Делетро: Време е политичарите во Македонија да направат нешто конкретно | Македонија | DW | 10.10.2007
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Делетро: Време е политичарите во Македонија да направат нешто конкретно

Само конкретни резултати ќе и донесат датум за преговори на Македонија со ЕУ, порачува за ДВ, Ален Делетро од Меѓународната кризна група. Косовскиот статус може да предизвика нови тензии во регионот. На потег е ЕУ.

default

Реформите во Македонија се забавени, неодамна имаше и инциденти во Парламентот. Ви личи ли Македонија на земја која треба да стане членка на ЕУ?

Ален Делетро - Навистина она што се случи во Парламентот не е убаво, но не би го насочувал толку многу вниманието кон тоа. Македонија е земја која треба да стане дел од ЕУ, но за тоа мора повеќе да работи на реформите. Во рамките на реформскиот процес може да се појават кризи, како таа во Парламентот, но такви нешта се случуваат и на други места. Македонија е на пат кон членство и треба да продолжи по него. За тоа е најважно да се продолжи со реформите.

И Брисел бара конкретни реформи од македонските политичари, но впечатокот е дека тие повеќе се занимаваат со внатрешните препукувања. Каде грешат македонските политичари?

Еден од проблемите е тоа што, сега имиџот на Македонија кој се доживува надвор е дека политичарите во земјата навистина се преокупирани со внатрешната проблеми и нивното позиционирање во домашните медиуми отколку што работат на реформите. Сепак дека две работи се најважни за Македонија – да се продолжи со реформите, особено во судството и политичарите да се обидат да обезбедат политички консензус за работите кои и се потребни во евроинтегративниот процес. Еднаш кога ќе се изгради ваков консензус тогаш политичарите повеќе нема да се концентрираат на меѓусебните препукувања за внатрешни теми. За жал во моментов не е јасно дали меѓу политичарите во Македонија постои воља за ваков консензус, односно за таканаречениот национален проект.

Македонија веќе загуби две години како кандидат и не покажа многу резултати во Брисел. Има ли капацитет земјата да го исполни она што се бара од неа?

Капацитет има. Но, исто така и алармот веќе подолго време звони гласно и предупредува. Време е политичарите да го слушнат и да сторат нешто конкретно.

Речиси е сигурно дека претстојниот извештај на ЕК нема да препорача датум за почеток на преговори со Македонија. Словенија има план за време на нивното претседателствување со Унијата, во првата половина од следната година, преку преоден извештај да издејствува датум за Скопје. Ќе успее ли Словенија да ги убеди останатите земји членки во исправноста на ваквата одлука?

Јасно се гледа дека приоритет на словенечкото претседателство со ЕУ е да издејствува подобра евроинтеграција на балканските земји за да може тие да одат напред. Сигурен сум дека ова ќе има централна улога во нивното претседателствување со Унијата. Тоа минатата недела ни го потврди во разговор и нивниот министер за надворешни работи. Но, конкретен одговор на вашето прашање дали Словенија може да ја протурка работата и ако критериумите од македонска страна не се исполнети – одговорот е јасен - нема да може. Во овој период во Македонија мора да се видат реални напори и конкретни резултати од реформите пред датумот да се најде на маса.

Ако ништо од ова не се оствари, дали може да се очекува дека Македонија ќе назадува и во ЕУ ќе се разгледува во групата со останатите балкански земји, како Босна, Србија и Црна Гора?

Се надевам дека тоа нема да и се случи на Македонија, бидејќи не мислам дека Србија и Босна сега се во ситуација да започнат преговори со Унијата. Додека Македонија може и сега да биде во ситуација да преговара. Навистина повеќе би сакал Македонија да оди напред, да ги собере сите сили и да вложи напори за да ги исполни условите за почеток на преговори.

Друг проблем за Македонија на патот кон ЕУ и НАТО е спорот со името меѓу Скопје и Атина. Колку се реални заканите за вето на Атина на членството на Македонија?

Се надевам дека Грците ќе се надраснат и ќе ја смират топката. Знате дека ставот на Меѓународната кризна група е јасен - Македонија има право на своето име. Постојат повеќе начини за решавање на ситуацијата, но Грците мора да преземат попрагматиочни чекори во разбирањето на проблемот.

Кој би бил исходот?

За време на предизборната кампања слушнавме изјави дека Грција ќе стави вето на членство на Македонија, но сигурен сум дека ќе се најде компромисно решение кога преговорите ќе продолжат. Сепак не го гледам ова како главен проблем на Македонија. За евроинтеграција на земјата, сега е најважна брзината на реформите, односно проблемот е во тоа што реформите во Македонија се забавени.

Македонија очекува на следниот самит на Алијансата да добие покана за членство во НАТО. Што ако тоа не се случи? Каква порака ќе и се испрати на земјата?

Би рекол дека во такво случај пораката адресирана до земјата ќе биде - дека таа треба да си ги собере силите и да направи нешто конкретно. НАТО има пропишано јасни критериуми кои мора да се исполнат. Ако тие не се исполнат и од таму нема да има покана за членство. Но, се уште имате време да покажете резултати до донесувањето на одлуката во НАТО.

Колку Косово и исходот од решавањето на неговиот статус може да влијаат врз безбедноста на регионот и Македонија?

Ако ништо не се промени во однос на статусот на Косово до крајот на годинава, ако луѓето во покраината немаат јасна визија со конкретнен план што ќе се случи со нив и каков ќе им биде конечниот статус, тогаш, за жал може да очекуваме тензии кои може да придонесат кон дестабилизација на регионот. Без разлика дали тоа ќе бидат големи демонстрации во Приштина или полошо со употреба на насилство. Секако тоа ќе има влијание и врз стабилноста не само во Македонија туку и во целиот регион. Токму затоа според Меѓународната кризна група, најдобро решение е по периодот на преговори - значи по десети декември - ако двете страни не пронајдат компромис, ЕУ да пресече и да ја донесе одлуката - да се продолжи според планот на Ахтисари кој го поддржаа.

Што мислите за идеата да се одржи конференција за Косово по теркот на дејтонската за Босна?

Не сум сигурен дека тоа ќе донесе нешто повеќе. До сега се одржани толку многу конференции, многу преговори, еве и сега имаме нова рунда преговори. Но,ако до десети декември видиме дека двете страни не може да постигнат договор тогаш не знам како некаква конференција би помогнала. Мислам дека веќе не е време за конференции туку за одлуки. Дури и кога е тешко одлуките да се донесат тие мора да бидат донесени. Косово и статусот се на дневен ред од 1999 година. Во овие години од српска страна не видовме сериозен план за реинтеграција на Косово во Србија се до минатата недела. Тоа е првпат да дадат план којшто изгледа малку посериозно. Од страна на Русија гледаме силна спротивставеност на секое решение за Косово за кое нема да се согласи Белград. Америка застапува сосема спротивна позиција. Претседателот Буш јавно се изрази за поддршка на еднострано прогласена независност ако преговорите не донесат резултат. Само од ЕУ не чувме ништо. Токму затоа сега е време Европа да се соочи со обврските и да донесе одлука. Не да организира конференција. Луѓето, особено дипломатите и бирократите уживаат да одат на конференции. Но, конференциите, или поточно уште една конференција повеќе, не ги решава проблемите. Впрочем луѓето од балканскиот регион добро го знаат тоа.

Тогаш кое е најдоброто решение кое ќе го донесе ЕУ, а со кое ќе се согласат и двете страни?

Не мислам дека постои такво решение со кое ќе се согласат двете страни. Мислам дека тешката одлука која ќе мора да ја донесе Европа е да ја признае еднострано прогласената независност на Косово која би се реализирала според планот на Ахтисари. Бидјеќи една од работите од која стравуваме сите, е ако лидерите во Косово се најдат во ситуација во која под притисок на јавноста донесат хаотична декларација за независност. Тогаш каде ќе отидат гаранциите за малцинствата кои ги содржи планот на Ахтисари? Најдобро е ЕУ и Приштина да ги координираат активностите како ќе го изведат ова и да се осигураат дека планот на Ахтисари кој веќе има поддршка од Приштина да се содржи во таквата декларација за независност. Секако ова е тешка политичка одлука и воопшто не е лесно да се донесе. Но, време е ЕУ да донесе тешка одлука. Од друга страна и Србија мора да избере каде се гледа во иднина. Ако се гледа во ЕУ, тогаш Србија мора да забрза со внатрешните реформи. Исто така мора да може подобро отколку до сега да се соочува со минатото, целосно да соработува со Хашкиот трибинал, и потоа да одлучи дали ќе бара преговори за интеграција во ЕУ.