Дебатата „Чиј е Гоце Делчев?“- не води никаде | Северна Македонија | DW | 24.07.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Дебатата „Чиј е Гоце Делчев?“- не води никаде

Општествено политичките и историските предуслови влијаеле некои нации да се раѓаат порано, а некои подоцна. Македонската нација е меѓу поновите, но тоа никому не му дава за право да ја оспорува. Пишува Даут Даути

Деновиве за весникот "Коха” пишував на актуелната тема за етничките корени на Гоце Делчев, сакајќи да придонесам кон оваа дебата која можеби помалку заталка во погрешна насока. Според мене, отворањето такво поглавје „чиј е Гоце Делчев?“, не само што нема да доведе до некаков заеднички став на релација Скопје-Софија („и наш, и ваш“), туку, држејќи до фактографијата, може да доведе до подрастична дилема, онаа веќе познатата дали постои македонски народ...Во тој текст ми се погоди една споредба која не е сосема во ист контекст но е слична: Папа Кристо Неговани е еден познат албански деец од преродбата, чии потомци денес во Грција се чувствуваат (или се приморани да се "чувствуваат”) како Грци, нешто слично со Гоце Делчев, кој во Македонија е централна историска личност на македонското движење, додека неговата сестра во Бугарија се смета дека има други етнички корени. Оваа дебата не е само критичен момент на долго избегнувано соочување со минатото, туку и болна во смисла дека политиката им дала сосема друг тек на нештата.
Некои пријатели што ми се јавија и го пофалија текстот, го прочитале само „резимето“ на македонски, но не и целиот текст кој беше на албански, затоа се почувствував обврзан, поради долгогодишно дружење со широката читателска публика како колумнист на згаснатиот прв независен весник Дневник, текстот да го преведам и на македонски јазик. Што всушност напишав на оваа тема, за да не ги заморувам читателите со сите продолженија (ги имаше 4), ќе го прераскажам второто продолжение, кое е суштината на моите тези за постоењето на  македонскиот народ.
Проблемот се состои во тоа од кој агол ќе гледаме: од агол на минатото, од агол на генетички теории, политичката реалност или самосвеста?  Ќе гледаме од агол на 21 век, или оној на 19-ти или првата половина на 20-от век? Дали се самоисклучуваат една со друга? На пример, дали денешната реалност го исклучува минатото, или дали минатото може да ја предодреди сегашноста? Дали “генетиката“ може да ја исклучи самосвеста?
Релативноста на фактите
Може да се рече дека одговорите времето веќе ги дало, но и дека вечните дилеми можеби никогаш нема да престанат...Во случајот на дебатата околу етничките корени на Гоце Делчев што е актуелна во последно време  може лесно да се објасни со релативноста на фактите (кои, нели, се подложни на толкување, што би рекол еден наш виден интелектуалец). Па така, Гоце Делчев, од “најголем борец на македонскиот народ“ многу лесно може да се сведе во рамките на научната објективност “борец за независна Македонија“ кое не е неминовно да биде рамно со првото. Лошото во оваа дебата не е кое е потеклото на Гоце, туку „знаците на патоказот“ кои водат во еден заклучок кој воопшто не е наивен: ако Гоце кој е централна фигура на македонизмот, не е чистокрвен Македонец, тогаш сите досегашни спорења од страна на источниот сосед добиваат на тежина. Читањето на фактите не остава многу место за комоција. И една контроверзна личност, кој не е историчар и работите ги гледа здраворазумски, во неколку наврати, многу лесно ги става на клинч самите историчари со навидум бенигното прашање: Кажете ми во кој документ Гоце Делчев се изјаснувал како Македонец? Колку е тежок или лесен одговорот, го знаат самите македонски историчари. За оние нивни колеги од соседството нема такви дилеми.

Goce Delcev

Гоце Делчев


Но, се е релативно, би рекле. Дали ако македонскиот деец не се изјаснувал како Македонец, или кога се изјаснувал дали мислел на географската или етничката припадност, е аргумент за да се оспорува македонскиот народ и неговиот јазик? Спогодбата меѓу Северна Македонија и Бугарија за пријателство и соработка поаѓа од реалноста на постоењето на Македонија, но индиректно го спори јазикот како посебен мајчин јазик на еден “друг“ народ. Вака или онака, никој не може да го пренебрегне фактот дека и народот и јазикот постојат, без разлика на интересот тие да не се прифатат. Бидејќи, самоопределбата е универзална вредност од сферата на човековите права и слободи која никој нема право да ја оспорува, а мнозинскиот народ во Македонија, одамна се изјаснил и се чувствува како македонски, и тука треба да престанат сите дебати.

Познатата теза на бугарските историографски и политички кругови за македонскиот народ како „творба на Коминтерната“ е апсолвирано прашање од поодамна. Македонија како реалност и македонскиот народ (нација), ги признала бугарската држава веднаш по Втората светска војна, па дури и постоењето на македонското малцинство во Бугарија, за што не случајно беа отворени и училишта на македонски јазик (со учители од Македонија). Конфликтот Југославија-СССР (или поточно, конфликтот Тито-Сталин) ќе ги наруши едно време и југословенско(во тие рамки македонско)-бугарските односи во комунистичкиот блок и македонското прашање во очите на Софија ќе забележи чекор назад, но тоа не ја менува суштината. Околностите за создавање на народите (нациите) можат да бидат различни од случај до случај, но јазичните, географските, културните и самосвесните параметри, се тие што можат да ја детерминираат. Различните фази на народните движења (идеолошки или национални) за независна Македонија се полни со внатрешни превирања и противречности или надворешни претензии и влијанија, како во однос на територијата, така и во однос на славофонското и други јазични етнички елементи од оваа поднебје. Може некому да му е спорен етничкиот идентитет на Гоце Делчев, Никола Карев, Јане Сандански, Питу Гули, Даме Груев, Тодор Александров..., но никој не може да го спори фактот дека се бореле за Македонија во одредени историски околности. Оваа денешна Македонија можеби не е идеалот за кој се бореле (а како да ги прашаме да ни кажат?!), како што тврди бугарската историографија, која не може да се помири со фактот дека на Бугарија и го откинаа „најромантичниот дел“ (Петар Стојанов, претседател на Бугарија), која и била ветена со Санстефанскиот мировен договор. Но таа е неповратна реалност создадена токму и од борбата на гореспоменатите историски ликови.

Генетиката и историските околности

Како се изјаснувале, како се чувствувале, како се третирани во тогашните тефтери народите? Или, дали постоело созреано национално чувство во тие околности? Дали такво национално чувство постои и кај други народи, како се нарекувале тие во минатото? Етнонимот “македонски“ го имаме присутен на оваа почва од антиката, преку среден век и отоманско време, до денес. Од теориски аспект, нациите се создаваат по појавата на буржоазијата, особено во 19-от век, но многу од нив и подоцна. Во 19-от век немало објективна можност да се создаде македонската нација, бидејќи нациите, освен со идеали и свест, се поврзани и со постоење на државна творба, која Македонците ја немале. Општествено политичките и историските предуслови, а во одредени околности и геостратешките, влијаеле некои нации да се раѓаат порано, а некои подоцна. Македонската нација (народ), непобитен факт е дека е меѓу поновите, но дали поради тоа треба да биде спорно нејзиното постоење?

Mazedonien Bulgarien Zaev und Borisov am Goce Delcev Denkmal in Skopje (Getty Images/AFP/R. Atanasovski)

Премиерите Заев и Борисов пред гробот на Гоце Делчев во Скопје во 2017 година


Во тие споменати движења, во чиј центар е историското движење (организација) ВМРО (ТМОРО), македонството како идеја или концепт можело да се однесува на територијалниот (географскиот) контекст како заедница на народи...Сигурно дека постоело и самосвесно талкање кај самите водачи на движењата, а кај народот и да не зборуваме, но историјата познава такви примери и кај други народи. Но идејата на македонизмот била зачната во одредени околности ("ние не сме ниту Бугари, ниту Срби...”, и потоа работите добиле неповратна насока... Интересен е примерот на Тодор Александров, кого официјалната историографија го третирала како пробугарски, кој во времето на владеењето на Груевски практично беше рехабилитиран.  Во неговиот лик и неговото дело секако има многу контроверзни околности, еднаш се бори за Македонија, друг пат за Македонија заедно со Бугарија, а во неговиот револуционерен пат, како што на времето зборуваше Љубчо Георгиевски, побил пола бугарска влада, со јасна порака како може да биде Бугарин еден таков лик со такви дејанија. (И без ваква актуелна дебата околу потеклото на Гоце Делчев, пред неколку години, беше јасна тенденцијата Тодор Александров да го заземе централното место во македонско движење наместо Гоце Делчев (песната за Т.Александров упатува на таков заклучок). За најилустративен пример може да послужи самиот идеолошки татко на македонизмот,  Крсте Петков Мисирков, чие дело („За македонцките работи“), има клучна улога во создавањето на македонската нација. Тој е втемелувач на посебноста на македонскиот јазик и македонскиот народ, но во доцна откриениот дневник во Русија, јасно се гледа тоа идентитетско свесн талкање, од бугарско до македонско. Но такви биле времињата. 

Се разбира, генетиката е главниот аргумент на оспорувачите, кои ќе речат дека не постоел македонскиот народ пред еден век и дека македонскиот јазик не е ништо друго туку “бугарски дијалект“. Но искуствената аналогија со други народи ќе докаже дека генетиката не може да го попречи процесот на создавањето на нови идентитети на народи од истите корени. Како што луѓето не се раѓаат истовремено, така и народите (нациите) не се раѓале во исти историски периоди и околности (многу народи, исто така, низ векови се претвориле во други или исчезнале). Нема потреба да одиме толку далеку, доволно е да погледнеме во балканското соседство. Не се ли сите јужнословенски народи потомци на старите Словени? И Србите, и Хрватите, кои се разликуваат по припадноста на двете христијански религии, не можат да го релативизираат фактот дека се од исто потекло. Нивните јазици се дури по блиски (по слични) одошто македонскиот јазик со бугарскиот. Не се ли Босанците и Црногорците со исто потекло со Хрватите и Србите, чие создавање и диференцирање како нации речиси се совпаѓа со македонското. И тие зборуваат речиси ист јазик. Може ли некој да каже дека бошњачката и црногорската нација и припаѓаат на српската ако нивните припадници не сакаат да бидат дел од неа? Малку подалеку од јужнословенските народи, ги имаме нивните комшии Романците и Молдавците, кои можеби сеуште се спорат дали генетски имаат исти корени. Но, реалноста ги надминала дебатите: тие се две држави со два народа, при што Молдавците не сакаат да бидат третирани како Романци и покрај  "заедничкото потекло“. Но, историското тркало не може да се врати назад, меѓу нив се навлезени многу други процеси кои ги издиференцирале.

Треба да се каже дека поради комплексот од блискоста со други народи, се направи грешка во обидот за оддалечување од нив, кога во времето на владата на Груевски, им се даде поттик на историчарите да најдат аргументи за потомство од античките Македонци. Со тоа, не само  што се навлезе во несериозни научни теории (се измислуваа од чудни до најчудни теории за преселбите во обратна насока, јазички особености и др.), се  усложнија некои политички процеси, а најлошото од се, секако е нова поделба меѓу самиот македонски народ. Се бараше некое пославно минато, како да беа словенските корени нешто од помала вредност!
Затоа, при горенаведените примери кај други народи со исто „генетско“ потекло, зошто да биде спорно диференцирањето на Македонците како народ и нација, како посебен кој настанал од заедничките корени со други јужнословенски народи и Бугарите, со кои делат многу заеднички особености, но и значајни посебности? 

Даут Даути е новинар и публицист.

DW.COM

Реклама