Дванаесет „честитки“ за роденденот на Катица Јанева | Северна Македонија | DW | 09.02.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Дванаесет „честитки“ за роденденот на Катица Јанева

Кривичните пријави за СЈО се со цел да ја компромитираат институцијата и да го намалат негативниот ефект за оние кои се засегнати од можни обвиненија, проценуваат во правосудни кругови

Бомбардирањето на СЈО со кривични пријави треба да обезбеди компромитација на оваа институција, со цел, доколку има обвиненија пред изборите, тие да имаат што помал негативен ефект врз гласачкото тело на власта, и уште посилно да го мобилизираат членството во одбрана на партијата од „незаконското работење на СЈО“. Генерално, ваква е оценката во правосудни кругови, по последните дванаесет нови кривични пријави што ги „заработи“ Специјалното обвинителство, сите поднесени во ист ден и на иста основа - „малтретирање при вршење на службата“.

Со тоа бројката на кривични пријави против СЈО достигна до 19. Според трендот, не е исклучено дека оваа бројка наскоро може да ја надмине бројката на предмети што се во надлежност на СЈО. Од Основното јавно обвинителство не откриваат против кого се поднесени последните пријави. Се знае само дека подносителите се различни физички лица.
Имало ли ваков случај во досегашната практика - толку многу кривични пријави да бидат поднесени за „малтретирање при вршење на службата“ до некој обвинител/и - го прашавме државниот јавен обвинител, Марко Зврлевски.
„Не знам дали имало таков случај. И не знам колку од овие пријави се поднесени против обвинители или против непознати лица. Ова се кривични пријави од граѓани и нив ќе им се даде ист третман како и на сите други“, изјави Зврлевски.

На прашањето како го толкува растечкиот тренд на кривични пријави против СЈО, обвинителот кусо одговори: „Не го коментирам тоа“.

Меч со две острици

Според адвокатот Александар Тортевски, нема дилема оти сите пријави се прават во ист центар.

„Очигледна е намерата преку оркестриран притисок да се амортизира работатата на Специјалното обвинителство. Но, оние кои тоа го прават, треба да бидат свесни дека ова е 'меч со две острици'. Подносителот на пријавата треба да знае дека ако нема основа за пријавата, врши кривично дело 'лажно пријавување'. Инаку, сигурно е дека прашањата на обвинителите нема да им предизвикаат пријатни чувства на потенцијалните обвинети или на сведоците. Притоа мора да се знае дека кај лица кои имаат, условно речено, помалку општествено опасни кривични дела, предочувањето на фактот дека нема да бидат обвинети ако бидат соработници на правдата, не е никаква изнуда или малтретирање. Таа можност е предвидена со законот. Ако обвинителите ја соопштуваат таа можност, тие не малтретираат некого, туку вршат со закон дозволени овластувања. Тоа не е противправно дејство. Тоа е исто како да обвините хирург за телесна повреда, затоа што при реализацијата на договорена операцијата употребил скалпел и ви направил рез“, компарира Тортевски.

Во јавноста се шират многу шпекулации за притисоците, методите, па и „цената“ за учеството во дискредитацијата на СЈО. Извор на ДВ, запознаен со мотивите за пријавата што едно физичко лице ја поднело против СЈО, вели дека тоа лице било под „голем притисок“ да го стори тоа.

„Пред да биде повикан во СЈО, бил повикан на 'друго место'. Му било речено дека ова (СЈО - н.з) кратко ќе трае, дека не смее да се покаже страв или малодушност, дека по изборите 'некој ќе мора да си ги спакува куферите', дека ако никој не дава 'материјал' (искази, признанија - н.з.) таму нема да имаат никакви валидни докази за да може покренат обвиненија“, објаснува соговорникот, додавајќи дека многу лица биле мотивирани и охрабрувани да испраќаат „честитки“ до СЈО.

Marko Zvrlevski, Staatsanwalt Mazedonien

Јавниот обвинител Марко Зврлевски

Ако се видат биографските податоци на Јанева, случајно или не, последните дванаесет „честитки“, стигнаа еден ден пред роденденот (9.02.) на обвинителката.

Но, не е исклучено оти нема да продолжат и по овој датум.

Поддршка за СЈО

Американската претставничка на ОБСЕ, Кејт Барнс, пред неколку дена во обраќањето пред постојаниот совет на оваа организација, ги повика „сите политички партии, кои едногласно ја именуваа г-ѓа Катица Јанева, јавно да ја поддржат специјалната обвинителка во текот на сите фази на нејзината работа“. Но, една од партиите ја акцентираше посебно.

„Изјавите на една политичка партија, ВМРО-ДПМНЕ и нејзините лидери кои ја напаѓаат работата на специјалната обвинителка исто така се загрижувачки“, рече Барнс.

Од партијата одговорија дека ако Катица Јанева има проблеми со некои институции, како што е Советот на обвинители, тогаш ВМРО-ДПМНЕ не сакаат да бидат вовлечени. Притоа потенцираа дека Јанева добила се што побарала од Владата за својата работа и дека почитувањето на Уставот и законите важи за неа како за сите субјекти.
„Специјалното обвинителство, се формираше со поддршка на четирите партии и на Владата. Тие даваа и се уште даваат поддршка. Но, и Обвинителката треба да внимава да не дозволи влијание од одредени партии туку да работи според законите“, изјави партискиот лидер, Никола Груевски.

По растечкиот тренд на кривични пријави за СЈО, најавена е граѓанска поддршка за оваа институција. Деновиве се формираше доброволна и неформална граѓанска платформа, наречена „Специјално за Специјално јавно обвинителство“.

„Специјално за СЈО е автономно тело составено од граѓани на Македонија, кои како носител на суверенитетот на државата се првите повикани да воспостават владеење на право во државата. 'Специјално за СЈО' ќе организира настани и реакции со една цел, зголемување на поддршката за ова институција“, соопштија од оваа платформа, со најава дека ќе се борат против сите пречки и опструкции за непречено функционирање на СЈО.

Реклама