Да се засукаат ракавите за милијардите од ЕУ | Економија | DW | 08.10.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Економија

Да се засукаат ракавите за милијардите од ЕУ

Економскиот пакет за Западен Балкан тежок 9 милијарди евра значи живот за македонската економија. Владата има план, експертите алармираат дека треба и засилен ангажман.

Железница, патишта, гасификација, обновливи извори на енергија. Широк е фокусот за искористување на дел од финансискиот колач што го предвидува Европската унија за инвестиции во Западен Балкан. Но, каков е планот на македонските власти?

Брисел го одврзува ќесето и планира да потроши 9 милијарди евра, но во исто време и критикува за слаба реализација на капитални проекти, лошо планирање и слаб менаџмент на јавните инвестиции. Посебно во делот на железничката инфраструктура. 

„Изградбата на Коридорот 8 кон Бугарија се соочува со значајни пролонгирања и завршени се само 28% од активностите. Подготовките да се изгради адекватна инфраструктура близу границата со Србија, на железничката гранична станица Табановце, треба да стартуваат. Нема напредок во усвојувањето на петгодишните планови за одржување на патиштата и железницата“, се заблежува во извештајот на Европската комисија за напредокот на државата.  

Во вакви услови дилемата е колку од европските милијарди би можела да искористи С. Македонија. Посебно ако се знаат условите-квалитетот на проектите и капацитетите за нивна реализација. Премиерот Зоран Заев, на заедничката прес-конференција во Скопје со еврокомесарот Оливер Вархеји изјави дека сите планови на државата за инвестирање се прифатени во економскиот пакет што го одобри Европската комисија за поврзување на регионот на Западен Балкан, но не изнесе и конкретни детали колку пари би ѝ припаднале на Македонија: 

„Станува збор за инвестиции во автопатишта, железница, гасни станици, обновливи извори на енергија, прочистителна станица на Град Скопје, поддршка на домашните компании. Убавината на овој пакет е што еврокомесарот со неговиот тим ги вгради сите тие наши планови во економскиот пакет за Западен Балкан. Проектите се подготвени, а нивната имплементација ќе биде во следните четири, пет години, што се поклопува со мандатот на Вархеји и мандатот на нашата Влада. Се надевам дека ќе имаме доста прилики за да ги пуштаме во употреба ваквите проекти заедно. Ќе ги оправдаме секако овие поддршки преку реформите кои ќе ги завршиме“, изјави Заев.

Nord-Mazedonien Skopje Sitzung der Regierung mit dem Europäischen Kommissar Oliver Varhelyi

Еврокомесарот Вархеји и македонскиот премиер Заев во Скопје, 07.10.2020

Проекти има, кадарност нема

Најавите звучат убаво, иако критиките и досегашните резултати во реализацијата на важните проекти отвораат повеќе дилеми. Клучната е колку реално С. Македонија би можела да искористи од атрактивниот финансиски пакет што се става на располагање. Експертите предупредуваат дека искористувањето на сите извори на финансирање треба да биде врвен приоритет. Проекти велат има, ама доволна кадарност за брз развој и искористување на потенцијалите и достапните финансии - нема. Апелираат на поголема сериозност и ангажираност во менаџирањето и реализацијата:

„Главниот проблем што го имаме е недостатокот на административен капацитет за реализација на она што е на хартија, домашни, но и меѓународни проекти, како и искористување на финансиските извори. Но ако ги засукаме ракавите нема да останеме 'слепо црево' во регионот. Академската, но и бизнис заедницата, постојано повторува дека императив на секоја Влада мора да биде доследно и што е можно поефикасно искористување на таквите извори и реализација на капиталните проекти во наредниот период. Не само на планираните во буџетот, туку уште подобро ако тие бидат збогатени и од меѓународни финансиски извори. Тие се особено важни за динамизирање на економскиот раст и делуваат мултиплицирачки на растот на економијата во целина. Од друга страна, и самото инфраструктурно и енергетско поврзување на земјата со околните во регионот, а особено со европските земји го шири пазарот и овозможува полесно економско интегрирање на земјата кон кое се стремиме", предупредува универзитетскиот професор Зоран Ивановски.  

Bahngleis in Bulgarien

Во тек се преговори за обезбедување на финансии за доизградба на третата делница кон Бугарија

Владата е фокусирана на железницата

Каде треба да се засукаат ракавите, а за каде е потребна финансиска инјекција? Од Владата за Дојче веле велат дека транспортот е клучен, а првичниот фокус е на железницата, иако во игра се и други капитални проекти:

„Од стратешките големи проекти во делот на патиштата и железницата имаме обезбедено пари за сѐ што е почнато со реализација на терен, освен за пругата Кичево-Лин и третата фаза од делницата кон Бугарија. Владата е фокусирана на железницата и изградбата, односно доизградбата на овој многу значаен дел од Паневропскиот коридор 8. Во тек се преговори за обезбедување на финансии за западниот дел и дозавршување на третата делница кон Бугарија“, велат за Дојче веле од Владата.

Железничкото поврзување кон Бугарија е децениски проект кој тргна со реализација, но заглави уште во првата фаза. За добар дел има обезбедено пари, но проблемот е со изведбата. За делницата кон Албанија допрва треба да се обезбеди финансиска конструкција:

„Пругата Кичево-Лин е проценето дека би чинела околу 430 милиони и за неа допрва треба да се бараат финансии. Овој проект би бил во игра, а исто така и третата фаза кон Бугарија. Делот од Крива Паланка до бугарска граница ќе чини 330 милиони евра и за него се обезбедени само 60 милиони преку ИПА фондовите. Реализацијата на овој проект е забавена по повлекувањето на германскиот изведувач на првата делница од Куманово до Бељаковце. Таа чини 47 милиони евра и за неа многу бргу ќе има нов тендер за изведувач, најверојатно во пакет со втората делница од Бељаковце до Крива Паланка која чини 140 милиони евра и која финансиски исто така е обезбедена. Значи недостига само финансирање на поголемиот дел од третата фаза и тука ќе биде главниот фокус“, објаснуваат од Владата.

Изградба на автопат Гостивар-Кичево

Што се однесува пак до патната инфраструктура, еден од приоритетите би бил автопат од Гостивар до Кичево. Пресметките се дека за изградба на оваа делница која е во почетна проектна фаза би биле потребни околу 300 милиони евра:

„Автопатот од Гостивар до Кичево е предвидено да се работи во три фази. За првата од Кичево до Букојчани проектирањето е при крај и проценетата вредност е 90 милиони евра. Втората фаза е Букојчани-Горна Ѓоновица и третата до Гостивар. За проектирање има обезбедено средства од ЕБОР. Проценети вредности за втората и трета фаза е 200 милиони евра, или вкупната проценета вредност изнесува околу 300 милиони евра.“

Конкретни рокови за почеток на реализација на овој проект сѐ уште нема, но не е исклучено изградбата да биде по фази:

„Планот е да не се губи време и да почне изградбата од Кичево кон Букојчани за да не се губи време додека се чека со активностите на останатите две фази. Конкретни рокови засега нема, но почетокот на реализацијата би бил продолжение на изградбата на делот од автопатот од Охрид до Кичево која е во тек и треба да продолжи по завршувањето на дел од инфраструктурните проекти коишто недостасуваа. Рокот за изведбата на оваа делница требаше да биде до јуни наредната година, но поради актуелните случувања тој ќе биде пролонгиран“, велат за ДВ од Владата. 

Освен во патната и железничката инфраструктура, С. Македонија ќе биде на тест и за искористување на европските пари за реализација на крупни проекти во делот енергетиката, обновливите извори на енергија, управување со отпадот. Дел од нацрт планот на Европската комисија до 2024 година се инвестиции во ветерници и соларни централи, но и почеток на изградба на гасна интерконекција со Косово и проширување на инвестициите во поврзувањето со Грција. Во овој дел веќе има и конкретен план за интерконектор кон Александрополис. Планот е да се финансира идентичен проект и кон Србија.

Во делот на управување со отпад и отпадни води се планира завршување на изградбата на постројки за пречистување на отпадни води во Скопје и Приштина. Дополнително и воспоставување на интегрирани регионални системи за управување со отпад во Албанија, Црна Гора, С. Македонија и Србија, заедно со затворање на депониите што не ги исполнуваат еколошките барања.