Да ги сочуваме нашите „очила” кон светот | Северна Македонија | DW | 26.01.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Да ги сочуваме нашите „очила” кон светот

Јазикот не е и не смее да биде догма. Тој е како острица од нож. За да се одржува и употребува потребно е време – но треба и навреме тој да се „остри”. Пишува Синоличка Трпкова

"Линвистиката е веројатно најконтрoверзната

сфера во академските кругови.

Натопена е со крвта на поетите,

теолозите, филозофите,филолозите,

психолозите, биолозите и невролозите,

заедно со преостанатата крв на грамтичарите.Рaс Рajмер

                   

Јазикот служи за комуникација на нашите мисли, емоции и потреби. За лесно и ефикасно да се функционира во една заедница се зборува еден јазик, најчесто јазик на кој сме го учеле и осoзнавале светот. На тој јазик можеби ни зборувале и родителите, но тоа може да биде јазик што е договорен во една заедница и е општоприфатен како официјален во секојдневната комуникација. Јазикот освен како основна алатка за комуникација, може во некоја иднина да стане и запис-сведоштво дека некој народ постоел и достигнал некакво ниво во културна, научна и цивилизациска смисла. Секој четиринаесетти ден во светот умира по еден јазик и во наредниот век половината од околу 7.000 активно употребувани јазици ќе исчезнат, односно ќе бидат заменети со мандарински - кинески, англиски или шпански јазик.

Јазикот не е догма

Го гледам светот „низ очилата” на мојот јазик – рекол еден стар индиски учител. Ние што живееме во една мала земја токму преку „очилата” на нашиот јазик сме ја создале сликата за светот што нѐ опкружува. Јазикот и делата на Блаже Конески, Петре Андреевски, Марко Цепенков, Григор Прличев, Коста Рацин, Горан Стефановски биле мои очила. Сум имала среќа да бидам воспитувана од мајка-уметник, вљубеник и познавач на македонскиот јазик и книжевност - писател, актер, рецитатор, учител. Нејзиниот влог во моето сочувување и негување на мајчиниот јазикот е огромен - во секојдневниот говор, во пишаниот збор, а особено во мојата професија. Годините што ги минав на театарската сцена особено се врзани со јазикот, како средство за искажување на мислата и емоцијата на актерот, она најинтимното и најтешкото за кажување. Но знам како звучат и Шекспир, Молиер, Чехов, Бонд, Милер на македонски и како тие допираат и комуницираат со овдешната публика. Преводите (препевите) на овие автори, поставени на сцена од наши актери и режисери, биле потврда дека имаме богат, специфичен и мелодичен јазик, но и дека имаме „наши очила” за гледање на светот. Зашто театарот отсекогаш бил еден од класичните и сигурни начини за зачувување и одржување на јазикот. 

Претходни колумни на авторката: 

Потрага по гробот на Александар

И животот чека свој термин

Желбата, упорноста и потребата да се внимава на граматиката и правописот и да се негува говорот, спласнуваа години наназад, но и не се прифаќаа лесно од новите генерации (освен ако не се лингвисти!). И самата се наоѓам во чести ситуации кога губам сила донкихотовски да им укажувам и да ги коригирам студентите за јазични и граматички грешки. Но, од друга страна, јазикот не е и не смее да биде догма. Тој е како острица од нож. За да се одржува и употребува потребно е време – но треба и навреме тој да се „остри”. Години наназад се соочуваме со генерации на коишто сѐ потешко им оди пишувањето и изразувањето на македонски (мајчин) јазик. Граматиката и правописот малку или воопшто не се знаат, македонскиот речник осиромашува, но затоа се „збогатува” со (непотребни) новокомпонирани кованици од странски зборови (најчесто англиски), за коишто имаме наши точни зборови. Но можеби тоа и не е суштинскиот проблем. Јазикот е „код” на една заедница, на една средина, преточен низ приказни или зборови - симболи што неа ја одржуваат, со специфични значења и сведоштва за историјата и природата. Тој е аманет за опстанокот на една заедница. Можеби во некоја далечна иднина некој (стар) дигитален запис од „мртов” јазик ќе им открие на оние по нас како се живеело, опстанувало или исчезнувало во некои тешки времиња?

Neue mazedonische Rechtschreibung vorgestellt (MIA )

Граматиката и правописот малку или воопшто не се знаат,

Усовршување наместо уништување

Мојата професионална врзаност со телевизијата, театарот и филмот, ми била секогаш предизвик за негување на јазикот. А медиумскиот, дигитален и интернет простор се денешните прозори низ коишто го гледаме светот. Тоа подразбира дека и нашиот културен, научен и уметнички напредок во ова дигитално време треба да оди „рака под рака” со јазикот. Но усовршувањето на технологијата со која комуницираме со светот треба да значи и усовршување на јазикот, а никако негово уништување, со кое секојдневно се среќаваме на социјалните мрежи, на интернет-порталите и другите медиуми во виртуелниот свет. Тој простор не бил никогаш како сега полн со сѐ и сешто, а „гладен” за домашни креативни, образовни, уметнички, детски и забавни содржини и програми, како наши модерни „очила”. Зашто тие се важни културни алатки и средства за одржување на јазикот. Тие тешко се создаваат, но само со еден „клик” влегуваат во секој дом и допираат до секоја возраст. Во исто време тие го поттикнуваат гледачот (или читачот) да се препознава и обединува преку јазикот, каде и да е. Јазикот треба секојдневно и внимателно да се учи и негува - за да живее, за да се „остри”, да „блеска и сече”, за да биде нашето најсилно оружје. Ова е една од клучните стратегии со којашто треба да се чува и одржува нашиот идентитет, не само за нас овде, туку и за сите Македонци ширум светот. За ова да стане реалност потребен е слух, воља и поддршка од сите општествени институции, но и од нас сите како општество. Под услов да ни е јасно што сакаме да оставиме зад себе за идните поколенија, особено за оние надвор од земјата, чијшто “македонски” полека и сигурно гасне.

Можеби „лингвистиката е најконтроверзната сфера во академските кругови, натопена со крв”, според писателот и новинар Рајнер, но јазикот, како што рекол нашиот голем поет и лингвист Блаже Конески, за нас бил и ќе остане „нашата единствена таковина”. Затоа треба да сториме сѐ за да го сочуваме - најдобро што можеме и умееме!

 

DW.COM

Реклама