправно е приватните доверители да придонесуваат за спасување на една кризна земја, но ова е прв нечесен обид до таа мерка што учеството на приватните инвеститори е потполно дискредитирано, смета Фуест. И директорот на Институтот за економска политика на Универзитетот во Келн, Ахим Вамбах предупредува на тоа дека главен проблем е загубата на доверба: „Што сега да мислат Шпанците. Банките таму се под заштита на европскиот заштитен механизам. Акционерите и понатаму ги оставаат на мира. Да сум Шпанец, би станал нервозен и би префрлил дел од парите во странство или би ги ставил под перница.“

И додека некои од експертите сметаат дека банкротот во Кипар е неизбежен, економистот Фуест мисли оти ЕУ тоа нема да го дозволи. Сепак, стравот од домино реакција и голем финасиски пожар во еврозоната е преголем.