Дали Путин веќе ја загуби војната? | Свет | DW | 20.05.2022
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Дали Путин веќе ја загуби војната?

Војната за Русите нема да биде загубена поради санкциите или на економски план. Путин оваа војна веќе ја губи и дефинитивно ќе ја загуби на бојното поле. Пишува Ивор Мицковски

На речиси три месеци од почетокот на руската инвазија врз Украина се поставува клучното прашање: Дали Путин веќе ја загуби војната од геополитички аспект?

Прашањето кое во себе носи и делумен заклучок силно се наметна по гостувањето на воениот аналитичар и пензиониран полковник Михаил Ходаренок во емисијата „60 минути“, каде во еден критички осврт без преседан на главната руска телевизија, предупреди дека војната за Русија се одвива лошо, а дека ситуацијата ќе стане уште полоша кога Украина ќе го добие тешкото и софистицирано оружје.

Потпомогнати од американската „Lend and lease“ воена помош, Украина до средина на јуни би требало да го добие најголемиот дел од тешкото вооружување и тренинг, што пак на Киев ќе му овозможи на терен да вооружи преку милион војници, десеткратно повеќе од актуелните можности на Москва.

Осврнувајќи се на украинските војници, Ходаренок кажа: „Желбата да ја бранат нивната татковина е присутна во голема мера. Крајната победа на бојното поле е определена од високиот морал на трупите кои ја пролеваат крвта за идеите за кои се подготвени да се борат“.

Интересно беше да се гледа како воениот аналитичар ја шокираше водителката на најпропагандистичката руска емисија, која делуваше изненадена, збунета, па дури и бесна пред критичката интервенција на полковникот.

Ivor Mickovski

Ивор Мицковски

Тоа кажува дека емисијата не била однапред подготвена со цел да се испрати некаква збунувачка порака до Западот, туку дека станува збор за автентично дисонантен став од утврдената политичка пропаганда на Путин, што пак кажува дека компактноста во рускиот домашен информативен дискурс почнува да се накривува и руши. И неслучајно таа интервенција доаѓа од воените кругови, макар и поранешни, бидејќи додека Путин ја губи војната на терен, војската останува можеби единствената компонента од режимот која има доволно моќ и е во состојба да го вразуми диктаторот.

Во секој случај полковникот Ходаренок си презеде на свои плеќи огромен ризик, и допрва ќе видиме дали и други старешини јавно ќе се надоврзат на неговите зборови, или пак неговиот глас ќе остане осамен како во пустина. Тоа што тешко може да се премолчи или одржи во тајност е воената состојба на терен за Русија, која бележи речиси само порази.

Русија досега не оствари ниту една цел

Настрана дефинитивниот пад на Мариупол, санкциониран со предавањето на војниците од Азовстал, пирова победа за Моска која ја чинеше огромни воени енергии и ресурси и добар дел од руската воена репутација, состојбите на терен не се воопшто добри за Русите. Клучниот проблем за Русија е што нема ресурси за подобро одвивање на војната, особено не пешадија, па оттука, секогаш кога ќе се преместат од една точка, таа веднаш е одново освоена од Украинците. И токму на тоа се однесуваше една од клучните поенти на Ходаренок во однос на успешноста на војната: „Украинците се екстремно мотивирани бидејќи се борат за јасна цел, односно, за спас на татковината“. И тука лежи еден од апсурдите на руската агресија, чија цел беше унитарно да ги втопи во Русија братските народи, украинскиот и белорускиот, но која најверојатно во учебниците по историја ќе биде запишана како „Крштелната војна на украинската нација“.

По три месеци војна, Русија не успеа во остварување на ниту една од своите воено-политички цели. Не успеа да ја собори украинската Влада, катастрофално ја загуби битката за Киев, а сега и онаа за Харкив, повлекувајќи се до својата граница. Концентрацијата на војската на југоистокот не ѝ донесе никаков напредок во Донбас, каде битката е крвава, но подеднакво заглавена и без напредок за Русите.

Ukraine | Ukrainische Soldaten stehen in Schützengräben

Украинците се покажаа како организирана, подготвена и мотивирана војска

Москва не успеа да го подели Западот, напротив - кохезијата помеѓу САД и сојузниците од ден на ден само повеќе расте. Приемот на Финска и Шведска во НАТО како и млакиот одговор на Москва говорат дека Западот успеа стратешки да ја обиколи Русија од југ до север без ниеден испукан куршум или изгубен војник. Германија го најави своето воено зајакнување и источното крило на НАТО бележи зголемување на воените трупи, бази и распореденото оружје. Американскиот и рускиот воен врв започнаа дијалог по речиси 84 дена тотална некомуникација, додека е повратена и комуникацијата помеѓу украинските и руските генерали.

Санкциите на Западот допрва ќе почнат да ги даваат своите ефекти, кои ќе бидат дуплирани доколку Европа се одлучи за енергетско ембарго. Фактот дека Москва е отсечена од технолошкиот увоз сериозно ѝ нанесува проблеми во нејзиното воено снабдување и надополнување на арсеналот кој забрзано се празни. Путин веќе има воведено тивка и тајна мобилизација, но ако таа стане јавна и масовна, тогаш ќе има сериозни политички проблеми дома. Русија не е во состојба да изведе уште една офанзива како онаа врз Киев, што поради проблемите со авијацијата која се сомничи дека тајно ја бојкотира војната на Путин, што поради слабата мобилизација и мотивација на пешадијата, што поради недостигот од високо технолошко и прецизно оружје.

Проблемот станува поголем

И сега проблемот за Москва одеднаш станува уште поголем поради фактот дека Украина има многу повеќе војници од Русија, далеку помотивирани, еднакво подготвени, и за уште многу кратко време послабо опремени. И тука лежи клучната порака на Ходаренок до руската јавност – украинската војна на отпор, нагло може да се промени во војна на контранапад. Односно, во моментот кога тие милион украински војници ќе добијат софистицирано западно оружје, крахот на руската армија ќе биде тотален.

Но, покрај стриктно воената интепретација, која е разбирлива за поранешен старешина, Ходаренок нагласува уште еден важен аспект, а тоа е геополитичката изолација на Москва. „Најголемиот проблем за руската воена и политичка ситуација е што ние сме во тотална геополитичка изолација. Наспроти Русија е коалиција на 42 држави, додека руските воено-политички и воено-технички капацитети се ограничени. Целиот свет е против нас, иако не сакаме да го признаеме тоа. Мора да се избориме со тоа“.

Karikatur Putin und NATO Osterweiterung RU

Карикатура „Како НАТО напредува кон Исток“

Сите овие аспекти - од воените, преку економските, до геополитичките - наведуваат на заклучок дека Русија за помалку од три месеци ја загуби војната во Украина, или поточно - ја губи војната со Западот. И веројатно клучната причина која (ќе) ја доведе Русија до пораз - на кратки или долги патеки неминовно ќе се случи пораз - е токму таа погрешна премиса поради која Путин тргна кон Украина. Односно, дека Украинците своеволно ќе ѝ се предадат на Русија и ќе го слават окупаторот. Путин покрена една погрешна војна од самиот почеток, тргнувајќи од тотално погрешна премиса. Впрочем и луцидниот критичар Ходаренок само јавно го кажа тоа што веќе сите го знаат и фактички го повтори и потврди тоа што уште во февруари го зборуваше: „Вооружен конфликт со Украина не е во руските национални интереси“!

- повеќе од авторот: 9 Мај – Еден датум, многу различни визии за Европа

Пораз на бојното поле

Сето ова не значи дека војната ќе заврши брзо, дека ќе заврши утре или дека допрва нема да следуваат мачни преговори и компромиси. Но, суштински, изгледа дека војната за Путин е загубена, затоа што војната која Русите ја замислуваа никогаш не се ни случи, туку се случи само серија нивни порази и катастрофални воени дебакли. Оттука, војната на Путин е загубена по дефиниција, од проста причина што недостасуваат сите предуслови за победа, што постои отсуство на сите замислени цели кои Русите си ги поставија.

- повеќе од авторот: Што би значел влезот на Шведска и Финска во НАТО?

Фактот дека НАТО и САД се определени да ја наоружуваат и поддржуваат Украина сѐ додека тоа е неопходно, дека Украинците се покажаа како одлично организирана, подготвена и мотивирана војска, како и фактот дека Западот и НАТО ја прифатија борбата на Украинците како универзална борба за западната демократија, слобода и стил на живот, говори дека Путин и Русија оваа погрешна воена авантура скапо ќе ја платат. Војната за Русите нема да биде загубена поради санкциите или на економски план. Путин оваа војна веќе ја губи и дефинитивно ќе ја загуби на бојното поле.