Демонстранти упаднаа во тајландското министерство за финансии
25 ноември 2013Лидерот на демонстрациите Сутеп Таугсубан ја повика толпата да им ја покаже на властите моќта на народот: „Одете на секој кат, во секоја просторија, но не уништувајте ништо“, побара тој од демонстрантите.
Акцијата е дел од голем бран протести против премиерката Јинглак Шинаватра. Повеќе од 30.000 луѓе во текот на денот протестираа низ Банкок. На 13 локации се планираат масовни демонстрации. Цели на демонстрантите се објекти на владата и на армијата. Пред главното седиште на полицијата веќе е насобрана голема толпа луѓе. Тие сакаат да ги анимираат вработените во јавните дејности на цивилна непослушност за да се собори владата, објавија водачите на протестите. На улиците во Банкок веќе дојде до први судири меѓу демонстрантите и полицијата.
Во текот на викендот на протести излегоа 100.000 противници на владата. Ова е најголем бран протести во Тајланд во последните години. По соборувањето од власт на братот на Јинглак, Таксин Шинаватра, земјата беше потресена од жестоки протести и безредија, во кои учествуваа и негови приврзаници и негови противници блиски до монархијата. Во текот на повеќенеделните протести на приврзаниците на Таксин против тогашната влада, пролетта 2010 година, загинаа повеќе од 90 луѓе, а повредени беа 1.900.
Причина за новите протести на приврзаниците на опозицијата е контроверзен план за амнестија. Опозицијата стравува дека амнестијата ќе му овозможи на Таксин, кој живее во егзил, да се врати во Тајланд. Сенатот го отфрли законот, но протестите не стивнуваат. Опозицијата ја обвинува Јинглак дека нејзиниот брат Таксин ја контролира тајландската влада.