Дали теророт станува секојдневие? | Свет | DW | 24.05.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Дали теророт станува секојдневие?

По терористичкиот напад во Манчестер, Европа посегна по веќе познатите ритуали. Тоа ја прикрива беспомошноста во борбата против теророт, иако политиката има на располагање и други можности, смета Феликс Штајнер.

Теророт повторно удри во срцето на европска метропола, овојпат во Манчестер. Повторно атак врз луѓе чија желба едноставно била да се забавуваат. Повторно самоубиствен напад и пак Исламска држава ја презеде одговорноста за смртоносниот терор, уште пред полицијата да успее да каже нешто за напаѓачот.

Посебно перфиден овојпат беше изборот на целта на нападот: концерт на тинејџерска ѕвезда, па меѓу жртвите има многу деца и тинејџери. Оној кој се сеќава на својата младост или има деца во тинејџерска возраст, знае со колкав трепет се исчекува ваква вечер. Со колкав жар и радост се оди на концерт. За таму да се падне во рацете на еден ѕверски убиец...Ниеден терор во светот не може да се оправда. Но, колку треба да е болен оној кој свесно и целно избрал вакви жртви? 

Известувачка и сочувствувачка рутина

Дежа ви и во поглед на односот кон теророт. На сите медиуми истите наслови: „Хронологија на теророт“, „Што е познато, а што не знаеме“. Несодржајни и воајеристички сведочења на очевидците: „Луѓето пискаа и бегаа“ - да , а што друго? „Насекаде лежеа расфрлани чевли“ - логично кај генерација која врвците ги смета за нешто старомодно. Безбројни реакции од музичкиот свет и од политиката: сите сакаат да ја изразат својата погоденост, а изгледаат сепак толку рутинирано. Од рано утро се твита: сите во мислите се со жртвите. И сите цивилизирани нации се солидарни со Велика Британија, па што и да значи тоа конкретно на еден таков ден.

Steiner Felix Kommentarbild App

Феликс Штајнер

Не смее да изостане ни затемнувањето на Ајфеловата кула во Париз од ноќеска. Се разбира, знак на жалост кој следното утро ќе може да се види на сите медиуми. Исто како и британската премиерка на местото на нападот и на комеморацијата организирана потоа. Сето тоа покажува дека Европа во меѓувреме влегла во рутина во односот кон ужасот. Ритуали кои треба да го прикријат непостоењето едноставен и брз ефикасен одговор во борбата против теророт. Каков што не може ни да има.

Како ништо да не било

А веќе следниот ден животот во Европа продолжува како ништо да не се случило. Луѓето и понатаму ќе одат на концерти, во трговски центри, на фудбалски натпревари или ќе ги посетуваат на пример Деновите на црквата во Германија. Можеби со чувство на несигурност, но сепак ќе одат. Затоа што одамна терористичката опасност ја имаат прифатено како нормалност. Политичката екстремна десница тоа ќе го смета за знак на слабост и ќе продолжи да се чалами, барајќи протерување на сите муслимани од Европа. А сите други во тоа ќе гледаат знак на јачина и непоколебливост, зашто човек не смее да дозволи теророт да го заплаши и поколеба.

Па сепак, политиката е на потег, а постојат и средства: на пример да се вршат засилени контроли, да се забранат и затворат сите верски објекти каде се радикализирале терористите. Такви има низ цела Европа. Или она што Доналд Трамп во неделата го направи сосем прагматично во Ријад: околу 50 државници, пред сѐ саудискиот крал, потпишаа договор за забрана на директно или индиректно финансирање на Исламска држава преку нивните држави. Можно е ниту тоа да не е од голема помош против теророт во европските градови, тоа ќе го покаже иднината. Но, во секој случај е многу пологично отколку стоењето со скрстени раце или глупавото фрлање бомби врз градови на Блискиот Исток, во кои живеат и цивили.

 

DW.COM

Реклама