Две пораки од Битола: една на патронот, друга на спонзорот | Северна Македонија | DW | 20.04.2022

Посети ја новата страница на DW

Погледнете ја бета-верзијата на dw.com. Сѐ уште не сме готови! Вашето мислење може да ни помогне да ја направиме подобра!

  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Две пораки од Битола: една на патронот, друга на спонзорот

Досега никој од надлежните не проговори за кршењето на Договорот за пријателството, добрососедството и соработката меѓу Софија и Скопје.

Во Битола пред пет дена беше отворен контроверзниот бугарски културен клуб „Ванчо Михајлов“

Во Битола пред пет дена беше отворен контроверзниот бугарски културен клуб „Ванчо Михајлов“

Пет дена по отворањето на клубот „Ванчо Михајлов" во Битола сѐ уште трае пинг-понг партијата околу непостоењето законски филтер за „спорни имиња“, но ниту една надлежна институција не се огласи заради кршењето на Договорот за пријателството, добрососедството и соработката меѓу Република Македонија  и Република Бугарија од 1-ви август 2017 година. Тоа не се спомнува ниту во вчерашното видео обраќање на премиерот Димитар Ковачевски.  

„Со последната посета на бугарската делегација во Битола се разбудија духовите од минатото поттикнувајќи го повторно говорот на омраза и недовербата против кои успешно се боревме“, истакна Ковачевски, потенцирајќи дека „Република Северна Македонија е суверена држава и имаме должност да го чуваме нашето достоинство".

„А како ќе се чува тоа достоинство, со фрази или со дела?", гласат бројни коментари на социјалните мрежи.

Македонскиот премиер Димитар Ковачевски: „Разбудени се духовите од минатото“

Македонскиот премиер Димитар Ковачевски: „Разбудени се духовите од минатото“

Пораката на патронот

Прашањата не се без основа, имајќи предвид дека во Клубот, кој од бугарска страна беше најавен како „мост меѓу двете земји“, како главен цитат е истакнат ставот на Ванчо Михајлов со кој се негира постоењето на македонскиот народ, но и неговата илинденска борба.

„Можеме да се гордееме, бидејќи знамињата на ВМРО и на Илинден беа и остануваат човековите права и слободата. Напразни се напорите на маскираната македонска „народност“ да го лаже светот. Вистината ќе победи. Ваш: Ив. Михајлов“, е пораката истакната во Клубот.

Повеќе: По Ванчо, кој е следниот?

Како го замислуваат зближувањето на народите од двете земји политичкииот врв на Бугарија и претставниците на опозицијата кои присуствуваа на отворањето на Клубот, кои ја прочитале оваа порака, а со нивното присуство му дадоа и легитимитет на Клубот да работи според насоките на „патронот“?

Поддршката на таа порака е во директна спротивност со членот 11, ставовите 1 и 6 од Договорот за пријателството, добрососедството и соработката? 

„Ниту една од Договорните страни нема да презема, поттикнува и поддржува дејствија, насочени против другата земја, кои имаат непријателски карактер" (...) Двете Договорни страни ќе преземаат ефикасни мерки за спречување на недобронамерна пропаганда од страна на институции и агенции и ќе обесхрабруваат дејности на приватни субјекти, насочени кон поттикнување на насилство, омраза или други слични дејствија, кои би им наштетиле на нивните односи“, се вели во член 11 од Договорот.

Поранешните премиери на Бугарија и на Македонија, Бојко Борисов и Зоран Заев на 1 август 2017 година по потпишувањето на Договорот за пријателство, доборсоседство и соработка

Поранешните премиери на Бугарија и на Македонија, Бојко Борисов и Зоран Заев на 1 август 2017 година по потпишувањето на Договорот за пријателство, доборсоседство и соработка

Но, доказ дека во Битола ништо не било „случајно", е тоа што меѓу гостите беше и Цвета Карајанчева. Симболиката со нејзиното присуство е во фактот дека таа беше претседател на бугарското Народно собрание во периодот кога е усвоена парламентарната Декларација за односот на Бугарија кон Северна Македонија, а која стана една од трите основи за бугарската политика, односно за ветото кон РСМ.

Пораката на спонзорот

А за да биде се појасно, говори и коментарот на д-р Милен Врабевски, бугарски бизнисмен, филантроп, основач и претседател на Фондацијата „Бугарска меморија". Тој досега во македонската јавност бил присутен со разни донации од неговата Фондација, а посебно се истакна пред една година, кога преку неговата „Комак Медикал“ им овазможи на македонските граѓани да бидат вакцинирани на граничните пунктови Станке Лисичково - Делчево и Златарево - Ново Село. Во негов коментар што го пренесе весникот „Труд“, Врабевски открива дека Клубот „Ванчо Михајлов“ е отворен со негово спонзорство.

„Неспорно е дека посетата на потпретседателот и на премиерот во Северна Македонија е историска. Но, мојата работа не е да оценувам политичари, јас сум тука како филантроп, јас ги финансирам македонско-бугарските односи во последниве 18 години. Мојата работа е поврзана со мојата желба луѓето да имаат доверба во бугарската држава, дека нешто може да се случи со подобрување на нивниот статус. Финансиските текови од моја страна се насочени кон оние здруженија кои промовираат пријателство со Бугарија, без разлика како се нарекуваат луѓето кои управуваат со нив - дали се Бугари или Македонци, не правам разлика. Многу важно беше уште еднаш да видат дека, прво е можно да имаат бугарски клуб, бидејќи тој беше отворен со мое спонзорство. Дури и коктелот, каде што беа сите политичари, беше спонзориран од мене", објаснува Врабевски.

Infografik Karte Nordmazedonien und Bulgarien EN

Повеќе: Драги Ѓоргиев: Се рушат и последните надежи за пристоен дијалог

Нагласува дека тоа не го кажува за да му речат „благодарам“, туку за да ја потсети државата дека има многу нерешени прашања.

„И сакам да се случи тоа, најпосле да се одвојат средства за некаква политика во Македонија. Инаку ќе биде срамота. Не може постојано да робуваме на антибугарски геополитички интереси во регионот“, порачува спонзорот.

Нему, како „спонзор на сѐ што се случувало во Македонија", му било непријатно што тие луѓе страдаат од недостиг на Бугарија во нивните животи.

„Кога заврши коктелот политичарите не прашаа од каде е и дали тие луѓе може да си го дозволат тоа, си заминаа на друго место. Јас ја собрав бугарската заедница, затворивме едно ресторанче во Битола и направивме план-шема, кој со што ќе биде поддржан следната недела (...) Ги ислушувам сите, правам список со проблемите што ги имаат, за инвестициите што им се потребни, и од утре почнувам да плаќам. Гледате ли колку е едноставна оваа програма, која 32 години чекам да ја направи некој политичар, а ја нема. Зошто ни се политичари на овој ручек? Сум водел неколку - плачеа, рикаа, пееја македонски песни и на крајот - ништо. Ништо и не ветуваа, затоа што, според мене, нема политичка класа во последните 30 години која е создадена за да го направи овој народ среќен. Ако треба да бидам искрен, прво сакам да ја видам Бугарија да инвестира доволно, за да се исполнат барањата да нема вето. Ова е исклучително важно. Од понеделник, по 18-ти пат повторно почнувам со преговори. Сменив многу влади и сите имаат една и иста - се извинувам за изразот - идиотска политика кон соседите. А тие не ни се соседи, тие се наши браќа и сестри“, пишува Врабески, и најавува социјална програма за деца во неповолна положба, награден фонд за одлични ученици и семинари за интеграција на бугарската дијаспора.