Девалвација на јуанот - оружје во трговската војна? | Економија | DW | 06.08.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Економија

Девалвација на јуанот - оружје во трговската војна?

Со воведување царини, американскиот претседател сака да ги поскапи кинеските производи. Но, Пекинг може да му ги помати сметките преку валутниот курс. Вредноста на јуанот е на најниско ниво во последните преку години.

Во понеделникот еден американски долар чинеше 7,04 јуани. Првпат по повеќе од десет години американската валута вреди повеќе од 7 јуани. Во средата,  ден пред американскиот претседател Доналд Трамп да ги најави новите царини,  за еден долар се добиваа само 6,88 јуани. За неколку дена јуанот загуби преку два проценти од вредноста. Тоа изгледа малку во споредба со царините од десет проценти, со кои Трамп сака да ги поскапи кинеските производи, но се чини дека е прво укажување за стратегијата на Пекинг.

Курсот на кинеската валута не е производ само на понудата и побарувачката, туку е управуван од кинеската Централна банка. Границата од 7 јуани за долар меѓу експертите долго важеше за цврста граница која нема да се пробива.

САД постојано ја обвинуваа Кина за вештачко одржување на вредноста на валутата на ниско ниво. Токму Доналд Трамп во својата изборна кампања во 2016. година постојано ја обвинуваше Кина за нефер конкуренција. Колку е помала вредноста на јуанот, толку поконкурентни се кинеските стоки во странство.

Граница од 7 јуани за долар 

Но, без оглед на сите караници околу вистинската вредност на кинеската валута, Централната банка во Пекинг од мај 2008. година, значи повеќе од единаесет години, постојано се грижеше во размената да не се добиваат повеќе од 7 јуани за долар. Се чини дека Пекинг сега се откажа од оваа воздржаност. 

„Мора да причекаме што ќе се случи натаму“, вели Роб Карнел, економски директор на банката ИНГ во Сингапур. Ако кинеската Централна банка при следното утврдување на курсот не преземе контра чекори, „тоа може да значи дека слабеењето на јуанот е дел од  нивниот одговор на заканата со царините  од страна на Трамп.“

„Мој впечаток е дека паѓањето на курсот е намерно“, вели и Џулијан Ивенс-Притчард од Капитол економикс од Сингапур. „Во прилог на тоа зборува тајмингот кратко по најавата на Трамп за царини.“ Освен тоа, Кина речиси нема трговски опции за реагирање на најновите закани на Трамп. „Продажба на американски државни обврзници или извозни ограничувања за ретките метали не се многу силни мерки. Валутата без дилеми е најсилен инструмент“, истакнува економистот.

Други причини за падот на курсот

Други аналитичари се сомневаат во желбата на Кина да го користи јуанот како оружје во трговска војна. „Не гледам никакви докази во тој прилог“, вели Клиф Тан од Мицубиши фајненшл во Хонгконг. „Кинезите не сакаат дополнително да го лутат Трамп.“ Тан и други аналитичари падот на курсот на јуанот го објаснуваат со штрајкот и протестите во Хонгконг. „Она што таму се случува предизвикува висока доза на несигурност и нервоза“, истакнува економистот Карнел.

За американскиот претседател Трамп работата уште сега е јасна: „Манипулирање на валутата!“ твиташе тој во понеделникот утрото, а на својата Централна банка ѝ упати порака - „Слушате ли вие?“

Централната банка на САД минатата недела ја намали водечката каматна стапка, иако од аспект на Габриел Фелбермајер, претседател на Институтот за економија од Кил, не постојат економски нужности за таков чекор. Трамп дури инсистираше на уште поголемо снижување на каматните стапки. Неговиот твит од понеделникот укажува дека тој ослабениот јуан ќе го користи за вршење притисок за натамошно намалување на каматите стапки во САД. Пониските каматни стапки го слабеат доларот и американските производи ги прават поконкуретни на странскиот пазар.

Се заканува ли натпревар во девалвација?

Не е никакво чудо што некои повторно стравуваат од валутна војна. Со тоа уште поневеројатно станува  постигнување договор во трговскиот спор.  „Не веруваме дека во догледно време ќе има напредоци во барањето решение за трговскиот конфликт“, изјави Реј Атрил, експерт за валутни прашања во Националната банка на Австралија. „Во секој случај е нереалистички дека сегашната преговарчка тактика ќе вроди со плод“.

Роб Карнел од банката ИНГ има слично мислење. Никој не очекуваше дека Трамп, кратко по завршувањето на трговските преговори во средата ќе воведе  нови царини.  Тоа за Кина отвора повеќе прашања. „Тие се прашуваат дали гласот на луѓето со кои тие преговараат воопшто има некаква тежина. И секако, во преговорите не сакаат да направат никакви отстапки за веднаш потоа да заработат казнени царини, зашто тогаш имаат двојна загуба“, констатира Карнел. 

 

DW.COM

Реклама