1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Nord-Mazedonien Nikola Todorov, ehemaliger Minister für Gesundheit und Bildung
Фотографија: DW/B. Gerogvievski

Две минути омраза

Никола Тодоров
10 јуни 2020

Навистина не ми е јасно како не можат да разберат дека ниту еден нормален човек нема да гласа за партијата, која и да е таа, ако таа подобро и посочно го навредува својот опонент. Пишува Никола Тодоров.

https://p.dw.com/p/3dYcm

Повеќето веднаш ќе забележат дека насловот на оваа колумна е позајмен од романот „Илјада деветстотини осумдесет и четврта “ на Џорџ Орвел. Но, како да не е позајмен. Имам чувство како и ние да сме дел од овој дистописки роман, како да ја живееме истата морничава реалност, и да сме жртви на сопствените „двомисли", изговорени од туѓи усти и за туѓи потреби, а сепак наши. Секој божји ден сме хранети, а во основа труени, од задолжителните дози на „Две минути меѓупартиска омраза". Разликата од нашава дистопија до фикцијата на Џорџ Орвел е во тоа што ние имаме најмалку две различни и меѓусебно спротивставени „Две минути омраза". Па така и ВМРО и СДСМ секој ден имаат по една прес-конференција на која во стилот на Големиот брат вбризгуваат доволно количество дневна омраза кон другиот. Според некои луѓе во партиите, неопходно е да се мразиме, да мразиме и да имаме гнев и невидено нетрпение кон припадникот на другата партија. Според нив, не треба да има ништо повеќе спротивставено од двајца членови на различна партија. Затоа секој ден во партиската рубрика „Две минути омраза“ ни се сервира дека лидерот на другата партија е првиот предавник, ултимативниот злосторник, не-личност. Ова има за цел кај секој член на партијата да предизвика чувство на страв измешан со гадење. Одвратниот лидер, изворот на сето зло на планетава, мора да биде поразен, прегазен, уништен. Омразата не би била омраза ако не го предизвика ова чувство. Затоа во секоја доза на „Две минути партиска омраза" мора да има сочна навреда, силно омаловажување, деградирање на личноста и етикетирање. Зборовите не се бираат, а всушност се многу внимателно одбрани. 

Догмата на партијата

Според креаторите на рубриката „Две минути омраза“, партискиот член не е предан кон каузата, не е вреден за партијата ако уште во првите триесет секунди од двете минути омраза не почне да пројавува неконтролирани изблици на гнев. Самото лице на ултимативниот злосторник мора да предизвика чувство на страв и бес, на гадење и презир кај секој лојален партиски член. Во спротивно, „партиската полиција на мислите" веднаш ќе дознае и тој партиски член ќе стане предавник, саботер, ништожник еднаков на ултимативниот злосторник. Во втората минута, омразата веќе треба да ја достигне својата кулминација и да порасне до споулавеност, што би рекол Орвел. Вистинскиот патриот, чистиот партиец во овој дел на партиската прес-конференција веќе треба да почне да извикува безобразни зборови и пцовки кон ултимативниот злосторник, а зошто и да не замавне со некој предмет кон телевизорот. Страшната екстаза од одмаздољубие, чувството дека тој ништожник треба да се смачка и да исчезне, како и колнењето на злосторничкиот предавник, се апстрактните емоции кои мора да се креираат и одржуваат за да може да се насочат кон кој било што нема да се согласи да ја прифати догмата на партијата. Веројатно сметаат дека доколку оваа екстаза не се предизвика и доколку омразата не биде соодветно пренесена, тогаш партијата губи и лидерот нема да ја добие моќта која , нели, природно му припаѓа.

Други колумни од авторот:

Трансплантација на срце и паркинг наместо Клинички

Корона изборен модел

Време е за постепена нормализација

И после се прашуваме зошто луѓето се иселуваат, зошто бегаат и фаќаат усвет. Затоа што не можат ова да го поднесат. Затоа што никој нормален не може да си објасни како е можно да има толку омраза вкоренета меѓу еден народ. Предавник, некрофил, џелат, злосторник, воен профитер, министер смрт, убиец... Ова е сликата за другиот политичар. Ова се клучните зборови кои мора постојано да се употребуваат за политичкиот противник, кој во основа не е политички противник, туку народен непријател. Навистина не ми е јасно како не можат да разберат дека ниту еден нормален човек нема да гласа за партијата, која и да е таа, ако таа подобро и посочно го навредува својот опонент. Секој нормален бара резултат, бара подобар животен стандард, повисоки месечни примања, благосостојба. Не омраза, не сеење на раздор. Не велам дека сите треба исто да мислиме, напротив, критиката и конкуренцијата се здрави и треба да ги негуваме и применуваме. Но, здравата критика не е сеење на омраза. Демократската критика не може да се смести во рубриката „Две минути партиска омраза". Критиката подразбира спротивставување на определена мерка, објаснување на нејзините негативни последици и предлагање на друга мерка која ќе постигне подобри ефекти. Веројатно некој ќе рече - ова што го пропагираш е утопија, но јас сметам дека вака треба да изгледа едно модерно демократско општество кое нуди можност за различно мислење и критика базирана на аргументи, а не на меѓусебна омраза, нетоларанција и неможност да се прифати дека некој може да има и спротивставено мислење. Ова е мојата беседа против дистопијата, зашто испран мозок, не е мозок.

Опстанок

Омразата е всадена премногу длабоко. Како мислат дека ќе се избориме со нашите непријатели ако ние меѓу себе сме си непријатели? Кој ја прочитал „Умешноста на војувањето“ знае дека Сун Цу рекол: „Ако противникот се обидува да се одмори, не давајте му да здивне. Ако му се обединети силите, раздвојте ги." Ние, пораздвоени не може да бидеме. Еве и во услови на војна со страшен, невидлив непријател наречен Ковид-19, ние остануваме разединети и меѓусебно непријателски настроени. Повеќе се мразиме меѓусебно од тоа што го мразиме вирусот (непријателот). Очајно.

Водени од омраза, нетрпеливост, желба за власт и моќ, некои како да не можат да сфатат дека всушност се водени од гнев. А Сун Цу рекол: „Војсководецот што не е способен да се воздржи од својот гнев, ќе ги прати своите луѓе да јуришаат како наезда мравки, поради што ќе изгинат третина од луѓето, а градот  сепак нема да биде освоен. Тоа се катастрофалните последици од таквите напади".

Не можам да разберам како и покрај тоа што толку години живееме едни покрај други, ништо немаме научено од нашите сограѓани Албанци. Тие се држат меѓусебно. Не се мразат меѓу себе. Да, политички се натпреваруваат, но никогаш не паѓаат на ова ниво на кое сме ние денес, а богами и вчера. Ако си ја сакаме државата мора да се обединиме. Прво меѓу нас Македонците, а потоа и со Албанците и со сите останати кои живеат во оваа држава. Ќе повторам ова не е утопија, ова е единствениот начин да опстанеме.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Северна Македонија останува во групата „демократија со недостатоци“

Бугарија и Македонија со ниски оценки за политичка култура

Прескокни го блокот Повеќе теми
Врати се на почетната страница