Дачиќ: Народите се помирија, но политичарите тоа не го сакаат
17 септември 2012„Ние, дваесет и две години по распадот на Југославија, зборуваме за тоа кој е виновен и докажуваме кој е поголем Србин, Бошњак, поголем Хрват, а народите и државите ни пропаѓаат“, рече српскиот премиер Ивица Дачиќ на предизборната конвенција на Социјалистичката партија на Република Српска.
Српскиот премиер во Бања Лука порача дека не се потребни прегратки и бакнежи и истакнување на тоа кој е поголем Србин, туку „треба да се работи својата работа“ и да „му се помага на народот“.
„Една работа знам - никогаш не поддржувавме воени злосторства, никогаш не поддржувавме геноцид, никогаш на поддржувавме создавање голема Србија, туку ги поддржувавме правата на Србите каде и да живеат - во Хрватска, БиХ Србија, на Косово и Метохија“, нагласи тој.
Србите, според Дачиќ, мора да знаат што е политиката на нивната држава, истакнувајќи дека се кандидирал на изборите во Србија затоа што сакал да води „јасна, цврста и одлучна политика“. Според неговите зборови, Србија нема кредибилно место во меѓународната политика „зашто јавно говори едно“, а на друга страна не се противи на потезите на меѓународната заедница. „Јас тоа никогаш нема да го правам. Ќе сторам се‘ за Србите да живеат во мир, каде и да живеат“, порача српскиот премиер, додавајќи дека меѓународната заедница ќе ја цени само онаа Србија која јасно ќе каже „што може, а што не може“.