Дали Скопје сакаше да се ослободи од Груевски? | Северна Македонија | DW | 17.11.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Дали Скопје сакаше да се ослободи од Груевски?

„Во Македонија луѓето се прашуваат како Груевски воопшто можел да ја напушти земјата“, пишува „Ноје цирхер цајтунг“. Весникот „Велт“ прашува зошто унгарскиот премиер Орбан би му помогнал на осуденик?

Печатот на германски јазик во повеќе текстови во викенд-изданијата се занимава со бегството на поранешниот македонски премиер Никола Груевски во Унгарија. И меѓу авторите на текстовите владее збунетост околу рутата на бегството. „Ноје цирхер цајтунг“ укажува дека Груевски, иако без пасош, со лична карта сосема легално можел да помине преку Албанија, Црна Гора и Србија.

„Велт“ пак објавува мапа на „веројатната рута“ на бегството, според која Груевски од Црна Гора поминал низ БиХ, Хрватска и Словенија до Унгарија, но без да понуди било какви докази за своето тврдење. Австриски „Куриер“ смета дека рутата поминува преку Србија, што се поклопува со информациите на Дојче веле дека Груевски во Србија влегол на официјален премин од Црна Гора.

Повеќе: 

„Бегалецот“ Груевски во Унгарија: нова Балканска рута

Унгарија демантира, но се множат доказите за „случајот Груевски“

„Во Македонија луѓето се прашуваат како Груевски воопшто можел да ја напушти земјата“, нагласува „Ноје цирхер цајтунг“. „На надлежните во најмала рака може да им се префрли немарност ако осуден престапник на денот на одлуката за своето последно барање за ревизија едноставно исчезне. Уште повеќе што сценариото за бегство во странство веќе беше разгледувано во медиумите. Полицијата, тајната служба и граничарите мора во подеднаква мерка да ги истрпат непријатните прашања“.

„Поради овие нелогичности има гласови кои тврдат дека владата на премиерот Зоран Заев свесно не го спречила заминувањето на Груевски. Навистина, бегството на правосилно осудениот почесен претседател на ВМРО ДПМНЕ за таа опозициска партија претставува потешка хипотека отколку тој да одлежеше казна во затвор и оттаму можеби да глумеше жртва на одмаздничката политика на владата“, пишува „Ноје цирхер цајтунг“.

„Велт“ ги пренесува шпекулациите според кои Груевски имал бугарски пасош или повеќе дипломатски пасоши, како што тврдат некои унгарски медиуми, или пак посебно одобрение од унгарските власти да влезе во земјата.

„Друго прашање е дали влезот во земјата е во согласност со унгарските закони. Изгледа дека не е, и самата влада во Будимпешта зборува за исклучок поради посебниот карактер на аферата. Но, за таков исклучок на прв поглед не постојат правни основи. Но, пред сѐ, дали бегството на Груевски било договорено и планирано со унгарскиот премиер Виктор Орбан?“, се прашува новинарот Борис Калноки. „И ако Орбан има замешано прсти во оваа игра, зошто го штити Македонецот?“

„Орбан во минатото често му помагаше на Груевски, дури и среде Македонија во изборните кампањи. Деловни луѓе од опкружувањето на Орбан исто така му помагаа на Груевски да воспостави деснопопулистички борбени медиуми. Но сега, како осуден престапник, Груевски е всушност токсичен. Неговата заштита моментно политички не носи ништо, напротив.“ 

„Едно од објаснувањата е Орбановата долгорочна стратегија на Балкан. Тој размислува слично на некогашните унгарски кралеви, кои во Балкан гледале своја зона на влијание, вели еден набљудувач. Орбан гради долгорочни позиции и мрежи, а еден нивен елемент е пораката дека во случај на потреба, можат да се потпрат на него.“

Повеќе: 

Груевизмот влезе во ЕУ

Груевски е марионета за нечии поголеми игри

„Можеби аферата со Груевски Орбан ја плаќа со политички капитал на Запад- САД веднаш бараа Груевски, кој се смета за наклонет кон Русија, да им биде испорачан на македонските власти. Но, на Балкан некои политичари, на пример во Србија и во Бугарија, би можеле со внимание да регистрираат дека можат да се потпрат на Орбан“, заклучува „Велт“.

Швајцарскиот „Тагесцајтунг“ пак пишува: „Ако е Унгарија сѐуште правна држава, правосудството би требало да покрене истрага против Орбан поради сомневање дека му помогнал на бегалец. Тоа би можело дури да го одведе премиерот во истражен затвор, зашто постои опасност од прикривање докази...Случајот Груевски ја разоткрива дволичноста на кампањата против бегалците. Зашто, колку на Орбан вистински му значи безбедноста на Унгарија, кога осуден престапник пушта да влезе во неговата земја?“

DW.COM

Реклама