Демонстрации против едно име: За нашата сакана Македонија | Северна Македонија | DW | 02.02.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Демонстрации против едно име: За нашата сакана Македонија

„Националистите во Грција се мобилизираат“, пишуваат весниците на германски јазик за претстојните демонстрации во Атина против името на соседот Македонија. Тема е и борбата за засилено руско влијание во Западен Балкан.

„Марш против едно име“, е наслов на анализата во весникот „Винерцајтунг“ на дописникот Фери Бацоглу во пресрет на  масовните демонстрации во Грција против тоа нивниот сосед да се вика - Македонија

„'Ги повикуваме сите Грци да дојдат в недела на големиот протест во Атина. За нашата сакана Македонија', гласи вчера издадениот проглас на организаторите, соопштен на прес-конференција. Сите Грци сигурно нема да дојдат, но ќе ги има многу. Толку многу, колку што не можеше да мобилизира дури ни трајната тема, економската криза...“, пишува  во воведот „Винерцајтунг“, продолжувајќи:

„Од есеноска ненадејно повторно дојде до придвижување во комплицираното прашање за името, кое во странство е несфатливо или за кое со неверување се одмавнува со глава. ПЈРМ, како што гласи официјалното име на двомилионската држава, во јули, на следниот НАТО-самит би требало да биде примена како 30. членка, но за тоа треба да даде согласност соседот Грција, која во НАТО е од 1952. година и во минатото се противеше.

Од грчка страна, не е во прашање само промена на државното име 'Република Македонија', во меѓувреме билатерално признато од преку 100 држави, туку се бара и укинување одредби во македонскиот устав кои би можеле да предизвикаат територијални претензии кон јужниот сосед, конкретно кон провинцијата Македонија. Во суштина, се потегнуваат и историски, етнички и филолошки прашања. Мнозинството Грци притоа не знае друг одговор освен: не постои македонски народ, нема македонски јазик.

Повеќе на темата: 

Грчката опозиција против решение на рати со Македонија

Идентитетот не може да биде предмет на преговори

Спор за името: 25 години лет во место

Левичарскиот грчки премиер Алексис Ципрас сака да постигне заедничко решение со Скопје. Но, и за Ципрас доаѓа предвид најмногу име со географска или друга одредница, најрадо на кирилица. Досега во јавноста протекоа низа предлози на вечниот ОН-посредник Метју Нимиц: 'Нова Македонија' и 'ГорнаМакедонија' се меѓу нив. Коалициониот партнер на Ципрас, националконзервативните „Независни Грци', категорично  одбиваат било каква употреба на името Македонија. Поддршка откажува и лидерот на опозицијата Киријакос Мицотакис, обвинувајќи го Ципрас дека сака сам да направи дил со Скопје.

Сепак, Ципрас би можел во краен случај да собере тесно мнозинство во Парламентот за прифаќање сложено име за соседот. Пратеници од либералната Потами партија или социјалдемократскиот Пасок можат да гласаат во негов прилог, гласи неговата калкулација.

Новата влада во Скопје под умерениот социјалдемократ Зоран Заев покажува подготвеност за компромиси. Колку далеку би одела во преговорите со Атина, владата не открива. Заев сака евентуалното решение да го стави на референдум, за разлика од Ципрас. В недела владата на Ципрас повторно ќе биде на тест. Организаторите очекуваат еден милион демонстранти. Тие го отфрлаат обвинението дека тоа ќе биде протест на брутални националисти. Еден од говорниците ќе биде Микис Теодоракис, светски познатиот композитор, галионска фигура на Левицата. На говорницата нема да има партиски луѓе, тврдат организаторите - Ова е глас на народот“, пишува весникот „Винерцајтунг“.

Russland Wladimir Putin, Präsident (Reuters/G. Dukor)

Рускиот претседател Владимир Путин стреми кон поголемо влијание во Западен Балкан

Путин насекаде

„Нојес Дојчланд“ пак во текстот под наслов „Путин насекаде“, пишува за заострувањето на борбата за влијание во Западен Балкан.

„Европа, критикуваше деновиве Екатерина Захариева, шефица на бугарската дипломатија, досега не се ангажираше доволно во Западен Балкан. Тоа е причина што таму засилено влијание бележат земји кои не спаѓаат во 'европската фамилија на народите', мислејќи на Турција и Русија.

Кремљ, предупредуваат познавачите на приликите во регионот и во Москва, преку преземањето на власта од страна на проевропските групи во Македонија и преку пристапот на Црна Гора во НАТО, претрпе два пораза во Западен Балкан. Оттаму, Кремљ сега тежнее кон реванш и ќе го зголеми притисокот врз Србија, но првенствено врз Босна и Херцеговина... Москва во БиХ ќе се потпре на зависноста на земјата од лиферувањето руски гас и 'софт пауер': засилување на алијансата меѓу православните Срби и католички Хрвати. И едните и другите стремат кон приклучување кон своите матични држави, но поради соодносот на етничката припадност можат да го реализираат само заеднички. Зашто, Бошњаците, кои сочинуваат 50 проценти од вкупното население, се спротивставуваат на центрифугалните сили. Ни Дејтонскиот договор не дозволува цепење на БиХ на етничките делови. Москва спаѓа во силите гаранти на Дејтон, но би профитирала од нов поредок во регионот, зашто така настанатата Голема Србија би била проруска, а Босна зона на влијание на пријателската Турција.

Најлошото од сите сценарија може да го спречи само Западот. Но, САД и Европа во моментов се зафатени претежно со себе самите и други градилишта, се жали хрватската екс-министерка за надворешни работи Весна Пусиќ. Резултат: почетната европска еуфорија во цел Западен Балкан сѐ повеќе преминува во разочарување. Таму Путин убедливо е најпопуларниот странски политичар. Во Србија, во северно Косово, или во Бања Лука, тој е сеприсутен, неговиот лик го има на чаши и маици и во киосците. Кај лево ориентираните шефот на Кремљ поентира со антиамериканизмот, кај десничарите со својот ултраконзервативен вредносен канон,“ пишува „Нојес Дојчланд“. 

 

DW.COM

Реклама