Дали пензискиот брод плови кон банкрот? | Северна Македонија | DW | 04.01.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Дали пензискиот брод плови кон банкрот?

Најавеното зголемување на пензиите доаѓа во време кога дефицитот во Фондот за ПИОМ вртоглаво расте и кога не успева навреме им ги префрли придонесите на приватните фондови. Дали овој брод плови кон банкрот?

„За 2016 година е предвидено ново зголемување на пензиите за пет проценти“, новогодишно им најави премиерот Никола Груевски на околу 300.000 пензионери во земјата. Најавата доаѓа во време кога приватните пензиски фондови алармираат дека државниот фонд не им ги префрла парите што се наменети за придонеси за нивните членови. Но, и во време кога дупката во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ) вртоглаво расте. Владата во декември и јавно призна дека без задолжување на странски пазари ќе биде доведена во прашање редовната исплата на пензиите. А дефицитот во пензискиот фонд со години расте. Во 2014 година, 43 отсто од вкупниот расход на Фондот се исплаќал преку буџетот, во 2013 и 2012 околу 42 отсто, а во 2011 година 35 отсто. Економистите потсетуваат дека пензиите се зголемуваат со повисока стапка од стапката на раст на домашната економија и дека таквата состојба не може да биде одржлива на долг рок.

СДСМ: Фондот е пред банкрот!

На политички план, оваа најава на премиерот се протолкува како уште еден обид за собирање изборни поени, и тоа во тешки времиња за пензиската каса. Реагираше опозицискиот СДСМ, со предупредување дека Фондот е пред банкрот.

„Пред заминување Груевски сака да зборува за пензиите, ама во септември 2016 година тој не само што нема да биде премиер, туку ќе се соочи и со одговорноста за целокупниот криминал на фамилијата во изминатите 10 години. Во моментов, половина од пензиите во Македонија се исплаќаат на товар на буџетот, затоа што Фондот е пред банкрот, а за исплата на пензиите Груевски и Ставрески постојано ги задолжуваат граѓаните со нови долгови. Лошата состојба е надградена и проширена со невиден грабеж на приватните пензиски фондови, и тоа со знаење на Груевски и Ставрески, што е кривично дело. За ова кривично дело, директорите на ПИОМ и МАПАС, но и кумот Ставрески, ќе се соочат со кривична одговорност од стоитици илјади осигуреници од приватните фондови, доколку Јавното обвинителство не реагира“, соопшти СДСМ.

Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ стигна одговор, но без акцент за состојбите во Фондот.

„На СДСМ им пречи тоа што македонските пензионери примаат највисока пензија во регионот. Во време на ВМРО-ДПМНЕ, од 2006 до денес најниската пензија е покачена за 94%, а просечната за 79%. Оваа година во октомври пензионерите ќе добијат уште едно покачување од 650 денари. За разлика од ова, СДСМ го преферира времето кога на пензионерите им ги намалија пензиите за 8%, кога ги делеа во 3 категории и им доцнеа со исплаќањето на пензиите. Затоа СДСМ се толку разочарани. Свесни се дека се приближуваат изборите и дека пензионерите ќе избираат помеѓу покачувањата кои им ги воведе ВМРО-ДПМНЕ и намалувањата на пензиите кое им го изврши СДСМ“, соопшти ДПМНЕ.

Mazedonien Ministerpräsident Nikola Gruevski

Премиерот Груевски вети ново покачување на пензиите.

Приватните фондови ги чекаат парите

Додека партиите полемизираат преку соопштенија, приватните пензиски фондови

алармираат дека заклучно со 15 декември, Фондот за ПИОМ им должи 13 милиони евра, пари кои осигурениците ги уплаќаат за пензиски придонес. Со тоа не само што се крши законот, туку се скратува и периодот за оплодување на средствата.
Месечно во Фондот за ПИОМ за пензиско осигурување се слеваат 18 отсто од платите на вработените. Од нив, 12 проценти одат во Фондот за ПИОМ, а 6 проценти во избраниот задолжителен втор пензиски фонд. Државниот фонд има законска обврска веднаш да им ги префрли тие средства, а најдоцна во рок од пет работни дена од приемот на придонесите. Каква е состојбата сега? Парите не се уплаќаат во приватните фондови во законските рокови и тие не можат да ги инвестираат и да ги оплодуваат. Во медиумите беше објавено известувањето што „КБ Прв отворен задолжителен пензиски фонд“ го испратил до надлежните институции во врска со ненавременото пренесување на придонесите. Во него е наведено дека заклучно со 15.12.2015 година, Фондот на ПИОМ нема уплатено 415.928.955 денари (околу 7 милиони евра).
„...Друштвото изразува загриженост за нередовниот пренос на придонесите од Фондот на ПИОМ на сметка на задолжителниот пензиски фонд, при што ова не само што претставува отстапување од Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување, туку за последица има скратување на периодот на оплодување на подоцна пристигнатите придонеси, а тоа има негативно влијание на состојбата на сметките на сите членови на задолжителниот пензиски фонд, што може да биде основа за поведување и соодветни судски постапки пред надлежните судови во Република Македонија од оштетените членови на пензискиот фонд“, се вели во писмото.
Од страна на Друштвото е утврдено дека просечниот број денови доцнење помеѓу евидентираните придонеси и уплатените средства за 2015 година, изнесува 35 дена, а во одделни индивидуални и повеќе од пет месеци. Во слична ситуација е и „НЛБ Нов пензиски фонд“. Нему Фондот за ПИОМ му должи околу 6 милиони евра. Доцнењето во исплатата е околу еден и пол месец.

МАПАС спие?
Во Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување е предвидена глоба за Фондот на ПИОМ во висина од 20.000 евра и 2.000 евра за одговорното лице, ако не ги пренесе придонесите во приватните задолжителни пензиски фондови во процентите и роковите кои се определени со закон. Во случај на повреда на одредбите од законот, предлог за поведување прекршочни и кривични постапки пред надлежен орган дава регулаторното тело - Агенција за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС). Поради новогодишните празници, одговорните од МАПАС не беа достапни да одговорат зошто со месеци замижувале и ги толерирале ваквите состојби.

Реклама