Зголемување даноци или битка против сивата економија? | Економија | DW | 24.05.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Економија

Зголемување даноци или битка против сивата економија?

Македонската економија може да си дозволи даночни поместувања откако ќе сузбие барем половина од сивата економија, која изнесува речиси 40% предупредуваат експертите.

Падот на економијата предизвикан од пандемијата на Ковид-19 создаде сериозен притисок и влошување на македонските јавни финансии што се ефектуираше преку намалување на буџетските приходи и зголемени буџетски расходи направени заради поддршка на компаниите и граѓаните. Големиот јаз во јавните финансии од минатата година продолжува и во првиот квартал од 2021 година, што создава буџетски дефицит, но и го зголемува долгот на државата.

Загрижувачки податоци

Според последните податоци, задолжувањето надмина 7,1 милијарди евра, а јавниот долг се искачи на 62,5% од брутодомашниот производ. Црвена зона и покрај прогнозите или најавите дека економијата заздравува како што власта милува да зборува периодов. Податоците се загрижувачки, посебно ако се има предвид дека кризата е далеку од завршена, а изворите на пари сѐ поскапи. Во вакви услови, дилемите се како да се менаџираат состојбите, посебно во делот на долгот кој расте со загрижувачко темпо. Од 2017 тој е зголемен дури за 2,5 милијарди евра.

Повеќе:

„Имаш куќа - врати стан“ - трипати поголеми даноци за богатите

Даночни реформи

Плановите на Владата се состојбата да се стабилизира преку креирање повисоки стапки на економски раст, но и даночни реформи за кои веќе е во тек и стручна дебата. Какви конкретно сѐ уште е нејасно, но веќе се заговараат опции за враќање на прогресивното оданочување, повисок данок на додадена вредност, па дури и кризен данок како во 2001 година. Од Владата велат дека се разговара, но засега нема конкретни предлози за евентуалните мерки:

„Ако даночната реформа значи воведување на прогресивното оданочување, велам - зошто да не? Се покажа дека во кризата некои богати станаа уште побогати и поради идеолошкото убедување сметам дека треба да имаме прогресивно оданочување – богатите треба да платат и да им вратат на посиромашните. Ако значи воведување нов данок за посиромашните, велам - не, затоа што ним им должиме за да излезат од прагот на сиромаштија и да почнат да живеат достоинствено“, изјави вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

Nord-Mazedonien | Gebäude der Regierung in Skopje

Од Владата велат дека се разговара, но засега нема конкретни предлози за евентуалните мерки

Да не се избрзува

Промените се нужни за да може да се менаџираат состојбите, посебно во делот на јавниот долг. Експертите сугерираат дека не смее да се избрзува. Сугерираат внимателност и издржаност во политиките:

„Во економијата нема бесплатен ручек. Позајменото мора да се врати. Освен старите кредити, Македонија мора да ги враќа и кредитите кои беа земени заради ублажување на последиците од коронакризата. Враќањето на кредитите може да се прави и со ново задолжување, но тоа не е долгорочно трајно решение. Вистинското решение е преку водењето на здрави и конкурентни економски политики и спроведувањето на реформи во економијата да се создадат услови за економски раст, што ќе ефектуира зголемување на буџетските приходи и контролирање на буџетските расходи со цел создавање на буџетски суфицит, од кој ќе се сервисира задолжувањето“, коментира за Дојче веле, Павле Гацов, претседател на Здружение на даночни советници.

Повеќе: Ќе излезат ли милијардите од под перница?

Фокус на сивата економија

Сепак, тој предупредува дека форсирањето на политиките за промена на даноците е погрешна, посебно во услови на драматично високо ниво на сива економија, но и на корупција. Пристапот треба да биде комбиниран, но со фокус на битката против сивата економија:

„Обидот да се подобрат јавните финансии преку зголемување на даноците, без претходно решавање на високото учество на сивата економија вклучувајќи ја и борбата против високата корупција нема да даде добри резултати и ќе испрати лоша порака на економските субјекти. Ако се зголемуваат даноците без да се отворат механизми за опфат на сивата економија, зголемени даноци ќе плаќаат компаниите и граѓаните кои и досега плаќале даноци и ним ќе им биде зголемен даночниот товар. На субјектите надвор од системот ваквата мерка ќе им ги подобри позициите и нема да ги чини ништо. Напротив, тие и така нема да плаќаат даноци, како што не плаќале и досега, а згора на тоа, со оглед дека се конкуренција на формалната економија, нивната позиција ќе се подобри - имено, цените на услугите и добрата на субјектите од формалната економија ќе мора да бидат зголемени поради зголемените даноци, а нивните цени не мора да се зголемуваат“, предупредува Гацов.

Нелојална конкуренција

За да се разбере за колкава ценовна предност се работи, Гацов појаснува дека субјектите од неформалната економија, освен што не плаќаат ДДВ (не издаваат фискални сметки), не плаќаат нуту данок на личен доход, данок на добивка, данок на вкупен приход, социјални придонеси. Создаваат нелегален доход кој надминува 50% од продажната цена. Од друга страна, пак, зафаќањето на државата и на локалната самоуправа  во делот на фирмарина, данок на промет на недвижности, данок на имот, комунални давачки, ги прави неконкурентни субјектите од формалната економија на субјектите од сивата економија:

„Затоа сметам дека токму 'базенот' на сивата економија е адресата од која може да со остварат поголеми буџетски приходи и да се елиминира или значајно да се намали потребата за зголемување на поединечниот даночен товар, односно воведувањето на прогресивно оданочување на граѓаните како единствен модел за зголемување на јавните приходи. Релевантните меѓународни финансиски институции и понатаму сивата економија ја мерат како една третина од вкупната економија. Само заради овој податок, сивата економија треба да се третира како државен непријател“, предупредува Гацов.

Armut in Mazedonien

На сиромашните им должиме за да излезат од прагот на сиромаштија, вели вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи

Политичка волја

За намалување на сивата економија се зборува постојано, многу се ветува, но досега и многу малку се прави за таа реално и да се намали. Дел од упатените предупредуваат дека клучниот проблем е отуството на реална политичка волја кај сите досегашни влади.

„Никој не сака да се нафати да направи даночна ревизија на сите, апсолутно сите општини за тоа колку се собира данок во секоја општина. Откако ќе се направи тоа, ќе видиме каде имаме даночна евазија, па дури тогаш ќе почнеме да дискутираме за решавање на даночната евазија кое треба да оди со реклами, кампања, да се плаќа данок, но истовремено и да се оди со инвестиции во пат, водовод, за да видат граѓаните и правните субјекти дека тоа што се прави е заради тоа што се плаќа данок“, укажува бизнисменот Горан Рафајловски. 

Клучно, според него, е пристапот да биде сериозен, а мерките ригорозни:

„Во старт, казните треба да бидат на ниво на опомени или минимални. Но за втора казна, тогаш треба да се оди ригорозно, да се конфискуваат стоки од субјектите. И кога со сериозна посветеност и работа ќе успеете да ја намалите сивата економија од официјалните 38% на 20% тогаш ќе видите дека во државната каса по основ на сите даноци ќе добиете по 300 или 400 милиони евра кои нема да бидат од позајмување и ќе целиш на даночна евазија од 10% што секоја модерна европска земја ја има. Не велам дека не треба да се крене и данокот на додадена вредност, лага е дека не треба. Сите имаа повисок ДДВ од нас, дури и една Германија. Не можеме да разбереме дека државата не може да се развива ако нема пари, но од друга страна тие пари кои ќе се соберат по овие основи никако не смее да одат на плати на вработени во администрација, туку во инвестиции“, предупредува  Рафајловски.

Гледај видео 00:58

Предностите и слабостите на прогресивниот данок

Користење искуства

Експертите сугерираат дека самото формализирање на сивата економија е процес за кој е потребна политичка волја, сет на мерки и алатки кои брзо ќе покажат ефекти. Искуствата од другите земји, според Гацов, даваат насоки како да се спроведува овој процес и истиот со експертска помош да се имплементира во македонски услови.

„По успешното спроведување на процесот на формализирање на сивата економија, даноците се една од алатките во овој процес (но не во насока на нивно зголемување) и по задоволувањето на парадигмата 'сите да плаќаме даноци', помала ќе биде политичката и општествена цена за преод кон фаза 'побогатите да плаќаат повеќе'. Притоа и овде не мислам на остра даночна прогресија каква што имавме во 2019 година“, смета Гацов.

Плановите на Владата за промени во даночната политика ги критикува и опозицијата, која инсистира на задржување на политиката на рамен данок. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ оди и чекор подалеку во стратегијата и инсистира на политика на сукцесивно намалување на данокот на ниво на 8% од сегашните 10%.

Повеќе: Прогресивниот данок и битката за социјална еднаквост

Прогресивното или праведно оданочување беше едно од клучните ветувања на СДСМ на изборите во 2016 година. Измените стапија во сила во 2019 во делот на личниот доход, кога стапката на оданочување на приходите над 90.000 денари се покачи од 10, на 18%. Сепак, оваа мерка не издржа ниту една година, а стратегијата беше одложена до крајот на 2022 со образложение дека таа тогаш не ги дала посакуваните ефекти.