Дали ќе успее германската стратегија во војната во Украина? | Информации и анализи за Германија | DW | 31.05.2022

Посети ја новата страница на DW

Погледнете ја бета-верзијата на dw.com. Сѐ уште не сме готови! Вашето мислење може да ни помогне да ја направиме подобра!

  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Германија

Дали ќе успее германската стратегија во војната во Украина?

Санкции против Русија, оружје за Украина, но сето тоа воздржано, да не се стане страна во војната. Германската влада балансира на тенка жица во поглед на руската војна против Украина.

„Ова е брутална агресија. Ова е империјализам. И тоа никогаш нема да го прифатиме“. Пред неколку дена ова во интервју за Дојче веле го изјави германскиот канцелар Олаф Шолц, зборувајќи за руската војна во Украина. На меѓународен план, рече тој, сега се работи да се покаже дека „никогаш веќе не смее да има успешен обид за насилно поместување граници.“

Патот дотаму, според желбата на германсата влада, води преку построги санкции против Русија, што побрзо откажување од  рускиот гас и нафта  и пружање воена помош на Украина.

Меѓутоа,  Шолц и во земјата и во странство го доживуваат како неодлучен. Во владината коалиција (СПД-Зелени-ФДП) пред сѐ двајцата „зелени“ министри, за економија- Роберт Хабек и за надворешни работи – Аналена Бербок, инсистираат на испорака на тешко оружје.

И Мари-Агнес Штрак-Цимерман (ФДП), претседателка на Комисијата за одбрана во Бундестагот, во април во телевизиско интервју за јавниот сервис ЦДФ се пожали: „Канцеларскиот кабинет има уште потреба од поттик.“

Експертот за надворешна политика Јоханес Фарвик од Универзитетот во Хале стратегијата на германската влада ја опишува како „обид за пливање во конвој со партнери“. Кога станува збор за ембаргото против Русија и  испораки на оружје на Украина,  кабинетот од Берлин „барем јавно, не поставува сам големи акценти, туку обично со доста колебливост го прави она што  партнерите  веќе малку претходно го направиле.“

Што сака всушност Германија?

Андриј Мелник, украинскиот амбасадор во  Германија,  веќе со недели му се обраќа на канцеларот на начин на кој досега ниеден дипломат не му се обраќал на шеф на германска влада: минатиот петок за весникот „Билд“ на пример изјави: „Од воена точка на гледање, Берлин едноставно ја остави на цедило Украина."

Мелник во разговор за Мрежата на германски редакции изјави дека се сомнева во тоа Шолц вистински да сака да испорача тешко оружје, туку можеби чека „додека не дојде до прекин на огнот- тогаш ќе престане притисокот врз Германија и веќе нема да има потреба од носење храбри одлуки".

И во телефонскиот разговор кој во саботата со Владимир Путин го водеа Олаф Шолц и францускиот претседател Емануел Макрон околу можен мировен договор, во некои престолнини се гледа со скепса. Лондонски „Тајмс“ во понеделникот вака го коментираше обидот за посредување: „Постои ризик Олаф Шолц и Емануел Макрон со својата идеја да ја поткопаат западната солидарност. Неминовно се наметнува сомнеж дека тие сакаат судирот да го окончаат во своја корист, а не за добро на Украина.“ 

Ukraine | Annalena Baerbock in Irpin

Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок во посета на Ирпин, Украина

Кизеветар: Шолц „не сака Украина да победи во оваа војна“

Обвинувањата дека канцеларот игра на картата време, стигнуваат и од германски политичари. Флоријан Хан, пратеник од ЦДУ во Бундестагот и член на Комисијата за одбрана, во интервју за магазинот „Цицеро“ вели: „Канцеларот сака да ја одложи испораката на оружје.“ Експертот за одбрана од ЦДУ, Родерик Кизеветер вака го обвинува Шолц: „Се плашам дека канцеларот не сака Украина да победи во оваа војна. Да победи во смисол руските трупи да бидат протерани од земјата“.

Шолц неодамна изјави: „Русија не смее да победи во оваа војна“, но испораките на тешко оружје се одложуваат. На пример, на противвоздушните ветени тенкови од типот „Гепард“, одамна повлечени од употреба во Германија, им недостига муниција.

„Сојузниот канцелар е еден од разумните гласови кои од една страна не оставаат сомнеж во солидарност со Украина, но од друга –  но не од кукавичлук, туку зашто не сакаат да учествува во војната – се чини дека размислуваат и за споредните ефекти кога станува збор за испорака на оружје и не спаѓаат во агитатори“, вели Јоханес Фарвик од Универзитетот во Хале.

Руски платеници во Западна Африка

Шолц  во меѓувреме, во текот на посетата на неколку африкански земји, се обиде да пронајде сојузници за својата стратегија. Тоа вклучува и желба за добивање гас од Сенегал во иднина, зашто Германија низ цел свет бара алтернативи за рускиот природен гас.

Германските војници во Мали исто така чувствуваат последици од руското воено влијание во Африка. Тамошната влада одржува блиски односи со Москва и наводно дозволува слободно дејствување на руски платеници од групата Вагнер. Шолц нивното влијание го нарече „разорно“. Бундестагот реши да се прекине обуката на војници во Мали, но Бундесверот ќе учествува и натаму во тамошната мировна мисија ОН МИНУСМА. Германските единици би требало да останат во Нигерија, вети канцеларот.

Flugabwehrpanzer Gepard

Германски тенкови „Гепард“ за противвоздушна одбрана

Санкциите ги оптоваруваат и оние кои не се вклучени

Меѓутоа, најголем проблем за Африка, како последица на војната во Украина, е наглиот раст на цените на храна и гориво, се заканува глад. Во интервјуто за ДВ Шолц вети економска помош за погодените земји, но отфрли идеја за субвенции заради амортизирање на зголемувањето на цените ширум светот. 

„Мораме да ги наведме сите земји кои произведуваат нафта и гас да го зголемат производството, заради намалување на притисокот на светскиот пазар“, рече Шолц.

Во Јужноафриканската Република, Шолц мораше да увиди дека не ја делат сите неговата стратегија кон Украина и Русија. Во ОН, на почетокот на војната, за резолуцијата со осуда на руската инвазија врз Украина, 35 земји беа воздражни, меѓу нив и 17 африкански земји.

Јужноафриканскиот претседател Сирил Рамафоса, на забелешката на Шолц дека таквата воздржаност е неприфатлива, укажа на негативните последици на санкциите: „Дури и земјите кои се посматрачи или не се дел од судирот, ќе страдаат поради санкциите“. Тоа звучеше како објаснување.

Нов Авганистан?

Во интервјуто за ДВ, Олаф Шолц апелираше до Владимир Путин, укажувајќи на руските интереси: „Војната никогаш нема да заврши добро за неговата земја“. Санкциите, рече тој, „руската економија ја вратија со децении наназад“, дури и само затоа би требало да се стави крај на војната.

Но, крај на војната во моментов не е на повидок. Русија со ненамалено темпо ја продолжува својата офанзива, барем во источна и јужна Украина. Украинскиот претседател Зеленски пак сега бара од Русија откажување од илегално окупираните украински територии, вклучувајќи го и Крим, анектиран во 2014 година. Се чини, просторот за преговори за мир сега е еднаков на – нула. 

Германската влада очигледно притоа не сака да го приморува Зеленски на било што, смета – Украина е таа која треба да ги носи одлуките под кои услови сака склопување мир.

Јоханес Фарвик смета дека „е сериозна грешка преголемо врзување за украинските цели. Ние секако имаме подруги интереси од Киев, како што е избегнување директна војна со Русија, во која Украина, од разбирливи интереси, сака да нѐ вовлече. Ние тоа по секоја цена треба да го избегнуваме.“

Не би требало, вели Фарвик, да биде табу „да се изврши притисок врз Украина, за да се согласи на компромисно решение со Русија (...), дури и ако тоа значи губење дел од територијата. Засега е тоа подобро отколку долгорочни ескалации со несогледлив исход.“

Ако украинските услови за мир бидат нереално високи, а Русија ја продолжи борбата, Украина би можела да се соочи со долготрајна војна. Тоа за сојузниците на Киев може да значи дека со години треба да го поддржуваат со пари и оружје и да им помагаат на бегалците.

Така можеби се наѕира и некој „нов Авганистан": со години финансиски, воен и хуманитарен ангажман, без предвидлив крај. Очигледно е дека излезно сценарио нема, како во Москва, така и во Киев и во Берлин.