„Да си прозападен и про – НАТО во Турција е злосторство“ | Свет | DW | 09.08.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

„Да си прозападен и про – НАТО во Турција е злосторство“

Турските власти го нарекоа поранешниот висок офицер на НАТО „терорист“ и го ставија во затвор. По неговото бегство во Брисел, тој за Дојче веле истакнува - молчењето за виденото и преживеаното, повеќе не е прифатливо.

Поранешниот командант поручник Џафер Топкаја вели дека се одлучил да излезе во јавност и да раскаже сѐ што преживеал „во име на оние кои немаа шанса да им раскажат на медиумите и новинарите, за оние кои не можат да се сретнат со адвокатите и кои се сега во затвор и не можат да си ја докажат невиноста". Овој професионален маринец вели дека „не се плаши од (н.з. турскиот претседател Реџеп Таип) Ердоган и неговите партнери или турската разузнавачка служба" и сака Западот да дознае што всушност се случува во Турција.

Топкаја е еден од илјадниците турски воени офицери кои беа здружно обвинети од Ердоган дека се поддржувачи на исламскиот духовен водач Фетула Ѓулен кој е во егзил во Пенсилванија и за кого турскиот претседател тврди дека е одговорен за обидот за државен удар во 2016 година. Во масовните чистки што сé уште се случуваат во Турција, воениот персонал кој се обучувал и е стациониран во западните земји стана посебна цел. Ердоган нареди речиси сите да се вратат во Анкара за да бидат „испрашувани" - еуфемистички термин за она што во повеќето случаи всушност значеше затвор.

Дводневно патување се претвори во тортура

Многумина избраа да не одат и останаа без државјанство во земјите каде што живеат, откако турската влада им ги поништи пасошите и им ги скрати примањата. Но, кога тој беше повикан на „итен состанок" во Анкара во октомври 2016 година, Топкаја рече дека се чувствувал обврзан да ги следи тие наредби поради тоа што му е воена должност. Мислел дека тоа ќе бидат рутински прашања на кои ќе треба да одговори и дека брзо ќе стане јасно дека нема никаква врска со обидот за државен удар или со Ѓуленистите.

„Никогаш не сум имал контакт со движењето на Ѓулен", објаснува Топкаја. „Јас сум секуларна личност. Образуван сум по западен систем. Ги почитувам сите религии, сите идеологии, но јас не сум член на ниту една од нив." Тој се чувствува сигурен во својата позиција бидејќи цел живот работи во морнарица, со највисока дозвола за безбедност, највисокото ниво што го дава НАТО. Неговата сопруга Мескуре мислела исто како него и не била загрижена кога го испратила на пат кој требало да трае само два дена. Но, од тој момент тие нема да се видат цели 16 месеци. „Средбата“ беше заседа и Топкаја беше „заробен“ во Министерството за одбрана - неговата картичка за влез беше деактивирана за да може полицијата да го приведе. Неговите поранешни турски колеги го нарекоа „терорист“ и го обвинија дека стоел зад Твитер профил што го навредувал Ердоган, иако тој ги уверувал дека до тогаш никогаш во животот немал Твитер профил.

Belgien, Brüssel: Türkischer Nato Mitarbeiter Cafer Topkaya (DW/T. Schultz)

Џафер Топкаја со новинарката на Дојче веле, Тери Шулц

Броел денови, а потоа и месеци

На почеток бил затворен во една гимназија која била пренаменета во затвор, а потоа бил префрлен во познатиот затвор Синчан, каде Топкаја вели дека спиел на бетонски под 12 дена во истите алишта и речиси без храна, заедно со високо рангиран воен персонал, лидери на невладини организации, судии, академици, па дури и доктори. Вели дека тој лично ја избегнал суровата физичка и ментална тортура што ја доживеале останатите, според она што го слушнал и видел на повредените и измачени тела на останатите затвореници по сослушувањата.

Топкаја се сеќава на еден офицер кој одбил да ги прифати обвиненијата за заговор за државен удар, неговата сопруга била постојано испрашувана, а им се заканувале на неговите деца. Друг бил принуден да потпише признание додека седел на електрична столица и му правеле електро-шокови.

Отпрвин Топкаја го броел времето пишувајќи во тетратка што ја користел како дневник. На крајот секогаш  ставал цртичка - „Брисел", одбележувајќи го она што претпоставуваше дека ќе трае само неколку дена додека не се врати таму. „Чекав да бидам ослободен", се сеќава Топкаја. „Не тој ден, но за неколку дена верував дека ќе бидам слободен". По 39-тата цртичка, тој престанал да брои.

Повеќе: 

Ердоган: Првиот султан на модерна Турција

Турски војници бараат азил во Германија

Ердоган гони генерали на НАТО

Лојалноста кон НАТО е злосторство во "денешната Турција"
Кога првпат се појавил пред обвинител, Топкаја се сеќава дека му било тешко да стои на нозе и јасно да размислува онака прегладнет, но брзо сфатил дека она што сметал дека ќе биде негова одбрана - неговата доверлива позиција во НАТО, сега се смета за дел од неговите „злосторства". „[Судијата] рече: ‘Работите за НАТО, нели? ‘ Реков ‘Да работам во централата како претставник на турската армија и јас сум назначен од командантот на турската армија'," се сеќава Топкаја. „Но, не можев да го убедам [да ме ослободи]. Да си прозападен и про – НАТО во Турција сега се смета за големо злосторство ".

За повеќе од 16 месеци, Топкаја преживеал психички само поради контактот со роднини и писмата од неговата сопруга и децата. Тој со очигледно задоволство покажува цртеж на Дедо Мраз од неговата најстара ќерка, која му пишува дека и за него ќе има подароци тој Божиќ.

Среќен пресврт

На крајот, му било кажано дека подготовките за судењето против него ќе потраат подолго, поради недостатокот на докази, па Топкаја бил ослободен во домашен притвор кај неговите родители со обврска еднаш неделно да се пријавува во полиција. Но, неговиот адвокат го предупредил дека се слушаат муабети за негово повторно апсење, кога Топкаја си открил стар цивилен пасош со неколку месечна важност, којшто властите пропуштиле да го конфискуваат при претресот во неговата куќа. Топкаја одлучил да се обиде да избега.
Тој не сака да ги раскаже деталите за неговиот пат, за да не им направи проблем на идните бегалци, но за една недела, со многу помош и среќа на патот, Топкаја се врати во својот стан во Брисел. Повторно се соедини со своите најблиски по неколку месеци раздвоеност, но останува вознемирен поради сѐ она на кое беше сведок, повеќе отколку загриженоста што може да му се случи нему. И покрај опасностите, неговото семејство ја поддржа неговата одлука да излезе јавно да проговори.

Вистината објавена преку Твитер

Тогаш за првпат се реши да отвори Твитер профил за да раскаже што сѐ преживеал тој и што веројатно сѐ уште го преживуваат останатите.

Турската верзија предизвика бранување, вели тој и проценува дека 90 отсто од реакциите се позитивни, а 10 отсто многу лути. Весник кој е под контрола на турската влада го нарече „предавник“ и пишува написи за него и останатите протерани офицери дека одржуваат „тајни предавнички состаноци" во Германија. „Со секој твит се чуствувам сѐ послободен", се насмевнува тој и додава - „знам дека лошите момци се плашат од тоа." Други протерани офицери од НАТО со кои разговараше ДВ му се восхитуваат, но и се загрижени за безбедноста на нивниот пријател. „Тој направи нешто за кое јас никогаш не би се осмелил и тоа е неверојатно", рече едниот од нив. „Тој излезе од сенка". Но додава дека „долгата рака на Ердоган е насекаде. Тие се обидуваат да најдат каде живееме, да пренесат што сѐ правиме и ако добијат наредби, ќе ги извршат. Затоа ние не се дружиме со турската заедница овде во Белгија."

Топкаја вели дека не се плаши ниту зажалил за својата одлука. Тој не сака да бега од Ердоган. Напротив, сака да се соочи со него и со останатите лидери кои ги протераа. „Сакам да се сретнам со нив и да им кажам дека она што го прават е погрешно," вели тој. „Она што им дава сила ним е невини луѓе да бидат заплашувани и да им се плашат. Ние сме невини. Ние сме од исправната страна. Ние треба да бидеме похрабри."

 

DW.COM

Реклама