1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Да не се креваат раце од соживотот

22 јули 2011

Соживотот меѓу Македонците и Албанците во регионите со мешано етничко население постоел од дамнина. Но, дали тој претставува и заедничко наследство за иднината? Постојат ли можности за проширување на соживотот?

https://p.dw.com/p/121XC
Фотографија: Petr Stojanovski

Љупчо Неделков, од Институтот за етнологија и антрологија на Државниот универзитет во Скопје, истакнува:

Hamit Dzaferi Mazedonien
Џафери: Усните творби на двата народа се многу блискиФотографија: DW/Toevski

„Ако го земете преспанскиот регион, каде што доминираат Албанци од етничко потекло Тоски таму и ден-денес ќе видите дека Велигден и Бајрам се едно исто. И на свадбите е исто. Незамисливо е, ако има Бајрам, да нема посета на Македонци, ниту за Велигден да нема посета од Албанци. Друга ситуација имате во струшкиот регион, а сосема трета ситуација во тетовско-липковскиот регион.“

„Ако нема контакти и соживот, има антагонизам и тензии“

Хамит Џафери од Факултетот за култури, комуникации и јазици на Штуловиот универзитет во Тетово се надоврзува:

„Самиот соживот ги принудува народите да живеат заедно, едни покрај друг. И некои од нивните творештва, усната творба, на пример, се многу блиски.“

Професорот Неделков дополнува:

„Секаде постои антагонизам каде што имате етнички заедници, кои што немаат допирни точки од религиски се до културен аспект. Во оние места каде што традицијата дозволила културите да живеат меѓу себе, да се познаваат едни со други, тука никогаш не настанувале меѓуетнички тензии. Ако разговарате со постарите луѓе, ќе видите како тие заедно тргувале, или биле заедно овчари.“

Како експерт за народната книжевност на Албанците, професорот Џафери укажува на конкретните заеднички истражувања во дебарскиот регион:

„Студијата ’Рајот и пеколот во македонската и албанската народна традиција', која ја работевме со уважениот професор Танас Вражиновски, зборува самата по себе за овие блискости. Сме снимиле разни обичаи на луѓето што живеат во Дебар:и Албанци и Македонци. Посебностите на двата народа, но и сличностите и блискостите меѓу нив, се проткаени во едно нешто, кое е многу поголемо, тоа е соживотот на народите.“

Професорката Анета Светиева-Анастасова од споменатиот Институт за етнологија во писмените одговори на прашањата на Дојче веле ги изнесува сознанијата за позитивните интеракции меѓу етнокултурите на Македонците и Албанците од своите педесетгодишни истражувања:

„Постојат повеќе различни групи Албанци, во смисла на вероисповед, политички и културно. Позитивни етноинтеракции постоеја со Албанците од Крани и други населени места во преспанскиот регион, кои се Тоски-дојденци од јужна Албанија, а религиски се бектеши, поблиску до муслиманите-шиити. Дури и Албанците-Геги, ако се постари доселеници во Македонија, имаат некакви релации со православното македонско население, барем на социјално ниво. Ако припаѓале на ист, или сличен општествен слој, постоеле шанси подобро да се разберат. Во Скопје и други градови во Македонија во чаршијата имаше занаетчии, златари-Албанци од северот со католичка вера, кои што народот ги нарекуваше ’Латини’. Нив воопшто не сум можела да ги разликувам од градското македонско население, совршено зборуваа македонски... Постарите доселеници-Албанци од селата, во одделни случаи кога на крајот на Втората светска војна. војна имало конфликти со балистите, ги сокривале своите православни соселани. Познат ми е еден конкретен случај за скопското село Горно Свиларе, каде соседите ги криеле своите соседи во џамијата. Има и многу други позитивни примери, особено меѓу мешаните етнички групи од пределот Горна Река, од Дебарско.“

Traditionelle Hochzeit in Mazedonien Flash-Galerie
Традиционалната Галичка свадбаФотографија: DW/Toevski

Но, Светиева-Анастасова предупредува:

„Времињата и навиките се менуваат. Она што било некаква состојба пред половина век, денес веќе не важи. Постои речиси ист број негативни примери во живеењето на Македонците и Албанците, особено денес кога албанските партии го 'просветуваат' својот народ дека Македонија ’пак еден ден ќе биде само нивна земја’, кога се шири огромна омраза кон ’Славомакедонците“, кон ’таа измислена нација’. На политичките митинзи и во други јавни пригоди преку новокомпонирани песни и на други начини се поттикнува национализмот. Албанците во Македонија постојано се пребројуваат. Тоа е голем притисок за Македонците и извор на недоверба истовремено.“

Професорот Илија Ацески од Институтот за социоологија на Државниот универзитет во Скопје е категоричен:

„Некаде по 2001-вата година нема поле каде што таа комуникација би се почувствувала и каде што би имало понекогаш некое ’прелевање’. Етникумите имаат контакти, но не се испреплетуваат, ниту си влијаат меѓусебно. Ние го продлабочуваме тој етнокултурен јаз меѓу луѓето во Македонија.“

На следната страница - дали политиката го уништува заедништвото?

„Да не се дозволи политиката да го уништи заедништвото“

Гоце Цветановски од Институтот за македонски јазик во Скопје во својата научна статија „Јазиците во контекст и нивното меѓусебно влијание на планот на зборовите“ констатира дека јазиците на македонскиот и албанскиот народ, како веројатно најконцентрирани продукти на нивните етнокултури, биле во постојани контакти.

„Македонскиот јазик преку своите дијалекти бил во постојан контакт и со албанскиот јазик, а од таквите врски произлегле и меѓусебни јазични влијанија. Постојаниот контакт и непосредните односи придонеле за меѓусебна интерференција во духовната сфера, вклучувајќи ги и јазичните процеси. Ова се случува особено во говорите во пределот на западна Преспа.“ – истакнува професорот Цветановски.

Агим Пољоска од катедрата за албанологија на Филолошкиот факултет на Државниот универзитет во Скопје во својата научна студија „Лексичка интерференција на македонскиот и албанскиот дијалектен јазик“ завлегува уште поконкретно во таквите зборовни интеракции во јазиците на двата етникума. Тој дури наведува и конкретна бројка на дијалектни зборови, наследени од поодамнешни времиња од старославјанските, од албанскиот и други балкански јазици, кои и денес заеднички ги употребуваат Албанците и Македонците во повеќе етнички мешани средини во југозападниот дел на Македонија:

„Тој број се движи некаде од 380 до 600 лексеми. Јазичните контакти во денешно време, значи, на дијалектно рамниште, исто така, се карактеристични особено за двојазични и повеќејазични средини.“

Albanische Hochzeit in Tetovo Mazedonien Flash-Galerie
Албанска свадба во ТетовоФотографија: DW/Toevski

Во оваа анализа на интеракциите на културите на двата народа и уште едно прашање: дали влијае врз соживотот квантитативната промена на соодносот Македонци – Албанци во конкретни средини?

Професорот Неделков вака одговара на ова прашање:

„Мислам дека не влијае. Таква ситуација имате во Дебар и во дебарското село Дебарце: таму има повеќе Албанци одошто Македонци. Таму ако седне на маса еден од Македонците и ако се вмеша со Албанците, овие сакаат да го задржат, не да го избркаат. Сакајќи да покажат на тој начин оти тој не им пречи.“

Професорот Џафери, пак, смета:

„Не, тој соживот се чува се уште, без оглед дали Македонците се во помал, или поголем број. Албанците пак ги почитуваат традициите на заедништвото. Народот е тој што ги гради блискостите, не поединецот. Народот одгледува заедништво, тој го создава соживотот. Ако ние кренеме раце од овие работи, тогаш си судиме самите на себе: да ги загубиме овие многу големи вредности.“

„Традициите на соживотот низ вековите и тоа не само на македонскиот и албанскиот етникум можат да бидат основа за градењето на заедничката иднина, но, само ако не им се дозволи на политиката и национализмите да ги уништат таквите придобивки“ – предупредуваат нашите соговорници.

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Трајче Тосев