1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Две години од смртта на Папата Јован Павле Втори

3 април 2007

На двегодишнината од смртта на Папата Јован Павле Втори вчера во Ватикан се собраа десетици илјади верници. Во исто време вчера пристигнаа и документите од неговата татковина Полска, кои му требаат на Ватикан во процесот за прогласување на претходниот Папа за светец.

https://p.dw.com/p/AdsB
Последниот благослов на Папата Јован Павле Втори на 3. март 2005
Последниот благослов на Папата Јован Павле Втори на 3. март 2005Фотографија: AP

Во базиликата во Ватикан вчера на пладне се туркаа околу 10.000 верници, а вечерта на плоштадот на Свети Петар ги имаше и двојно повеќе. Сите сакаа да присуствуваат на свечената миса, што актуелниот Папа Бенедикт 16-ти му ја посвети на својот славен претходник:

“Со оваа свеченост сакаме да му се заблагодариме на Бога, што ни го даде него за Папа 27 години, како сигурен водич во верата, како храбар пророк на надежта, како неуморен сведок и горлив слуга на Божјата Љубов“ - порача Бенедикт 16-ти во проповедта.

Токму вчера во базиликата во Ватикан пристигнаа од Полска големи метални кутии со десетици илјади документи, што зборуваат за животот и делото на Јован Павле Втори. Тие потекнуваат од неговата матична црква во Краков и сега им се ставени на располагање на членовите на Комисијата на Светата столица, кои решаваат за тоа дали тој ги исполнува условите на биде прогласен за блажен, па подоцна и за светец.

Дека на крајот од сложената процедура Јован Павле Втори ќе го стекне високиот статус, речиси нема никаов сомнеж – порача кардиналот Камило Руини на вчерашната свеченост:

“Сите оние кои го запознаа, од блиску или од далеку, сите беа трогнати од неговата човечност. Уште повпечатлив меѓутоа беше фактот што неговата неверојатна човечност беше поврзана со неговата посебна поврзаност со Бога – или со други зборови беа трогнати од неговата светост!“

Кардиналот Руини нагласи дека многумина веќе сега го сметаат починатиот Папа за светец. Неговиот наследник на Петровата столица, Бенедикт 16-ти инсистира процесот за прогласување блажен да се одвива забрзано, но во склад со каноните на Католичката црква. Полскиот клер сака нивниот сонародник уште пред време да биде прогласен за светец, што е малку веројатно. Италијанските весници шпекулираат дека процесот на проверка на сите свети дела и чуда што ги направил претходниот Папа би можел да биде завршен за две години. Со тоа би бил поставен нов рекорд во историјата на црквата: уште никој не бил толку брзо прогласен за блажен!