Да возам Ферари, макар еден ден!
22 април 2015Ник Бренеке не може да дочека. Денеска си дозволи нешто посебно. Еден цел ден ќе има на располагање Ауди Р8.
„Ваков автомобил не се вози секој ден и затоа чувствувам и по малку трпнење во прстите“.
Ник е конечно на пат и може да го притисне гас-педалот.
Тоа го овозможува еден претприемач од Магдебург. „Моушн драјв“ изнајмува луксуз на тркала. Започнаа пред шест години со еден единствен автомобил. Во меѓувреме фирмата има десетина филијали во Германија, Шпанија, Италија и Естонија. Се нуди се‘ што срцето ќе посака: од БМВ, преку Порше до Ламборгини. И муштериите се најразлични.
„Би започнал со студентите, 18-19-годишни кои штедат цела година за еднаш во годината да возат Ферари, Ламборгини, па се‘ до бизнисмени кои се на патувања. Од странство има многу меѓународни муштерии. Доаѓаат и луѓе во поодмината возраст и велат: ’Сон ми е барем еден ден да возам Порше или Ферари, затоа што никогаш не можев да си дозволам да си го купам’“.
Со 200 евра дневно, најевтино е Порше. За Ауди-то, Ник Бренеке морал да плати 700 евра и повторно ќе го стори тоа.
„Се‘ уште ме лазат морници по возењето низ тунелот, тоа беше неверојатно. Од тоа имам покачен притисок и зголемување на срцевите отчукувања. Инаку, добро сум“.
Тоа не е само автомобил кој го изнајмувате, вели тој. Тоа е едно животно чувство. Е па господа, стартувајте го моторот!