Девет од десет луѓе во светот дишат лош воздух | Панорама | DW | 01.10.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Девет од десет луѓе во светот дишат лош воздух

Во светот секоја година од последици од загадување на воздухот умираат седум милиони луѓе, се вели во најновата студија на СЗО.

Секој деветти смртен случај во светот е поврзан со загадувањето на воздухот, а прогнозите не ветуваат ништо добро, зашто во многу региони, според Светската здравствена организација, квалитетот на воздухот станува сѐ полош. Најголемите фактори на ризик по здравјето, според студијата на СЗО објавена во Женева во вторникот (27.09), се издувните гасови од автомобилите, термоцентралите и уништувањето на шумите. Во светот 92% од населението дишат воздух со вредности на загадување над дозволните граници.

Дополнителен фактор на ризик е и „внатрешниот“ воздух, оцени СЗО. Тој се загадува пред сѐ со согорувањето на дрва и јаглен за готвење и затоплување, или пак од керозинските ламби.

Според наводите на Светската здравствена организација, околу три милиони смртни случаи годишно се поврзани со загаден воздух на отворено, а околу 3,5 милиони смртни случаи со загаден воздух во затворени простории. Со загадувањето на воздухот ширум светот во 2012 година биле поврзани 11,6% од смртните случаи.

Загадувањето на воздухот во посиромашните земји често е многу поголемо отколку во високоразвиените земји. Сепак, здравствени ризици од лошиот воздух има „практично во сите земји во светот и сите слоеви на општеството“, вели Марија Неира, раководителка на одделот на СЗО за јавно здравје и животна средина. Таа од владите бара ограничување на бројот на возила на улиците, подобрување на менаџирањето со отпадот и поттикнување на користењето на чисти согорливи материи за готвење.

Речиси 90 проценти од смртните случаи кои се поврзани со загадување на воздухот, се случуваат во земји со ниска и средна заработувачка, а две третини од нив се наоѓаат во Југоисточна Азија и Западниот Пацифик, се констатира во студијата на СЗО. Речиси сите смртни случаи се поради болести кои не се преносливи, како срцеви заболувања, мозочни удари, хронични заболувања на белите дробови или рак на бели дробови.

Опасна прашина

Според СЗО, дозволените граници за особено опасните честички ситна прашина постојано се пречекоруваат. Најситните честички кои лебдат во воздухот содржат штетни материи како сулфат, нитрати и саѓи. Со саѓите се сврзуваат различни токсични хемикалии, на пример полициклични ароматични јаглероводороди кои се познати како предизвикувачи на рак, како и токсични метали и неоргански соли. Тоа саѓите ги претвора во опасни хемикалии кои продираат длабоко во белите дробови и со тоа во крвта. Последиците по здравјето се движат од астма, преку срцеви заболувања, до рак на бели дробови.

СЗО се залага за преземање брзи и консеквентни мерки за да се редуцираат изворите на загадување на воздухот. „Соочени сме со една од најголемите еколошки и здравствени кризи во светот“, оценува Карлос Дора, координатор на одделот на СЗО за јавно здравје и животна средина. Според негова проценка, дел од мерките за заштита од загадување на воздухот кои се преземаат во моментов не се ефикасни. Како пример тој ги наведува дневните информации за квалитетот на воздухот во Пекинг, кои предупредуваат од екстерно загадување на воздухот. Да се остане дома во деновите кога воздухот е особено лош е од мала помош, а нема ниту „сигурни докази“ дека филтер-маските се ефикасна мерка за заштита на здравјето, вели Дора.

Загадувањето на воздухот, како што се вели во студијата на СЗО, би морало да се намали во изворите: колку порано заврши согорувањето на фосилни горива, толку подобро ќе биде за здравјето, гласи централниот заклучок на СЗО.

 

DW.COM

Реклама