Дали членките на ЕУ ќе ја „одблокираат“ Македонија? | Македонија | DW | 16.04.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Дали членките на ЕУ ќе ја „одблокираат“ Македонија?

ЕК утре дава оценка за напредокот на патот на евроинтеграција. Се очекува Македонија и Албанија да добијат препорака за отворање на пристапни преговори, БиХ и Косово ги очекуваат критики, а Србија и Црна Гора - поттик.

Шест земји од Западен Балкан утре (17. април) ќе добијат од Европската комисија длабинска анализа на состојбата, заснована на политички и економски критериуми, како и проценка на способноста за преземање на обврските кои ги носи членството во ЕУ. Во Брисел пред објавувањето на овој извештај најавија дека поддршката која ја дава ЕУ во процесот на проширувањето на никој начин нема да влијае ниту да ја разубави состојбата на демократијата, владеењето на правото, човековите права, економијата и усогласеноста со ЕУ-стандардите во секоја од шесте партнерски земји од регионот. Според увидот кој го имаше Дојче веле во годинешниот извештај, владеењето на правото, организираниот криминал и корупцијата, слободата на изразување и билатералните спорови повторо се оценети као болни точки на целиот регион.

Повеќе: 

Македонија реализира, ЕК ќе валоризира

Албанија и Македонија подготвени за натамошен чекор кон членство во ЕУ

Македонија и Албанија, според првиот увид во Извештајот на ЕК, утре би требало да добијат препораки за отворање на пристапни преговори. Соговорникот на Дојче веле, Едуард Кукан, член на Надворешнополитичката комисија на Европскиот парламент и долгогодишен претседател на Комисијата за соработка со Западен Балкан, смета дека двете земји во изминатата година објективно направиле значаен напредок на патот кон ЕУ.

„Албанија изврши длабока реформа на правосудството која, кога ќе се примени, ќе биде далеку најважна реформа спроведена меѓу земјите во процесот на проширување, а би рекол дури и посеризона отколку што е тоа случај во некои земји-членки на ЕУ“, објаснува Кукан.

Европската комисија во своите оценки нагласува дека Албанија напредува по сите пет клучни приоритети неопходни за приближување кон ЕУ, почнувајќи од реформата на јавната администрација, правосудните реформи, борбата против корупцијата и организираниот криминал и заштитата на човековите права. Претседателот на ЕК, Жан-Клод Јункер на почетокот на годината најави дека ЕК, ако Албанија продолжи со започнатиот реформски пат, на владата во Тирана ќе ѝ даде препорака за отворање пристапни преговори со ЕУ во првите шест месеци од 2018. година, што, по сѐ судејќи, и ќе биде случај.

EU-Kommissionspräsident Juncker in Mazedonien (picture-alliance/abaca/V. Abdul)

Претседателот на ЕК, Жан-Клод Јункер и македонскиот премиер Зоран Заев во Скопје, архива

Дали земјите-членки ќе ја „одблокираат“ Македонија?

Кога е Македонија во прашање, таа најдолго чека на отворање на пристапните преговори. Земјата од 2005. година има статус на кандидат, а препорака на ЕК за пристапни преговори добиваше веќе двапати - во 2009. и во 2012. година. Обата пати препораката не ја доби неопходната поддршка од земјите-членки на ЕУ, на прво место поради отвореното прашање за името на земјата, на кое се противи Грција. Македонија по последните избори имаше драматичен период на смена на старата и доаѓање на нова влада, а оценката на Комисијата е дека земјата „ја надмина политичката криза“ и дека покажа „јасна политичка волја за напредок“. Едуард Кукан се сложува со ставот дека Македонија видно напредуваше во последната година. Тој додава дека сегашниот премиер Зоран Заев спроведува динамична надворешна политика и се обидува да ги реши отворените прашања. По години стагнација, преговорите околу името на земјата се придвижени, а државата добива уште една прилика од членките на ЕУ да го добие долгоочекуваното „зелено свелтло“ за почеток на пристапните преговори. 

„Често се случува земјите-членки своите позиции да не ги засноваат само на резултатите кои ги постигнуваат во процесот на евроинтеграции, туку и на политичките и билатералните прашања. Би апелирал на Советот објективно да ги вреднува резултатите кои Македонија и Албанија ги постигнаа на својот европски пат“, порачува Кукан.

Повеќе: 

Коѕијас: не ни треба гнил компромис

„Gornamakedonija" е неприфатливо име за Димитров

Неофицијални информации до кои дојде Дојче веле во Брисел велат дека политичарите од ЕК практично до самото усвојување на Извештајот преговарале со земјите-членки на ЕУ околу отворање на пристапните преговори со Скопје и со Тирана.

БиХ и Косово - чекор нанапред, па чекор наназад

Босна и Херцеговина е земја која во регионот има најдолга „традиција“ на лоши оценки во извештаите на ЕУ. ЕУ безброј пати ја повикуваше БиХ и нејзиното раководство да ги исполни реформите на кои се обврза и во корист на народот да ги надмине и натаму присутните етнички поделби во земјата. Новиот Извештај за БиХ повторно укажува на бавноста на реформските процеси и непроменетите структурни проблеми кои се пречка во напредокот.

Она на што ЕК и годинава посебно ја предупредува БиХ се социјално-економските реформи, јакнење на владеењето на правото, реформа на јавната управа и итно усвојување на изборен закон и адекватно функционирање на Механизмот за координација. 

Brüssel Vermittlung Serbien und Kosovo (picture-alliance/AA/EU Council)

Од Белград и од Приштина се бара поголема посветеност на нормализирање на меѓусебните односи

На Косово работите не функционираат како што би требало

Ни Косово не би требало да се надева на позитивен став на ЕК. Владеењето на правото и економските аспекти во земјата и натаму се под голем прашалник, а нормализацијата на односите со Србија е во стагнација со повремени ескалации и тензии на обете страни. Од Приштина се бара посефикасна работа на примената на Спогодбата за стабилизација и асоцијација, но и поголем ангажман во дијалогот со Белград и примена на сите постигнати спогодби, на прво место спогодбата за формирање Заедница на српски општини.

Визната либерализација нема да биде дел од извештајот за Косово. Приштина по долго време исполни еден од двата преостанати услова за таа цел и ја усвои демаркацијата на границата со Црна Гора. Неофицијално, поради големата имиграција од Косово, членките на ЕУ се исклучително претпазливи кога е во прашање ставањето на земјата на белата шенгенска листа.

Србија и Црна Гора - лидери со заеднички проблеми

Србија и Црна Гора уште лани од ЕК добија пофални етикети за лидери во процесот на евроинтеграции. Тие се единствени од Западен Балкан кои се вклучени во пристапни преговори со ЕУ.

„Јасно е дека овие земји ќе добијат поддршка за побрзо отворање и затворање пристапни поглавја, но со исполнување на сите критериуми, без кратење на патот“, вели Едуард Кукан.

Еден од најважните, ако не и најважен дел во Извештајот на ЕК за Србија, се однесува на процесот на нормализација на односите со Косово. Конфликтите кои избиваат на релација Белград-Приштина се пречки за стабилноста на целиот регион, сметаат во Брисел, добрососедските односи се важен предуслов. Србија и овојпат се соочува со критики во поглед на реформата на правосудството, борбата против корупцијата и организираниот криминал и слободатана изразување. Сите тие се болни точки на целиот регион.

„Постои стагнација или дури и назадување на демократијата во регионот. Постојат разлики од земја до земја, но општата состојба не е добра. Владеењето на правото, транспарентност во јавните работи, соработка со цивилното општество и државните институции, сето тоа мора да се подобри. А слободата на медиумите и третирањето на медиумите од страна на власта е најзначаен проблем во Западен Балкан“, заклучува Едуард Кукан.

DW.COM

Реклама